Текстови

Псалм 77

Музиката има важно место во човечкиот живот. Песните се насекаде околу нас – на радио, телевизија, во превоз, на улица… Сакале ние или не, таа влијае врз нас. Помислете само на тоа, колку познати мелодии има во нашата глава, зборови и стихови кои не можеме и да сакаме да ги истераме од нашиот ум. Денес, повеќе од било кога ни е потребна музика која ќе го смири нашето вознемирено битие, а не таква која не води кон занес и опиеност, и после која враќањето во реалноста уште повеќе не фрустрира.

Веќе неколку илјади години евреите пеат за љубовта, благодарноста, надежта, тагата, славата… Понекогаш овие песни се пеат придружени со инструменти, понекогаш како молитви, но сепак на сите им е заедничко тоа што биле пишувани од луѓе кои не се плашеле да бидат слободни пред Бога. Овие песни се напишани во Библијата во книгата на Псалмите.

Псалмите се музички поеми, јазик на срцето. Тие се богати со сликовити изрази кои нам ни ги доловуваат чувствата на писателите. Иако луѓето кои ги пишувале Псалмите живееле живот кој бил во многу нешта поинаков од нашиот, влијанието врз многу денешни читатели е дека чувствата кои тие ги изразувале не се променети. Со векови Псалмите се инспирација за многу уметници. Многумина се восхитуваат на нивната книжевна вредност, а верниците од нив црпат сила за да го слават Бога во нивните околности. Сто и педесет библиски псалми се всушност патеписи – од умирање побуна и агонија,до живот, верност и победа.

Во овој текст ке се занимаваме со 77 Псалм- „Псалм на тешкотијата“.

Дали се чувствувате заборавено? Дали ви се чини дека Бог не се грижи за вас и дека не мари за вашите неволји? Дали се чувствувате осамено? Не сте единствени. Животот со сигурност не е торта со шлаг. Некогаш нештата тргнуваат толку лошо што не знаете каде да се свртите. Овој Псалм е повик за помош. Не упатува на тоа дека, во периодите кога не можеме да го „видиме“ Бога, во периодите на тага, болка, бес, повреденост, треба да веруваме дека Тој е тука до нас. Тука се запишани мисли на личност која „копа“ низ својата болка за да го пронајде Единствениот кој вистински не разбира, кој единствено може секогаш да не задоволи. Ние често очекуваме од луѓето околу нас тоа да го направат, а всушност тоа е невозможно. Ниту најблискиот човек неможе да одговори на сите наши потреби.

Сите врски имаат свои успеси и падови па и врската меѓу човекот и Бога не е исклучок. Јасно е дека писателот на овие редови е под голем притисок, но не се стеснува пред Бога да ги искаже своите прави чувства. Ни ние не треба да се стеснуваме. Таму каде што има искреност и отвореност, односот може да напредува. Кога сме лути и разочарани, ние на себеси ставаме маски за да можеме да се соочиме со светот. Бог нас не сака без маски – такви какви што сме.

Меѓутоа, не е целиот 77 псалм исполнет со жалење. Постои и надеж која извира на она што Бог го направил во минатото. Дали сте го почувствувале милостивиот Божји допир на себе? Дали сте ја искусиле неговата љубов? Во тмурен и магловит мартовски ден, тешко е да се сетиш на блескавиот јули. Но погледот на она што Бог го направил, може да ни помогне во сегашната криза. Одвојте малку време за да се присетите. Кога ноќта е темна и светлината на запалено дрвце ни е драгоцена.

Топло ви препорачуваме да ги читате псалмите. Ако се обраќате кон Бога и кога ке ви недостасуваат зборови, во нив сигурно ке најдете инспирација. Ќе видите дека таа книга вас ве познава.

К.Т.