Текстови

СВЕТО ПИСМО

Книгата Господова или Светото Писмо е најпотполно откровение за Бога. Во неа Господ ни ја открива преку пророците својата волја, својот карактер и својот план на спасение. Во него Бог ни открива што треба да знаеме за Него како наш Творец, за Исуса Христа како наш Откупител и за главните вистини на спасението. Во Светото Писмо се наоѓаат многу пророштва за идните настани чие што исполнување сведочи за постоењето на едно повисоко Суштество кое однапред јавува што ќе се случи(Исаија 44,6.7). Во Светото Писмо однапред е изнесена и историјата на многу народи, што покажува дека Бог управува со настаните во светот и истите ги насочува кон својата крајна цел (Дела 17,26).

Во светото писмо гледаме како Бог работи и зборува. Оти никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух (2 Петрово 1,21). Бог одбрал некои луѓе што ги инспирирал со својот Дух и им го открил планот на спасението и своите намери во врска со човештвото. Бог им ги вдахнал само мислите, а тие нив ги изразиле со свои зборови. Објавите што ги примиле од Бога тие ги запишале и истите им ги објавиле на своите ближни. Писателите на Светото писмо биле луѓе од различни краишта,од различни векови, сталежи и образование: цареви, државници, свештеници, овчари, рибари, цариници итн. Па сепак, оваа книга е единствена целина. Таа е вдахната со ист Дух, од неа зборува ист глас, а токму тоа е доказ за нејзиното божествено потекло. Во пишувањето на Светото писмо учествувале 40 писатели, а пишувано е во период од 1600 години, и тоа од 1500-та година пред Христа до 100-та година по Христа. Составено е од 66 книги и тоа 39 во Стариот завет и 27 во Новиот завет. Целото писмо е од Бога вдахновено и е полезно за поука, за изобличување, за поправање и за воспитување во правдата, за да биде Божјиот човек совршено подготвен за секое добро дело 2 Тимотеј 3:16-17.

За учење.

Светото писмо ни дава правила за совршен христијански живот. Тоа ни ги открива сите наши должности кон Бога и кон ближните.

ЗА КАРАЊЕ.

Тоа го жигосува секој грев во нас.

ЗА ПОПРАВАЊЕ

Светото Писмо не само што не кара. туку и не поправа – ни го покажува вистинскиот пат и ни дава сила да одиме по Него.

ЗА РАСТЕЊЕ ВО ПРАВЕДНОСТА.

Како детето што расте и се поучува за да ги разбере основните одговорности кон ближните,така што христијанинот ги наоѓа во Светото писмо оние начела што ќе му помогнат да стане совршен и приготвен за секое добро дело.

Ср`жта на Светото писмо

Библијата ни го открива Бог, и го разоткрива човекот. Таа ја разоткрива нашата состојба и нуди нејзино решение. Таа кажува дека ние сме изгубени, отуѓени од Бога и ни открива дека Исус е оној кој не наоѓа и не враќа на Бога. Исус Христос е ср`жт на Светото писмо, СТАРИОТ ЗАВЕТ го покажува Божјиот Син како Месија. Откупител на светот. Новиот завет го открива како Исус Христос, Спасител. Секоја страница дали симболично или вистинито открива некој период од Неговата работа и Неговиот карактер.Исусовата смрт на крстот е последно откровение на Божјиот карактер.

Но како можеме да го разбереме Светото писмо ?

За да го разбереме Светото писмо, потребна ни е помош од Светиот Дух и проучување на истото секој ден и со молитва. Светиот Дух третото лице на Божеството е единствен успешен Учител на боженствената вистина. Исус кажал: А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на се и ќе ви напомни за се што сум ви зборувал (Јован 14,26). Во Божјата реч ни зборува Бог.Божјата реч може да не прероди и преобрази во Христов лик. Во Божјата реч се наоѓа сила која ни дава нов живот. Божјата реч го изменила животот на илјадници луѓе. Таа ги ослободила од лошите навики,ги засилила против искушенијата и ги вдахнала со благородни стремежи. Оваа сила ви стои на располагање и вам. Ако ја прифатите, таа ќе ве стори вистински Христов следбеник. Ако вие останете при моето слово, вели Исус, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи (Јован 8,31.32 види Лука 11,28).