Текстови

БРАКОТ СКЛУЧЕН ВО ЕДЕМСКАТА ГРАДИНА

Бракот претставува заедница која е воспоставена, осветена и благословена од Бог. Постоењето на брачна заедница помеѓу маж и жена исполнета со посветена и верна љубов е основната Божјата воља за човекот. Бог толку многу посакувал човекот да има помошник крај себе, што во шестиот ден од Создавањето, веднаш после создавањето на Адам, Бог одлучил да извади ребро од Адам и да ја создаде жената. Потоа, Бог Лично ја придружувал Ева при запознавањето со Адам, и тие стапиле во брак пред Бога.

Значи, не само што Бог бил Првиот Кој го создал бракот, туку бил и првиот придружник (ескорт, стројник) во иницијативата да се склучи брак помеѓу првиот маж и првата жена во Едемската градина. Преку овој брак Бог ни ја открива Неговата желба да биде во брак со Неговата Невеста, верниците во Исуса Христа – засекогаш.

Полесно ќе ја разбереме поврзаноста помеѓу бракот на Адам и Ева од една страна, и Исус Христос и Неговата Невеста – Црквата од друга страна, доколку ги земеме во предвид истите зборови употребени во Битие 2:23-24 кои се однесуваат на бракот меѓу Адам и Ева, и, зборовите во Ефешјаните 5:30-32 кои се однесуваат на бракот меѓу Исус, Младоженецот, и Неговата Невеста-Црквата.

БРАКОТ СКЛУЧЕН ПОМЕЃУ АДАМ И ЕВА

Во Битие 2:18, Бог посакал да обезбеди помошник за Адам, како што пишува:

И Господ Бог рече: “Не е добро човекот да биде сам, ќе му направам помошник соодветен нему.

 

Понатаму, во Битие 2:21-22, Бог вади едно ребро од Адам, ја создава жената и и го дава името Ева. Тогаш, Бог лично ја придружува до мажот, и тие стапуваат во брак.

Во Битие 2:21-22 е напишано:

“Тогаш Господ Бог му нанесе длабок сон на човекот та тој заспа, и му извади едно од неговите ребра, а местото го исполни со месо. Од реброто што го зеде од човекот Господ, Бог, обликува жена и ја ДОВЕДЕ (Лично ја придружувал) при човекот. “

БРАКОТ ПОМЕЃУ ИСУС И НЕГОВАТА НЕВЕСТА – ЦРКВАТА

Бракот склучен помеѓу Адам и Ева во Едемската градина, е всушност пророчка слика за бракот кој ќе биде склучен помеѓу Исус, Младоженецот, и Неговата Невеста – Црквата, како што е напишано во Ефешјаните 5:23, 27, 30-32:

23…зашто мажот е глава на жената, како што е Христос глава на Црквата, и Тој е Спасител на Телото!

 

27…и да ја престави пред Себе славната Црква, која нема дамка, ниту брчка, или нешто слично, за да биде света и непорочна.

 

30-32…Зашто, ние сме членови на Неговото Тело – од Неговото месо и Неговите коски. Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи кон својата жена, и двајцата ќе станат едно тело. Оваа тајна е голема, а јас зборувам гледајќи на Христос и на Црквата.

Да погледнеме како бракот помеѓу Адам и Ева преставува пророчка слика за бракот кој ќе биде склучен помеѓу Исус – Младоженецот, и Неговата Невеста – Црквата.

 

 

АДАМ Е ПРОРОЧКА СЛИКА ЗА ИСУС (Римјани 5:14, 1 Коринтјани 15:45-47)

a) Адам е создаден според Божјиот Лик (Битие 1:26).

b) Исус е создаден во лик како човек (Филипјани 2:8).

 

 

АДАМ Е ПОСТАВЕН ЗА КРАЛ НАД ЦЕЛАТА ЗЕМЈА

a) Бог го создал Адам за да има власт над целата земја и да управува и господари со сите созданија кои Бог ги содал. (Битие 2:19-20, Псалм 8:3-8)

б) Адам им дава имиња на сите животни и со тоа го потврдува неговиот авторитет и власт над нив (како крал) (Битие 2:19-20).

Ова е пророчка слика за Исус, Чие Име е дадено од Бог, и е над сите Имиња, и со тоа Бог Го потврдува Неговиот Авторитет над се што е создадено (Филипјани 2:7-11).

Адам создаден од Бога како крал над планетата земја и над сето создание е пророчка слика за Исус Кој ќе биде крал над сета земја во вечноста (Даниел 7:13-14, Захарија 14:9).

Адам паѓа во длабок сон (Битие 2:21)

Сонот е синоним што Библијата го користи за да ја прикаже смртта.

(Јован 11:11-14)

Сонот е пророчка слика за смртта на телесното, на кое му следи воскресение.

(1 Солунјани 4:14-17, 1 Коринтјани 15:51-53)

Телото на Адам било повредено (прободено)  – Ова е пророчка слика за Исусовото распнување.

a) Битие 2:21 = Телото е прободено (слика за Исусовата смрт)  – Јован 19:34

b) Исаија 53:1, 5 зборува дека Исус бил прободен за нашите престапи.

Преку раната која Бог ја прави во Адамовото тело (што претставува пророчка слика за Исусовото распнување), Бог ја создава жената и ја нарекува Ева.

Сето ова преставува пророчка слика за Исус, Кој ја откупува Својата Невеста (Црквата) преку пролевањето на Неговата крв на крстот. (Дела 20:28, Откровение 5:9).

Сметам дека во овој дел има потреба накратко да појаснам зошто Исус морал да умре за Својата Невеста.

Имено,…

Во Еврејската култура воспоставена Лично од Бог, доколку младоженецот открие дека неговата невеста не е девица (или полошо ако е веќе бремена) целата ситуација наеднаш се менува.

Согласно старата Хебрејска култура, на младоженецот му стојат на располагање четири Библиски избори, и тоа:

1. Тој можел да и дозволи на невестата да ја плати цената за неверството – која била смрт.

2. Тој можел премолчено да и даде разводно писмо и да ја отпушти. (како што Јосиф планирал да ја отпушти Марија, пред да интервенира ангелот). Но, овој начин е ризичен, бидејќи, и откако ќе биде отпуштена невестата, доколку некој друг дознае за неверството, има право повторно да и суди и да ја осуди на смрт.( Матеј 1:19)

3. Ако го открил неверството пред бракот, може да прифати да живее со жената која му е легална сопруга и да го прифати детето за негово.
(Тоа всушност го направил Јосиф со Марија, но олеснувачка околност кај нив била таа што тие патувале во Витлеем, па потоа живееле две години во Египет, помеѓу туѓинци, кои не ги познавале и со тоа им било овозможено да го избегнат делот каде еврејското општество би Го обележал Исус како вонбрачно дете, а Марија би ја осудиле на смрт.)

4. Тој можел да одбере да биде нејзин Бог-Спасител и да го земе нејзиниот грев на Себе. Во случај на прељуба (сексуално неверство), тој можел да ја плати цената наместо неа…а тоа е смрт….да умре за Својата невеста!!!

Оттука, се гледа дека бракот помеѓу Адам и Ева склучен во Едемската градина е пророчка слика за идната Божјата намера да склучи брак со Неговата Невеста – Црквата, преку пролевањето на Исусовата крв на крстот.

ЗОШТО БОГ ПОСАКАЛ ДА СОЗДАДЕ ЧОВЕК КОЈ ЌЕ ИМА НЕВЕСТА?

За да можеме да одговориме на ова прашање, најпрво треба да разгледаме што се случило на небото пред Бог да го создаде Адам во Едемската градина.

Луцифер бил највисокото суштество на небото, веднаш после Бог. Негова задача била да биде водач на хорот од ангели одреден за славење на Бога. Но, во неговото срце се родила желбата да се издигне над Божјиот престол и нему да му биде оддадена сета слава на небото. Тој имал намера да го преземе Божјиот престол и да стане Господар над целото небо, наместо Бог. За таа цел да ја оствари, тој ја злоупотребува својата позиција и врши влијание над 1/3 од ангелите кои успева да ги побуни против Бога.

Поради ова, Луцифер е осуден од Бога и исфрлен од небото. Бог со тоа што Луцифер го исфрлил од небото, не било само со цел да му суди заради непослушноста и злобата, туку и со цел на останатите ангели да им покаже дека Тој е праведен Бог. Истотака, Бог ја увидел потребата да ја пополни празнината во хорот за славење на Бога, која настанала после исфрлањето на Луцифер со 1/3 од ангелите кои се побуниле против Бога. За таа цел Бог го создава човекот според Својот Лик, кој врз основа на слободната воља ќе го обожава и слави Бога со сето срце, душа и сила.

Значи, пророчката судбина на Христовата Невеста е да го обожава и слави Бога низ целата вечност, одавајќи Му слава на Неговото Име и пополнувајќи ја празнината на небото која настанала после падот на Луцифер и останатите ангели. Токму затоа сатаната толку многу ја мрази Црквата – (Христовата Невеста) и се труди да ја уништи, бидејќи таа треба да го пополни неговото место на небото!!! Ова е основата на борбата која постои на планетата земја од создавањето на првиот Адам, па се до второто Христово доаѓање во сила и слава како цар над царевите и Кнез над Кнезовите.

И на крајот, Бог ветил дека ќе ја круниса Својата Невеста во чест и слава, а Луцифер и неговите следбеници ќе ги фрли во огненото езеро во вечен суд.

ПОБУНАТА НА САТАНАТА ПРОТИВ БОГ

 

 

Во Исаија 14:12-15, пишува како Луцифер се побунил против Бога и го отфрлил Божјиот авторитет:

“Како падна од небото Деницо (Светлоносецу), сине Зорин? Како ли си симнат на земјата ти, угнетувачу на народите? Зборуваше во своето срце: Ќе се искачам на небесата, над Божјите ѕвезди ќе си издигнам престол за себе. На собирната гора ќе престојувам, на краен север. Ќе се искачам во облачните висини, ќе бидам еднаков со Севишниот. А се сруши во Подземјето, во длабочините на пропаста! “

 

 

САТАНАТА 1/3 ОД АНГЕЛИТЕ

 

Во Откровение 12:3-4, пишува дека 1/3 од ангелите била исфрлена кога Луцифер се побунил против Бога:

“И се покажа друг знак на небото, и ете, голем црвен змев, со седум глави и десет рогови, а на неговите глави, седум круни, и неговата опашка повлече ЕДНА ТРЕТИНА од небесните ѕвезди, и ги фрли на земјата. “

 

Исус зборувал за овој истиот настан во Лука 10:18, каде е напишано:

 

“А Тој им рече: Го видов сатаната како падна од небото, како молња. “

 

 

САТАНАТА ЈА ИМАЛ УЛОГАТА НА НЕВЕСТА НА НЕБОТО

Во Езекил 28:13-15, Луцифер е опишан со истите карактеристики како што во Откровение 21 е опишана идната Христова Невеста, и тоа:

“Во Едом во Божјата градина, живеење ти, твоето облекло беше украсено со секаков сард, топаз и дијамант, хрисолит, оникс и јаспис, сафир, смарагд и злато. Беа направени тапани и кавали, на денот на твоето раѓање беа подготвнеи. Те поставив како раскрилен херувим заштитник; беше на светата Божја Гора, одеше сред огнено камење. Совршен беше по своите патишта од денот на своето создавање додека не ти се зачна беззаконие во срцето.” ( Езекил 28:13-15)

Во описот на Луцифер, додека бил на небото, му се дадени следните карактеристики.

1. Тој бил украсен со сите видови на скапоцени камења,

2. Бил украсен со тапанчиња,

3. Бил поставен врз Светата Божја Гора (планината Сион),

4. Тој бил совршен на сите негови патишта.

На Невестата Христова дадени и се истите карактеристики:

1. Таа ќе биде украсена со сите видови на скапоцени камења (Откровение 21:9-10, 18-20)

2. Била украена со тапанчиња. (Еремија 31:3-4)

3. Таа ќе биде поставена на светата Божја Гора (Небесниот Ерусалим=Сион) (Евреите 12:22, Откровение 21:9-10),

4. Таа ќе биде совршена на сите нејзини патишта (Ефешјани 5:27)

СОВРШЕНОСТА ЗНАЧИ ДУХОВНА ЗРЕЛОСТ

 

Во описот на Луцифер во Езекил 28:15, Хебрејскиот збор кој е преведен како “совршен” е ‘Tamim’. Неговиот број во Strong’s е 8549. Истиот збор е користен во Излез 12:5 кој е преведен како ‘без недостаток’ во текстот каде Бог зборува за Пасхалното Јагне.

Значи, истиот Хебрејски збор ‘Tamim’, кој во Езекил зборува за Луцифер додека бил на небото, пред неговата побуна против Бога, во Езекил 28:15 е преведен како “совршен”, е потполно истиот збор кој во Излез 12:5 е преведен како ‘без недостаток’ и се однесува на Пасхалното Јагне.

Ова е истата духовна карактеристика која се однесува на Христовата Невеста и е спомената во Ефешјаните 5:27, каде пишува:

И тој (Исус) да ја престави пред Себе славната Црква (Невестата), која нема дмка, ниту брчка, ниту нешто слично, за да биде света и непорочна. (Tamim)”

 

Хебрејскиот збор ‘Tamim’ на повеќе различни места во Библијата е преведен како ‘совршен, без недостаток, неизвалкан, честит‘.

Значи, Хебрејскиот збор ‘Tamim’ не значи без грев или безгрешен (без грешка), туку значи, ‘духовно зрел.

Ова е една од главните карактеристики на Христовата Невеста.

Заклучок:

 

Во овој текст ја проучивме брачната заедница помеѓу Адам и Ева во Едемската градина. Видовме дека Бог го создал бракот со цел да биде пророчка слика за откупението кое Исус ќе го исполни преку пролевањето на Неговата крв на крстот. Пророчки кажано, ова ја претставува брачната врска помеѓу Исус и Неговата Невеста – Црквата.

Понатаму, можеме да ја разбереме Божјата цел и намера за создавањето на човекот во Едемската градина. Имено, Бог го создал човекот со слободна воља да тој доброволно одбере да изгради заедница (брачна) со Бога и да Го љуби и да Му служи на Бога со сето срце, душа и сила. После таков избор, Бог ќе ја излее Својата безгранична љубов врз човекот и ветува дека засекогаш ќе престојува меѓу Својот народ – Невестата Христова.

Истотака, видовме како после побуната на Луцифер на небото, тој е исфрлен заедно со една третина од ангелите. Така, настанува празнина на небото, која Бог сака да ја пополни преку создавањето на човекот според Божјиот лик, за да може да има Невеста која Ќе Го обожава и слави својот Младоженец и која засекогаш ќе биде со Него во вечноста.

И сето ова Бог сака да му го покаже и открие на човекот преку заедницата наречена брак. Само преку разбирањето на целта и значењето на Библискиот брак помеѓу маж и жена, е возаможно да се разбере каква духовна интимна врска Бог посакува да има со Неговата Невеста – Црквата во вечноста.