Текстови

ИСПИТ НА ХРАБРОСТА

„Секоја работа под небото има свое време“.

Проповедник 3,1

Христијанскиот живот е нешто повеќе отколку што обични се мисли. Тој не се состои само од питомост и стрпливост, кротост и љубезност. Христијанинот секогаш е подготвен благо да одговори на гневливите прашања, но исто така е подготвен херојски да се протистави на злото. Тој мора да има херојска храброст за да може да се протистави на противникот кој оди „ како лав рикајќии барајќи некого да го проголта“ (1.Петрово 5,8). „Противете се на сатаната и ќе побегне од вас“ (Јаков 4,7) – е Божји повик на христијанска храброст, цврстина, енергија и истрајност.

Христијанинот знае дека „секоја работа под небото има свое време“ (Проповедник 3,1).

Има време кога треба да седиш и да чекаш Господ да работи, а има време кога треба да станеш и да се бориш за она што е право. Урамнотежен карактер не е само да си стрплив, туку и да си храбар и непоколеблив. Ниту една црта на карактерот не смее да се развива на штета на другите. Урамнотеженоста на карактерот спречува одушевувањето да стане фанатизам а ревноста нетрпеливост.

Кротоста и храброста ја менуваат историјата, но тие не се само историски доблести. Тие и денес господарат во сите животни околности на еден христијанин како некогаш во историјата за Мојсеја и за Израел. Кротоста била златна жица на Мојсеевиот карактер вплетена со челична храброст.

Да ја претвориме накратко неговата биографија. Роден е како роб во богатиот Египет, а бил осуден на смрт пред да почне да живее. Останал жив благодарејќи на неговата добра и храбра мајка која го криела. Таа покажала исклучителна храброст и доверба во Бога кога направила нетопливо ковчеже и го скрила меѓу трската на Брегот на Нил. Според Божјото провидение Мојсеја го нашла египетската принцеза која го посинила. Како наследник на фараоновиот престол, Мојсеј добил највисоко образование на египетскиот двор. Но, четириесет години подоцна, наместо на престол, заминал во прогонство. Неговата храброст не одела во чекор со неговата кротост. Затоа загубил се и побегнал во Синајската пустина. Следните четириесет години ги поминал како пастир во пустината, додека неговиот народ поднесувал тешко ропство во Египет.

За време на тие четириесет години карактерот на Мојсеј претрпел исклучителни подобрувања. И токму во тие години, кога обични престанува секоја активност, Бог го повикува Мојсеј во нова четириесетгодишна служба. Кога наполнил осумндесет години, Неговото вистинско животно дело само што почнало. Но пред Мојсеј да го смени токот на историјата, Бог нашол начин да ја испита неговата кротост и храброст. Еве не на самиот испит кој почнува со првиот стих на четвртата глава од 2.Мојсеева книга. Мојсеј го сретнал Бога кај грмушката која горела, а не согорувала. Тука тој добил упатства за својата идна задача. Требало да се врати во Египет и од фараонот да побара слобода за својот народ. Мојсеевиот резервиран став бил израз на неговата понизност, но во следниот миг покажал таква храброст која го реди и го бележи како еден од најхрабрите луѓе на сите времиња.

„А Мојсеј одговори и рече: „Но нема да ми веруваат ни да го послушаат мојот глас, туку ќе ми речат – не ти се јавил Господ“ (2.Мој. 4,1). Тоа бил логичен одговор, но Бог не се рамни по човечка логика и знаење, исто како и христијанската храброст. Мојсеевата храброст требала да се потпира врз верата во Бога, а не врз силата на неговиот ум. На опасноста требало да и гледа в лице со послушност, а не со искуство; со храброст, а не со логика.

„А Господ му рече:„Што ти е тоа во раката? а тој одговори: Стап! (2.Мој. 4,2). Секако, Бог знаел што имал Мојсеј во раката. Тоа бил обичен пастирски стап од тоа време, долг, свиткан на врвот, со кој Мојсеј можел да ја сопре овцата ако бега или ако се трга од патот. Тоа е инструмент од неговата професија – еден од најстарите и најскромните инструменти на светот. Меѓутоа, сега овој стап ќе стане инструмент на многу чуда. На крај ќе биде наречен „Божји стап“.

„Фрли го на земја!“ – му диктира Бог на Мојсеја задача за храброст. Мојсеј постапил така и – што се случило: „А тој стана змија!“ (2Мој. 4,3). Логично, Мојсеј постапил најпаметно. Тој живеел четириесет години во пустина и добро ги познавал змиите. Штом побегнал од неа, таа веројатно била позната отровница или некоја непозната змија со застрашувачки изглед. А тогаш се слушнала необична наредба. Бог му заповедал да се врати: „Фатија за опашката!“ Тоа било решавачки тест за Мојсеевата вера и храброст, а не играчка. Бог не се шегувал со Мојсеја. Требало да се види дали Мојсеј имал храброст да го изврши она што Бог го бара од него како водач на израелскиот народ. Да фатиш жива отровница за опашка е многу полесно тоа да го кажеш отколку да го направиш. Змиите отровници не се фаќаат за опашка ниту тоа се прави со голи раце. Таквиот обид е еднаков на самоубиство. Змијата може да се сврти како молња и да гризне пред било кој да ја допре.

Мојсеј знаел дека е опасно змијата да ја фати за опашка. Тоа било спротивно на неговото искуство и разумот. Но во Божјо присусто тој морал да ги отфрли своите причини и да постапи единствено со вера во Божјиот збор. Само така можел да помине низ овој тест на верност и храброст. Морал повеќе да верува во Божјиот збор отколку во својот здрав разум и во своето големо искуство.Дури кога научил без страв да послуша, можел да стане одбран водач на Божјиот народ.

Тоа и го направил. Кога се свртил кон змијата, во неговите очи се гледала храброст, вера и послушност. Се вратил гледајќи му на непријателот во лице. Не го свртувал погледот, соочувајќи се со неизбежната смрт. Послушноста можела да значи сигурна смрт, но Мојсеј послушал. „Ја подаде раката и ја фати змијата, и таа повторно стана стап во неговата рака“ (2Мој. 4,4).

И покрај неговите поодминати години, Мојсеј бил човек кој преземал ризици и бил силен, инаку не би се осмелил да ја фати змијата. Тој покажал вера послушност и храброст – три особини кои ни се секогаш потребни. Со едно чудо змијата повторно станала стап. Бог бил господар на ситуацијата. Сега Мојсеј знаел дека може да има доверба во Божјите наредби. Со други зборови, знаел дека секој проблем може да го реши со вера, со храброст и послушност. Неговата храброст била наградена. Со тие чекори пастирот станал еден од најголемите ослободители во историјата на светот и бесмртен Божји пророк.