Текстови

Молитвата е работа за повеќе личности

“Исто така и Духот и помага на нашата слабост, зашто ние не знаеме за што да се молиме, како што треба: но Самиот Дух посредува за нас со неискажливи воздишки. А Оној, Кој ги испитува срцата, знае какво е значењето на Духот, зашто по Божјата волја се моли за светите“. (Римјаните 8, 26.27)

Молитвата се наоѓа во средината на нашиот секојдневен христијански живот. Молитвата опфаќа најмалку три личности. Тоа е занимлив факт, бидеќи повеќето од нас сметаат дека молитвата е разговор помеѓу две личности (човек и Бог Таткото).

Текстот во Римјаните 8, 26.27 спомнува три мисли: (1) христијани кои во својата слабост не знаат за што да се молат, (2) Дух Свети којшто посредува за нас со неискажливи воздишки и (3) Бог Отецот (кој ги испитува срцата) кој ги слуша молитвите.

Би можеле да додадеме и четврта личност, додека размислуваме за службата на молитвата. Тоа е Христос “кој е од десната страна на Бога и Кој се застапува за нас“ (Римјаните 8,34). Кога се молиме Библијата ни кажува дека сме во допир со целото Тројство. Молитвата е возвишена и важна. Апостол Павле во Римјаните во 8 глава ни помага подобро да ја сфатиме и видиме улогата на Светиот Дух во молитвата. Апостолот дава три изјави за службата на Светиот Дух во молитвата. Прво, заради нашите слабости “Светиот Дух помага“(26 стих). Второ, Светиот Дух посредува за нас заради нашето незнаење за што да се молиме (26 стих). Трето посредувањето на Духот е во согласност со Божјата волја (27 стих).

26 стих кажува дека Светиот Духот посредува за нас со неискажливи воздишки. Тоа значи дека се моли за нас за оние тешки проблеми кои што со зборови не можат да се искажат. Кога нас ни недостигаат зборови за да ги искажеме своите најдлабоки потреби, кога нашиот говор не е ништо подобар од неразбирливи гласови, Светиот Дух успешно посредува за нас и ги пренесува нашите потреби искажани со нашите воздишки.

Во 27 стих гледаме дека Светиот Дух посредува за нас во согласност со Божјата волја. И Христос три пати се молел во Гетсиманската градина “но не како што сакам Јас, туку како Ти“. Ова е многу важно за молитвата на секој христијанин. Вистинскиот христијанин сепак сака остварување на Божјата волја.

Ние имаме голем Бог. Тој прави се за да им помогне на оние кои со вера го прифатиле и станале дел од Неговата голема фамилија. Тој ја смислил молитвата и ни го дал Светиот Дух да посредува за нас наспроти нашите слабости. Затоа ние имаме голема причина да се радуваме на нашиот небесен Татко, којшто нас не прифаќа со сите наши слабости.