Текстови

Исус – аголен камен на Црквата

“Еве поставувам во Сион аголен камен, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами“ (1 Петрова 2:6)

На темелите кои ги поставил сам Христос, апостолите ја изградиле Божјата црква. Во Библијата сликата за градење на храмот често се употребува како симбол за градење на Црквата. Захарија зборува за Христос како за Гранка која треба да го изгради Господовиот Храм…

Апостолите работеле во каменоломот на еврејскиот и незнабожечкиот свет ископувајќи камења кои ќе ги положат на темелите. Во своето писмо до верниците во Ефес, Павле пишува: “Затоа, вие не сте веќе туѓинци и придојденици, туку сте сограѓани на светите и домашни на Бога. наѕидани врз основата на апостолите и пророците, а аголниот камен е самиот Христос Исус, врз кого целата стројно составена зграда расте во свет храм во Господа врз кого и вие во духот заедно се соѕидувате во Божјото живеалиште“. (Ефесјаните 2:19-22)

Апостолите граделе на сигурен темел, на Вечната Карпа. На тој темел ги додавале камењата коишто ги извадиле од светот. Градителите не работеле без да имаат пречки. Нивната работа била значително отежната од противењето на Христовите непријатели. Морале да се борат против лицемерието, предрасудите и омразата од оние кои граделе на погрешни темели. Многу коишто работеле како градители на црквата можеле да се споредат со градителите на ерусалимскиот ѕид во времето на Немија за кој е запишано: “И кои ѕидаа и кои носеа товар и кои товараа, секој со едната рака работеше а во другата носеше оружје“.(Неемија 4,17)

Цареви и намесници, свештеници и управители, се обидувале да го уништат Божјиот храм. Но, соочени со темница, маки и смрт, верните луѓе работеле и оделе напред; и градбата растела, преубава и складна. Понекогаш градителите биле скоро заслепени од маглата на суеверието којашто се вртела околу нив. Понекогаш биле речиси совладани од насилството на своите противници. Но, со непоколеблива вера и нескршлива храброст оделе напред извршувајќи го своето дело.

Еден по друг, најистакнатите помеѓу градителите паѓале од рацете на непријателот. Стефан бил каменуван, Јаков убиен со меч, на Павле му била отсечена главата, Петар распнат, а Јован испратен во прогонство. Сепак, Црквата продолжила да расте. Нови работници ги заземале местата на оние кои паѓале и граделе камен по камен. Така полека се издигала градбата на Божјата Црква.

Ние денес сме потомци на овие први Христијани, ние сме луѓето кои со Божја помош треба да продолжиме да градиме, да ја градиме Црквата. Само со вера и работа за Бога ќе имаме радост во нашите животи и ќе бидеме спремни да го наследиме небесното царство!

Затоа да веруваме и да правиме добри дела!