Во оваа статија ќе ги обработиме текстовите што ги пишувале апостолите, под името посланија, упатени до одредени поединци, црковни заедници или поголеми групи луѓе. Колку се точни тие посланија од археолошка и историска гледна точка? Дали можеме да бидеме благодарни што постојат многу податоци за општите прилики во коишто биле напишани тие дела, а кои ја потврдуваат нивната веродостојност.
Писмата на Апостолите
Едно од првите прашања со кои што се соочуваме во текот на проучувањето на посланијата се однесува на нивниот стил и на композицијата во споредба со останатите делови напишани во тоа време. Археолозите во 20 век открија многу приватни писма од времето на Апостолите кои ни зборуваат за стилот на пишувањето и кореспонденцијата која преовладувала во тоа време. Напишани на папирус, тие потврдуваат дека посланијата што ги напишале Апостолите се составени во стил вообичаен за тоа време. Вилијам Баркли вака пишува за Павловите посланија: ”Штета што Павловите писма воопшто се наречени посланија. Тоа се писма во најбуквална смисла на тој збор”. Толкувањето на Новиот Завет доста го помогнало откритието и објавувањето на папирусите. Во стариот свет папирусот бил материјал на кој биле пишувани поголемиот број документи… Песокот на Египетската пустина бил идеален за нивно зачувување, зашто папирусот иако е мошне крут трае се додека не се навлажни. Благодарение на тоа археолозите во Египет, од мноштвото материјали кои се распаѓале, спасиле документи, брачни договори, правни договори, државни обрасци и што е најинтересно, приватни писма. Кога ги читаме тие приватни писма откриваме дека постои образец на кој одговарале скоро сите писма, а и Павловите писма следат таков образец. До сега се наведени околу 15 000 документи на папирус од периодот од 2700 год. пред н.е. до времето на Новиот завет, па дури и го одминува. Од Библиска гледна точка најважни свитоци на папирус се:
- 87 папируси кои содржат делови на Новиот завет на Грчки јазик.
- свитоците од Мртвото море, откриени пред 50 год.кои содржат книги и коментари од Стариот завет
- Септуагинта, превод на Стариот завет (грчки превод на еврејското Свето писмо кој бил во општа употреба во времето на Апостолите)
Свитоците на папирусите со текст од Новиот завет потекнуваат од крајот на првиот, па се до седмиот век и се разликуваат според големина од делчиња кои содржат само неколку зборови до скоро комплетни книги од Евангелието, делата на Апостолите или Павловите посланија. Современите научници сега имаат на располагање повеќе од 5000 преписи на делови од Новиот завет на Грчки јазик. Освен тоа постојат уште 15 000 ракописи на други јазици кои потекнуваат од првите неколку векови од новата ера. Ниту еден друг значаен текст, било историски или верски, до денеска не се сочувал во повеќе од неколку десетици примероци. Читајќи ги приватните писма од времето на Апостолите откриваме дека нивниот уводен дел, по правило, содржел име на писателот, молитва за оној што го прима писмото и поздрав. Да погледнеме неколку карактеристични примери кои зборуваат како се вклопувале тие писма во контекстот на своето време.
Павловото послание до Римјаните
Апостол Павле во своето писмо до Римјаните повеќе пати ги повикува христијаните од нееврејско и еврејско потекло во Рим да ги порамнат меѓусебните несогласија. Кој историски настан можел да создаде таков раздор што се јавила потреба да се поставува ова предупредување? Павле понатаму спомнува дека писмото ќе го испрати од едно од коринтските пристаништа, Кенхреја, преку верничка на црквата Фива (Рим.16,1). Кога неколку год. порано за прв пат го посетил Коринт, апостол Павле се запознал со брачната двојка Прискила и Акила, обратени Евреи, кои биле меѓу прогонетите од Рим. Во Делата на Апостолите 18,2 читаме дека Евреите од Рим ги протерал царот Клавдиј околу 49год. пред н.е. Кога Клавдиј умрел, Прискила и Акила се вратиле во Рим (Римј.16,3). Од посланието до Римјаните можат да се забележат приликите кои настанале поради враќањето на христијаните од еврејско потекло во римската црква и потребата христијаните неевреи повторно да го прифатат нивното водство. Уште една потврда на веродостојноста на посланието може да се извлече од фактот дека апостол Павле во Римјаните 16 глава спомнува 26 луѓе. Стручните лица кажуваат дека нивните имиња биле доста чести во тоа време. Изненадува фактот дека има 13 имиња пронајдени во натписите или документите кои се однесувале на царската палата во Рим. Вилијам Баркли кажува дека “иако многу од наведените имиња биле вообичаени, тој факт (поврзаноста со царската палата) сепак доста кажува. Во Павле зборува за светите од Цесаревиот дом”. Можеби повеќето од нив биле робови, но сепак важно е дека христијанството веројатно проникнало и на царскиот двор. Затоа, кога се спомнуваат римските, грчките и еврејските имиња кои во тоа време биле вообичаени и историските докази за присуството на христијаните во царското домаќинство, ја потврдуваат веродостојноста на она што го пишува апостол Павле во своето послание до Римјаните.
Посланието до Коринтјаните
Двете Павлови посланија до Коринтјаните исто така се вклопуваат во археолошките откритија во Коринт, но и во она што го знаеме од класичната грчка книжевност. За разлика од писмата коишто Павле им ги пишува на луѓето во другите краишта, во двете свои писма до Коринќаните, тој ги спомнува гревовите кои подразбирале и неморал. Во Првото послание до Коринќаните 5,1.12 апостол Павле зборува за тоа дека заедницата отворено толерира еден свој член кој е крив за блуд со маќеа. Павле наредува тој човек да се исклучи од црквата додека не се покае, а потоа ја предупредува заедницата повикувајќи ја да не се расипе со таквиот лош пример или да им се врати на своите поранешни гревови. Тој упатува вакво предупредување: ”Или не знаете ли дека неправедниците нема да го наследат Божјето царство? Не измамувајте се! Ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубниците, ни мекушците, ни изопачените мажи (содомци), ни крадците, ни лакомците, ни пијаниците, ни клеветниците, ни разбојниците, нема да го наследат Божјото царство. И некои од вас беа такви. Но се измивте, и се осветивте, и се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос и во Духот на нашиот Бог” (1 Кор.6,9-11). Од сите грчки градови Коринт бил најнеморален. Тој стар град се одликувал со репутација на вулгарен материјализам. Во најраната грчка книжевност овој град е поврзуван со богатство и неморал. Кога зборувал за една блудница, Платон го употребил изразот ”девојката од Коринт”. Според Страбон, грчки географ, добар дел од богатството и пороците во Коринт се движел околу храмот на Афродита и неговите 1000 проститутки. Поради тоа една изрека предупредувала: ”Патот во Коринт не е за секој маж!” Археолозите откопале урнатини на храм посветен на божицата на љубовта, Афродита, и други храмови посветени на култот на плодноста кои придонесувале за ширењето на развратот на градот. Исто така, пронашле и остатоци од пазар кој зборува дека виното било мошне популарен производ. Околу пазарот имало многу продавници, од кои многу имале сопствени бунари, што укажува на тоа дека во градот се правело вино и дека многу се пиело. Во 1.Коринќаните 6,10 Павле предупредува дека ”пијаниците нема да го наследат Божјото царство”. Спомнатиот случај на разврат во коринтската црковна заедница изгледа дека имал среќен крај. Бидејќи членови на заедницата се покајале поради својата толеранција, го послушале апостол Павле и виновникот го искличиле од своите редови. Меѓутоа, во 2.Послание до Коринќаните во 2.глава Павле им кажува дека слушнал дека грешникот се покајал, и дека моли да му простат и да го вратат во црквата.
Јакововото послание
Од сите посланија, Јакововото е најмногу врзано за практичниот живот и најсликовито претставено. The Bible Knowledge Commentary го нарекува ”книжевно ремек дело… кое ја комбинира ритмичката убавина на грчкиот јазик со сериозноста на еврејскиот” и кажува дека “всушност,посланието на Јаков веројатно има повеќе говорни фигури, аналогии и описи на природата отколку сите Павлови посланија заедно”. Како стекнал Исусовиот полубрат(Матеј 13,55) толку префинет книжевен стил? Писателот уште од својата 15-та до 20-та год. бил член, а многу години и официјален поглавар на Ерусалимската црква, која мошне рано во своето членство имала повеќе хеленисти и Евреи. Во секојдневниот контакт со тие хеленисти, Јаков можел, во текот на сите тие години, добро да го совлада грчкиот јазик. Уште еден доказ во прилог на веродостојноста на ова писмо е спомнувањето на фактот дека христијаните сеуште се собираат во синагогите. Јаков пишува за луѓето од различни општествени слоеви кои доаѓаат “во вашата црква” (Јаков 2,2). Грчкиот збор овде преведен како “црква” е synagogue (собир од луѓе). За Јаков, поглавар на Ерусалимската црква, било природно местата за собирање на христијаните да се нарекуваат синагоги, зашто тој израз немал негативна конотација која подоцна ја добиле во антиеврејските кругови. ”Постојат докази дека првите христијани од еврејско потекло понекогаш се собирале во синагоги”, кажува археологот Џон Мекреј. ”Новозаветното писмо на Јаков ги спомнува христијаните (без сомнение Евреи) кои се собрале во синагога (2,2), но треба да се има на ум дека во тоа време Евреите веројатно најчесто се собирале во приватни куќи или изнајмени сали.
Петровите посланија
Петровиот стил на пишување и заднината на неговите две посланија, исто така, се во согласност со мерилата во тоа време. Првото Петрово послание или писмо напишано е во вообичаената форма на писма од времето на Новиот завет. Но како можел галилејскиот рибар Петар тие посланија да ги пишува со истенчен грчки стил? Паралелите меѓу тоа прво писмо и Петровите проповеди забележани во Делата на Апостолите се мошне значајни. Петровата служба траела повеќе од 30 год… Тој живеел и проповедал во свет со различни култури. Со причина може да се смета дека Петар после три децении можел да владее со јазикот на мнозинството, на оние на кои им служел. Петар сигурно имал време и таленти да стане извонреден пренесувач на Евангелието на грчки јазик.
Јовановите списи
Евангелието според Јован и Јовановите посланија се одликуваат со необичен стил и спаѓаат меѓу оние кои стручните лица најмногу ги ценат. Не постојат две дела во целокупната литературакои појасно зборуваат за генијалноста на еден писател, и кои толку се издигнуваат над се останато што е напишано во кое било друго време. Своите посланија Јован ги напишал на крајот од новозаветниот период. Тие подоцна ги одразуваат борбите на преостанатите апостоли со групите гностици и другите противници на Божјиот закон (антиномијанисти) кои влијаеле врз верниците на црквата и многумина завеле од патот на вистината. Археологијата ни помогна подобро да разбереме некои од проблемите со кои се сретнувал апостол Јован. “Големата гностичка библиотека која била пронајдена во египетското место Наг Хамади во 1945 год.”, кажува Џон Мекреј,” ни дала нови податоци за ересите во раната црква и природата на канонот на Новиот завет во тоа време”. Благодарение на откривањето на тие материјали документирани во некоигностички сваќања, проблемите коишто ги спомнува апостол Јован, потврдени се како историски факти.