„Да беше узнал барем во оној ден за оние нешта кои носат мир! Но сега се скриени од твоите очи. Зашто ќе дојдат денови за тебе кога твоите непријатели ќе те опкружат со ровови, ќе те опколат и ќе те притеснат од сите страни. И ќе те срамнат со земјата тебе и твоите деца во тебе; и не ќе остане во тебе ни камен на камен, зашто не го препозна времето во кое беше посетен“ (Лука 19,42-44).
Учениците биле зачудени и восхитени со Христовото претскажување. Сакале подобро да го разберат значењето на неговите зборови што се однесувале на разурнувањето на храмот. Во текот на четириесет години беспоштедно се трошеле пари, вложуван е труд и градителска вештина за да го зголемат неговиот сјај. Ирод Велики потрошил римско и еврејско богатство, а светскиот император го збогатил со свои подароци. Од Рим биле донесени огромни блокови бел мермер со баснословни размери кои сочинувале дел на неговата градба. Учениците му обрнале внимание на Исуса на нив, велејќи: „Учителе, гледај-какви камења, какви зданија!“ (Марко 13,1). Откако ги слушнал овие зборови, Исус дал свечен и вчудовиден одговор: „Вистина, ви велам: овде нема да остане ни камен на камен. Се ќе се разурне“ (Матеј 24,2). Исус им открил на учениците што го слушале какви судови ќе го стигнат отпадничкиот Израел, особено каква казна ќе ги снајде поради отфрлањето и распнувањето на Месија. Крајот ќе биде означен со непогрешни знаци. Ужасниот миг ќе настапи одненадеж и бргу. Спасителот ги предупредил своите следбеници: „Кога ќе го видите гнасното пустење за кое зборува пророкот Даниел, како владее на светото место – кој чита нека разбере – тогаш жителите на Јудеја нека бегаат во горите“ (Матеј24,15.16; Лука 21,20.21). Кога идолопоклоничките знамиња на Римјаните ќе бидат истакнати на светото земјиште што се простира неколку стотици метри надвор од ѕидовите на Ерусалим, тогаш Христовите следбеници треба да го напуштат градот. Во цела Јудеја, и во Ерусалим,морале да го искористат знакот за бегство. Оној што би се нашол на покрив, не смеел да слегува во куќата за да го спаси своето најдрагоцено богатство. Оние што би работеле на поле или на лозје, не смеат да се задржуваат и да се враќаат назад.
За време на владеењето на Ирод, Ерусалим, покрај тоа што многу се разубавил, во него се изградени кули, ѕидови и тврдини, со што, заедно со неговата природна положба, станал навидум неосвоив. И да кажал некој во тоа време дека тој ќе биде разурнат, би бил сметан за ненормален човек. Но Исус рекол: „Небото и земјата ќе поминат, но моите зборови нема да поминат“ (Матеј 24,35). Бог го одложувал својот суд над градот и над народот речиси четириесет години од часот кога Исус ја објавил пропаста на Ерусалим. Бог сеуште имал милост кон Ерусалим, но Евреите ја одбиле таа милост и останале во рацете на сатаната. Сите Христови претскажувања за разурнување на Ерусалим буквално се исполниле. „Се појавиле знаци и чудеса како весници на несреќа и суд. Ноќе, над храмот и олтарот, се појавила неприродна светлина. На зајдисонце, во облаците се покажале бојни коли и војници готови за бој. Големата источна порта, толку тешка што одвај можеле да ја затворат дваесет луѓе, обезбедена со огромни железни лостови забодени длабоко во цврста камена подлога, ноќта се отворила сама“ (Milman,The History of the Jews,knj.XIII). „Седум години еден човек ги објавувал низ улиците на Ерусалим несреќите што ќе го снајдат градот. Ден и ноќ тој пеел чудна тажанка: „Глас од исток! Глас од запад! Глас од четирите краја! Глас против Ерусалим и против градот! Глас против младоженецот и невестата! Глас против целиот народ!“ (Ibid.,knj.XIII). Ова чудно суштество го фрлиле во затвор и го тепале со камења, но не престанал со своите опомени додека не го убиле. Римјаните, под водство на Цестиј, го опколиле градот. Одненадеж, кога се изгледало погодно за еден брз напад, тие ја повлекле опсадата. За христијаните што чекале се покажал ветениот знак и сега им се дала можност на сите што сакале да ја послушаат опомената на Спасителот. Гледајќи како Цестиј отстапува, Евреите побрзале од Ерусалим и почнале да ја гонат неговата војска.
За време на опсадата Евреите биле собрани во Ерусалим да го прослават празникот Сеници и на тој начин христијаните во целиот крај имале можност непречено да бегаат. Тие побегнале на едно сигурно место – во градот Пела, во покраината Переја, отаде Јордан. Еврејската војска, гонејќи го Цестиј и неговата војска, се нафрлила со голема жестокост врз нив. Римјаните со голема мака успеале да се повлечат. Ерусалим го снашла страшна неволја кога Тит повторно го опседнал. Тоа било за време на празникот Пасха, кога големо мноштво Евреи се собрале во него. Храната, што со години би ги задоволувала жителите кога рационално би ја делеле, била уништена од непријателските партии што се бореле за превласт, и набргу жителите се нашле пред ужасен глад. Гладот бил толку голем, што луѓето ги јаделе своите кожени ремени, сандалите и кожнените превлаки на штитовите. Илјадници умреле од глад и чума. Можело да се види како децата им ја одземаат храната од устата на своите стари родители. Повторно се исполнило пророштвото дадено пред многу векови: „Жени, толку нежни, готвеа свои деца и со нив се хранеа за време на пропаста на ќерката на мојот народ“ (Кн.Плачот на Еремија 4,10). „Најнежната и најмеката жена што ќе се најде кај тебе – толку нежна и внимателна што не се осмелува да згазне на земја – со злобно око ќе го гледа својот маж во своите прегратки, и својот син, својата ќерка и децата што ќе ги роди, зашто потајно ќе ги јаде, скудна во се, поради неволјата и јадот со кои ќе те притисне твојот непријател во сите твои градови“ (5.Кн.Мојсеева 28,56.57). Заробениците што се противставувале кога би ги заробиле, биле измачувани и распнувани под градските ѕидови. Секој ден убивале стотици луѓе, се додека во Јосафатовата долина и на Голгота не биле подигнати толку многу крстови што човек одвај можел да се движи меѓу нив. Тит бил воодушевен со глетката на храмот што го посматрал од врвот на Маслинската гора, и издал заповед да не се гиба во ниту еден негов камен. Пред да изврши напад на оваа тврдина, им ветил на еврејските водачи дека ниеден римски војник нема да го оскверни храмот ако тие сами го напуштат. Јосиф Флавие, нивни сонародник, им упатил најречит повик да се предадат за да се спасат себеси, градот и светото место. Но Евреите со стрели го опсипале посредникот што дошол кај нив да ги моли. Најпосле Тит решил да го заземе храмот на јуриш. Заповедал, ако е можно, да не го уништат.
Една вечер, кога се повлекол во својот шатор, Евреите излегле од храмот и ги нападнале Римјаните. Во текот на борбата еден од војниците фрлил низ еден отвор запален факел во предворјето и веднаш салите, што го опкружувале храмот, а биле обложени со чам, вивнале во пламен. „Тит побрзал на тоа место и им заповедал на легионарите да го угаснат пожарот. Но не го слушале. И капетанот Либералис се обидел со својата заповедничка палка да нареди послушност. Но дури ни авторитетот на императорот не можел да го запре ужасното непријателство кон Евреите, дивата возбуда предизвикана со борбата и незаситната алчност за ограбување. Во внатрешноста на храмот се одигрувала уште пострашна драма. Мажи и жени, млади и стари, побунети и свештеници, оние што се бореле и оние што барале милост, без разлика, биле поклани. Легионарите морале да газат преку толпи мртви тела за да го продолжат делото на уништување“ (Ibid.,knj.XVI). Бидејќи со чудење ги посматрал храмот и големите неосвоиви кули, Тит, изјавил дека сам Бог му ги предал во раце, зашто никакви воени орудија, колку и да биле силни, не би можеле да ги освојат тие тврдини. Евреите сами себеси си исковале окови; сами ја наполниле чашата на одмаздата. За време на своето уништување како нација и во сите неволји што ги снашле по расејувањето, го жнееле она што сами го посеале.
Пророштвото на Спасителот за разурнување на Ерусалим треба да има и едно друго исполнување.Во судбината на избраниот град можеме да ја видиме судбината на светот што ја отфрлил Божјата милост и го погазил неговиот закон. И денес светот не е подготвен да ја прими веста за нашето време како и Евреите што не биле подготвени да ја примат опомената на Спасителот во врска со Ерусалим. Кога и да дојде,денот Господен, за безбожните ќе дојде неочекувано. Животот ќе тече со својот вообичаен тек; луѓето ќе бидат зафатени со уживања, со работа, со трговија, со стекнување на земно богатство; религиозните водачи ќе го издигнуваат напредокот и просветата на светот, и народот ќе се лулка во лажна сигурност-тогаш, како крадецот што се притајува ноќе кон незаштитената куќа, одненадеж врз безгрижните и безбожните ќе се урне пропаст, „и нема да ја избегнат“ (1 Солуњаните 5,2.3).