Текстови

СМРТТА И ВОСКРЕСЕНИЕТО

Библиското учење за воскресението и за состојбата на луѓето за време на смртта е полно со утеха и охрабрување. За време на тагата не смееме да дозволиме да не опфати неконтролирана жалост како другите што немаат надеж. (1.Солуњаните 4,13). Причината за нашата надеж е Христос кој рекол: Уште малку и светот веќе нема да ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зошто јас живеам и вие ќе живеете.(Јован 14,19).

Во врска со она што се случува со луѓето во мигот на смртта и при воскресението, адвентистите потполно се потпираат врз Библијата. Ние зборуваме за воскресение на личноста, верувајќи во единство на личноста и во неможноста на свесно постоење на некој дел на суштеството надвор од телото. Нема библиска подршка гледиштето дека при воскресението телото се соединува со душата од која било разделено во мигот на смртта. Еврејските и грчките зборови преведени со зборот душа, во Библијата ја преставуваат самата личност, човекот, а не некој свесен, вечен негов дел, способен да живее надвор од телото.

При смртта личноста ги губи сите карактеристики на свеста (Псалм 146,4). Телото се распаѓа и станува слично на земниот прав (Мудри изреки 3,20). Умрените не постојат свесно на небото или во пеколот. Зборувајќи со сликовит јазик, тие спијат (Јован 11,11; 1.Солуњаните 4,14). Тие ќе бидат повикани да воскреснат од своите гробови во кои чекаат несвесни за времето што поминува. Подоцна чекањето ќе им се стори мошне кратко, како да поминал само миг од смртта до воскресението.

Иако Библијата не кажува ништо за некоја свесна душа или дух што би ја надживеале смртта на телото, таа многу зборува за животот по смртта. Таа кажува дека сите се подлежни на смртта, и праведните и неправедните, но опишува голема разлика меѓу иднината на едните и другите (Јован 5,28.29). По почивањето во прав до воскресението, мртвите повторно ќе станат да се соочат со последиците на својот животен избор: оние што ја прифатиле Христовата понуда да им подари вечен живот (Јован 3,16) ќе добијат бесмртност, оние што ја отфрлиле, не му оставиле на Бога друга можност освен да ги одвои од себе за сета вечност. Тие не можат да примат живот од ниеден друг извор, ниту можат да продолжат да го примат од Бога, кој од љубов кон своите избавени деца не може да дозволи во совршената вселена и понатаму да постои грев и себичност.

БИДЕЈЌИ ЈАС ЖИВЕАМ И ВИЕ ЌЕ ЖИВЕЕТЕ – ИСУС

При второто Христово доаѓање светите од сите векови заедно ќе го примат своето наследство (1.Солуњаните 4,16.17)

На денот на на воскресението секој ќе биде нова материја и ќе добие ново тело, но сепак секој ќе биде во состојба да ги препознае своите пријатели а и тие да го препознаат него. Оние што ќе одат по небесните улици ќе бидат истите луѓе што живееле на Земјата и поминале низ опити што ги сториле единствени. Утешно сознание е дека Господ ќе го сочува карактерот и личноста на денот на воскресението и дека тие ќе останат и по надворешност исти.

Адвентистите смртта ја сметаат за непријател, како и другите, но немаат причина да се плашат од смртта. Ние можеме смртта да ја сретнеме без страв имајќи доверба во добриот Отец и во Исуса, нашиот постар Брат, зашто Неговата победа над гробот може да биде и наша, ако со вера се фатиме за Неговите ветувања.