ГОСПОДАР НА СЕБЕСИ

„Како би направил толку големо зло и би му згрешил на Бога!“ (1,Мој. 39,9)

Самоконтрола значи кога нашата волја ќе ја ставиме под контрола на Божјата волја и кога ќе живееме според Божјите начела, а не според нашите склоности. Самоконтролата е навика на ред во сите животни околности, не зависно од тешкотиите што се јавуваат.

Тоа значи прифаќање на Божјата волја како образец на однесување во сите ситуации и Божјите зборови како правила за секојдневното однесување.

Луѓето и жените, кои господарат со себе, не се играчки ов рацете на искушенијата. Тие не ги продаваат начелата за човечка пофалба ниту се одвраќаат од должноста за да избегнат нечија омраза. Правило на нивниот живот е Божјата мудрост, а не човечката филозофија.

Време за полагање темели за зградата на принципите во која се живее и работи е младоста. Младоста е време за сеење кое ја одредува жетвата во овој живот, а и засекогаш. Самоконтролата води кон воспоставување на добри навики, а искоренување на чошите.

Животот на Јосифа од неговата рана младост свети како жив пример на восхитувачка самоконтрола која никакви искушенија не можеле да ја скршат. Неговите мисли и зборови во секој миг биле на линија на Божјиот страв и мудрост. Неговите намери останале чисти и при највалканите искушенија. Независно од лизгавиот терен, правецот на неговото движење можел со сигурност да се предвиди. Самоконтролата на Јосиф почнала под покривот на шаторот на неговиот татко, а крунисана е со највисока положба на дворот на една од најмоќните империи на стариот свет.

Потомокот на сумерскиот кнез од градот Ур, син на Рахела и Јакова, Јосиф безгрижно си живеел во Ханан под бодно око на на својот грижлив татко. Мајкаму умрела при раѓањето на неговиот помал брат, но таткому ги презел сите должности на родител и воспитувач. Првите години на неговото детство биле пресудни за формирање на неговиот карактер. Ги почитувал упатствата на својот татко и покажувал љубов и послушност кон барањата на неговата волја. Уште како момче давал докази за својата морална сериозност и цврстина. Научил да ги совладува своите желби и барања, што било пресудно во неговиот подоцнежен живот.

Од неговото зрачела ретка внатрешна убавина. Во својот секојдневен живот показувал силни особини на еден благороден дух, внимание кон браќата и нежност на син. Кога останал без мајка, неговото срце двојно повеќе се привило кон татко му. А љубовта била обострана. Јаков дури „го сакаше повеќе од своите синови“(1,Мој. 37,3). Иако тоа не била таткова безпричинска пристрасност, сепак таа станала причина за многу неволји на Јосиф.

Иако Јосиф си ги сакал своите браќа, тие не го сакале него. „а браќата, гледајќи дека таткото го сака повеќе од сите други свои синови, почнаа да го мразат“ (1.Мој. 37,4). Одненадеж им се дала можност за одмазда и тие ја искористиле. Не обѕирајќи се на тоа што Јосиф поминал долг пат низ пустината за да ги најде и да им донесе вест од дома, тие го фатиле со намера да го убијат, но направиле нешто што било полошо од смрт – го продале како роб на мадијански трговци. Тие го однеле во Египет и го препродале на Петефрија, заповедникот на фараоновата гарда.

Од татков миленик станал беден роб. Неговата шарена облека, намачкана со крв од заклано јаре, е пратена кај татко му со сурова порака: „Ја најдовме ова облека, а ти види дали е од твојот син или не“ (1.Мој. 37,32). Пристрасноста на Јакова предизвикала тешки последици. Јаков привремено го загубил Јосифа, но одненадеж и саканиот син, Јосиф, се нашол во улога на последен слуга во туѓа куќа. Меѓутоа, во тие горчливи часови мислите на Јосифа се свртиле кон Бога за помош.

Уште од своето најрано детство тој научил да го сака Бога и да му се моли. Сега пред неговите насолзени очи се ределе лекциите на кои го учел татко му, кој бил далеку, но неговиот Бог бил со Јосифа. Тоа му ја вратило довербата и му дало сила. Решил целосно да му се предаде и да му служи во туѓина исто како кога бил дома. Јосиф се нашол на пресфртница, но ја избрал патеката на должноста, и тоа го спасило. Неговата очајна ситуација го довела во блиска заедница со Бога и оваа убаво момче се преобразило во човек од збор, во разумен, храбар и чесен човек. Ја прифатил Божјата волја како највисока власт за себе, со што се здобил со контрола над своите чувства и желби. Набргу неговиот избор се покажал правилен. „И Господ беше со Јосифа, па беше среќен… и господарот негов виде дека Господ е со него… и го постави над целиот свој имот“ (1Мој. 39,2-4).

Се до тогаш Јосиф останал неизвалкан во безбожниот Египет. А кога најмалку се надевал, неговата самоконтрола била фрлена во најтешка борба со самиот себе. Искушението на кое бил изложен изгледало посилно, полукаво и понеодоливо од сите други. Неговата морална чистота и убавина на карактерот, кои зрачеле од неговото лице, биле предизвик за непријателот – неговата господарка решила да го освои по секоја цена.

Ударот во тврдината, или во самоконтролата на Јосифа дошол кога пропаднале сите маневри на стратегијата на сатаната и на женското лукавство. Јосиф бил свесен за последиците ако ги затвори сите порти на љубовта на газдарицата. Знаел дека го чека немилост, затвор, а можеби и смрт. Неговата иднина зависела од неговата самоконтрола. Но пред да биде фрлена ждрепката, одлуката била донесена. На отворениот предизвик не чекал долго, но го пречекал подготвено. Оставајќи ја својата облека во рацете на на превртливата господарка, Јосиф ја открил силата на христијанската самоконтрола, на совршената ладнокрвност, промисленост и присебност.

Бегајќи од гревот, Јосиф се приближил кон престолот на Севишниот. Оддолжувајќи му се на господарот за довербата кон него, неговата прва мисла била Бог. Знаејќи дека секогаш се наоѓа во негово присуство, Јосиф и не помислувал да го изневери. Мислата водилка на својата самоконтрола ја изразил кога кажал: „Како би направил толку големо зло и би му згрешил на Бога!“ (1.Мој.39,9).

Кога Петефрие не би бил уверен во невиноста на Јосифа, Јосиф би бил веднаш казнет со смрт, а вака само го пратил во затвор. Но прагот на затворот за Јосифа бил само подножје на фараоновиот престол. Од затворот стапил пред фараонот. Неговата самоконтрола била богато наградена. Колку прекрасно звучеле зборовите на фараонот, полни со признание за неговата невиност: „Нема никој така мудар и разумен како што си ти. Еве, те поставувам над целата египетска земја. И го извади фараонот прстенот од својата рака и го стави на раката на Јосифа. И го ожени со Асенета, ќерката на онскиот свештеник, Потифер“ (1.Мој.41,39-45).