Текстови

БОЖЈИОТ ЗАКОН

Ние живееме во вселена во која владеат законитост и ред. Творецот не само што ставил во сила закони кои управуваат со движењета на небесните тела, туку поставил и закони со кои е регулиран животот и благосостојбата на човечките суштества што ги поставил да живеат на Земјата. Овие закони се дадени за да го унапредат животот, а не за да се ограничува. Поизобилниот живот што им го ветува Исус на оние што го следат (Јован 10,10) се јавува како последица на нашата соработка со божјите закони на животот и здравјето. Овие закони го издигнуваат пред нас идеалот и содржат ветување дека, според Божјата милост, ќе го постигнеме тој идеал.

Исус дошол на овој свет не само да ни покаже како да живееме во сообразност со Божјите закони, туку и да осигура преобразувачка Божја милост што единствено може да не оспособи нашата волја исцело да и ја потчиниме на Божјата волја изразена во неговите закони. Наместо да бидат збирка на услови за влегување во небесното царство, за верниот христијанин Божјите закони стануваат мерило на неговото се поголемо искуство со Бога и повик да продолжи да расте во милоста

Во наше време станало јасно дека законите што ги ограничуваат брзините на патиштата и го регулираат сообраќајот имаат суштинско значење да го сочуваат општеството и поединечните животи. На сличен начин суштински се и прописите и насоките со кои се регулираат моралните и општествените односи на човекот со човекот и на човекот со Бога.

Големите начела на Божјиот морален закон се изразени во текстот на Декалогот, Во Десетте заповеди, и оживотворени во животот на Исуса Христа. Сатаната се обидувал уште од појавувањетона гревот да ја увери целата вселена дека не е можно да се живее во хармонија со Божјиот закон. Меѓутоа, Христос дошол да докаже дека сатаната нема право. Тој покажал со својот совршен пример што значи да се исполни Законот. Тој рекол: немојте да мислите дека сум дошол да го нарушам законот или пророците; не сум дошол да ги нарушам, туку да ги исполнам. (Матеј 5,17).

Да ги исполниме значи да живееме според нив, да се поставиме во нивната вистинска перспектива. Исус дошол да ни даде нов поглед на целта, на силата и на ветувањето на Божјиот закон.

Десетте заповеди ја изразуваат Божјата љубов, неговата волја и неговите намери во врска со однесувањето на човекот. Тие и денеска се исто толку задолжителни и значајни како во времето кога првпат биле објавени. Иако поголемиот дел на заповедите се изразени со негации: Неправи!, тие во многу помалечка мера преставуваат забрани и ограничувања, а во многу поголема мера преставуваат слика на карактерот на оние луѓе што ќе изберат да живеат онака како Бог што сака да живеат. Тие заповеди можат да бидат изразени и на потврден начин:

1. ЛОЈАЛНОСТ – ВЕРНОСТ.

– Бог мора да биде во се прв. Ако сме Христово нашите мисли ќе се занимаваат со Христа. Ќе го бараме она што е духовно, а не она што е материјално. Ќе копнееме да се преобразиме во неговиот Дух, да ја исполнуваме неговата волја и во се да му угодиме.

2. БОГОПОЧИТУВАЊЕ.

– Ние му служиме на невидливото, а не на видливото. Она што некогаш сме го мразеле сега го сакаме, а она што некогаш сме го сакале сега го отфрламе. Душата се очистила од суетата и од горделивоста и сега чувствува потреба искрено и длабоко да му се предаде на Бога во молитва.

3.ПОЧИТУВАЊЕ.

-Третата заповед забранува не само обесветување на она што е свето, туку и лажно исповедање на верата. Суетните обичаи и модите на светот треба да се отфрлат. Нашите мисли, нашите склоности, нашите чувства, сето тоа е упатено кон небото. Христовиот Дух делува врз нашето срце и го прави нежно и понизно.

4.ПОСВЕТУВАЊЕ.

-Ние го признаваме Христа како Творец и Одржувач не само кога Нему му го посветуваме седмиот ден на нашето време – туку кога потполно го прифаќаме и целиот план на спасението. Христовата светост треба да се покажува во нашиот живот со делата на светоста, што некогаш ни изгледале неинтересни и заморни, а сега ни претставуваат уживање.

5.ПОЧИТУВАЊЕ НА ВЛАСТИТЕ И НА АВТОРОТ.

– Ова почитување почнува во домот меѓу родителите и децата, но се протега и на сите односи и кон Бога и кон човекот. Непослушноста и бунтот треба да се заменат со послушност и со соработка.

6.ЉУБОВ.

– Дури и со омразата и со гневот ние ја кршиме шестата заповед, но вистински обработеното лице го отстранило од својот карактер и од своето однесување гневот, зависта, агресивноста и истите ги заменило со љубов со скромности и со мир. Нашата душа треба да биде вдахната со боженствена љубов, обземена со небесните тајни. Родот на Духот – љубовта – мора да се покаже во животот.

7.НЕПОРОЧНОСТ.

– Мора да настане целосна промена – страстите и волјата мора повторно да му се покорат на Бога. Тогаш поранешниот неморален живот изгледа грешен и недостоен. Грешните мисли исчезнуваат и не се прават грешни дела. И во домот и надвор од него јасно се гледа побожност.

8.ЧЕСНОСТ.

– Оваа заповед го опфаќа не само нашиот однос кон ближните, туку и односот кон Бога. Наместо да му го крадеме на Бога она што му припаѓа: Нашето здравје, времето десетоците и приносите, ние треба радосно да му го посветиме се она што го имаме и што сме. Тогаш должноста ќе стане уживање, а жртвата задоволство.

9.ВИСТИНОЉУБИВОСТ.

– Со нашите зборови и ќе се оправдаме и ќе се осудиме. Ако срцето ни е праведно, тогаш и зборовите и делата ќе ни бидат праведни и ќе бидеме мажи и жени познати според нашата совршена чесност. Горделивоста ќе биде совладана, а ширењето на лажните гласишта за другите ќе исчезнат

10.ЗАДОВОЛНИ СО ОНА ШТО ГО ИМАМЕ.

– Нема повеќе да бидеме завидливи и незадоволни, зашто нашиот живот нема да биде насочен кон материјалното. Светоста во секојдневниот живот станува угодна кога душата целосно ќе му се потчини на Бога. Наместо жалоста доаѓа радост, а лицето одразува спокојство и несебична среќа.

Иако Божјиот Закон не треба да се меша со Божјите завети, Десетте заповеди се темел и на Стариот и на Новиот завет (2.Мој.24,3-8; Евреите 8,10). Како мерило на човечкото однесување и на односите, Божјиот закон ќе биде и мерило на Божјиот суд (Јаков 2,8-10).

Со делувањето на Светиот Дух, заповедите укажуваат на гревот (1Јов. 3,4) и будат кај нас свест дека ни е неопходен Спасител. Кога ќе му се обратиме на Христа, Светиот Дух го продолжува своето дело во нас преобразувајќи го со својата сила нашиот живот. Спасението се добива со милоста, со верата, но послушноста е последица на делувањето на Светиот Дух во нас и врз нас. Значи, држењето на заповедите е последица, а не причина на спасението.

Послушноста го развива карактерот на христијанинот и раѓа чувство на смиреност и благосостојба. Послушноста кон заповедите истовремено е доказ на нашата љубов кон Бога и кон нашите ближни. Кога во нас ќе се види послушност од вера, луѓето околу нас ќе видат дека Божјата сила е на дело во нас, дека го преобразува нашиот живот, па и тиа ќе посакаат да ја почитуваат истата таа сила. На тој начин држењето на Божјите заповеди го засилува и нашето христијанско сведочење за Бога. Оние што ќе ги држат неговите заповеди во последните денови Бог ги смета како посебен доказ дека и карактерот на самиот Бог е олицетворение на доброто и дека неговите прописи и неговите заповеди се праведни и добри (Отк. 14,12).