Една четвртина од возрасната популација во Македонија има висок крвен притисок. Вие или некој од членовите на вашето семество може да биде еден од нив. Високиот крвен притисок е скриена болест која може да ве измами бидејќи предизвикува мали или пак, воопшто не предизвикува никакви симптоми. Ова е причината поради која многу луѓе, меѓу кои можеби сте и Вие, не ја земаат оваа состојба како опасна по живот. Ова размислување е навистина погрешно! Високиот крвен притисок е еден од најголемите причинители на мозочен и срцев удар, инсуфициенција на срцето или бубрегот и прерана смрт.
Доколку овој проблем не го третирате за сериозен, може да ви го скрати животот за 10 или 20 год. Нема лек за висок крвен притисок, но охрабрува сознанието дека ова може да се спречи и да се држи под контрола. Прилагодувањето на Вашиот начин на живот, и доколку е неопходна и примена на соодветен третман со лекови, може да допринесе Вие да воспоставите контрола на Вашиот крвен притисок и да го одржувате на безбедно ниво. Колку повеќе се информирате за проблематиката на крвниот притисок ќе бидете спремни да ги преземете неопходните чекори за да го намалите Вашиот крвен притисок и истиот да го држите под контрола. Еве неколку практични совети и сугестии како секојдневно да го регулирате Вашиот крвен притисок:
- Јадењето на здрава храна, овошје, зеленчук и житарици, се природни лекови за регулирање на крвниот притисок, а посебно консумирањето на лук.
- Регулирајте ја Вашата телесна тежина (посебно оние со голема телесна тежина)
- Зголемете го степенот на физичка активност
- Намалете или избегнете го нивото стресот
- Престанете со консумирањето на алкохолот, никотинот и кофеинот
Но ако крвниот притисок ви е многу покачен тогаш задолжителна е употреба на лекови и редовна контрола кај Вашиот матичен лекар. Не земајте да пиете апчиња на своја рака без претходна консултација со доктор.