Текстови

КРШТЕВАЊЕТО

Крштевањето, како што го викаат денеска христијаните, влече свој корен од Јована Крстителот, кој бил пратен да му го приготви патот на Спасителот.

Се јави Јован, крштевајќи во пустината и проповедаше покајно крштевање за проштевање на гревовите. И излегуваа при него од цела Јудејска страна и од Ерусалим, и сите се крштеваа од него во реката Јордан исповедајќи ги своите гревови.(Марко 1,4.5).

Иако постоеле старозаветни случаи за кои Јован морал да знае – обредни миења и чистења, искуството на Немана – тој меѓу првите на овој обред му дал пошироко, духовно значење, јавно учејќи дека тој донесува духовно очистување, а не само обредно или физичко. Тој ги повикал луѓето со своето крштевање да покажат дека ја признале својата грешност и дека се покајале. Чекорот на кој ги повикал тој бил драматичен, и оние што се крштевале сигурно не го сфаќале лекомислено. Јовановиот повик на крштевање покаживал дека е неопходна коренита промена за луѓето да се приготват за Христовото доаѓање.

Кога Исус слегол на реката Јордан и побарал од Јована да го крсти, (Матеј 3,13-15), Тој со тоа покажал дека ја потврдува мисијата на Јован Крстителот и го означил почетокот на својата сопствена спасоносна мисија. Иако не му било потребно да се чисти од грев, како што било тоа неопходно за другите, Исус покажал дека го сфаќа чувството на недостојност и извалканост, својствено за грешните човечки суштества. Со своето крштевање се поистоветил со грешникот и со неговата потреба од Божјата праведност и на тој начин им дал пример на сите што сакат да станат христијани. Покајаникот, грешникот, кој ги признал своите гревови и искрено жали што ги направил, во обредот на крштевањето се поистоветува со Христа. Со безгрешниот живот со кој живеел и со својата смрт наместо грешниците, Исус својата праведност им ја сторил достапна на сите. Поминувајќи низ симболичката смрт на гревот, низ закопот во водата на крштевањето, и низ симболичкото воскресение во нов живот во Христа, верникот покажува дека ја прифаќа Христовата праведност.

За денешниот христијанин крштевањето е јавно покажување на вера во Бога и прифаќање на Исуса како личен Спасител (Дела 16,30-33; Рим. 10,9). Крштениците мора да бидат темелно поучени на христијанската вера и треба да ја сфатат и теоретски и практично. Од таа причина не може да се прифати крштевањето на деца. Младите можат да се крстат дури кога ќе станат доволно зрели да го сфатат значењето на чекорот што го преземаат.

Библијата проповеда крштевање со нуркање. Една од причините за ова верување е фактот што Павле во пораките до Римјаните и до Колосјаните крштевањето како обред го споредува со Христовата смрт, со Христовиот закоп и со неговото воскресение (Рим.6,1-6; Колс.2,12.13). Овој симболизам на би имал никакво значење кога апостолската Црква би практикувала некој друг облик на крштевање освен крштевањето со нуркање.

Новозаветни случаи што го потврдуваат гледиштето за крштевањето со нуркање се Исусовото крштевање и крштевањето на Етиопјанецот што го крстил Филип,зашто е опишано влегување во вода и излегување од водата (Матеј 3,16; Дела 8,38.39). Самиот збор крштевање во оригиналот доаѓа од зборот „баптиама„ што значи нурне, стави под вода.

Крштевањето настапува кога грешникот ќе сфати дека е грешен, кога ќе почувствува жалост поради сторените гревови, кога искрено ќе се покае и ќе ги отфрли гревовите. Крстеникот треба треба да верува дека Исус му ги простил сите гревови и дека новиот живот во Христа, со силата на Светиот Дух, е подобар начин на живот.

Освен што христијанинот го доведува до побогат и потесен однос со Бога, крштевањето го доведува и во нов однос со Христовата Црква на Земјата, со верниците што го љубат Бога и едни со други. Тоа е врета во заедницата на Црквата и врата во Христовото учеништво.

Крштевањето е чин што не смее да се прифаќа лекомислено, тоа е чекор што означува дека се случила драматичана промена во насоката на животот на обратеникот. И токму онака како крштевањето со вода во деновите на Јован Крстителот што ги приготвувало луѓето за првото Христово доаѓање, така и крштевањето со вода и Дух во нашите денови ги приготвува Исусовите драги следбеници за неговото второ доаѓање.