Повторното оживување на вистинска побожност меѓу нас е најголема и најбитна од сите наши потреби. Да тежнееме тоа да биде нашата прва работа. Мора да се вложуваат сериозни напори да се стекне Господовиот благослов, не затоа што Бог не е подготвен да ги излее своите благослови на нас, туку затоа што и ние не сме подготвени да ги примиме. Нашиот небесен Татко е подготвен својот Свет Дух да го излее на оние кои тоа го бараат од Него, како што земните родители се подготвени на своите деца да им даваат добри дарови. Меѓутоа, нашата работа е, со признание, понизност, покајание и сериозна молитва, да ги исполниме условите под кои Бог ветил дека ќе ни го осигура својот благослов. Будењето може да се очекува само како одговор на молитвата. Сe додека луѓето се лишени од Божјиот Свет Дух, тие не можат да го ценат проповедањето на Речта, но кога силата на Духот ќе го допре нивното срце, одржаната проповед нема да остане без успех. Насочувани на учењето на Божјата Реч, објавите на Неговиот Дух, со покажување здрава промисленост, оние што присуствуваат на нашите состаноци можат да стекнат скапоцено искуство и така, кога ќе се вратат во своите домови, ќе бидат подготвени да шират здраво влијание.
Старите знаменосци знаеле што значи да се борат со Бога во молитва и да уживаат во излевањето на Неговиот Дух. Меѓутоа, тие полека исчезнуваат од сцената; и кој доаѓа да го заземе нивното место? Каква е состојбата на поколението кое доаѓа? Дали сме вистински обратени? Дали сме свесни за делото кое се извршува во Небесното светилиште или очекуваме некоја принудна сила да ја зафати Црквата и да нe натера да станеме? Дали се надеваме дека ќе ја видиме целата црква како се буди? Таквото време никогаш нема да дојде! Во Црквата има необратени луѓе, кои нема да се здружат во сериозна, победносна молитва. Ние мораме да се вклучуваме во делото како поединци. Мораме повеќе да се молиме, а помалку да зборуваме. Беззаконието е намножено, и луѓето мораат да научат да не бидат задоволни со облик на побожност, без присуството на Неговиот дух и Неговата сила. Ако сакаме да го испитаме своето срце, да го отфрлиме секој грев, да ги поправиме своите лоши навики, нашата душа нема да биде обземена со суетата; нема да се потпираме на себеси, бидејќи постојано ќе бидеме свесни дека нашата успешност се наѓа само во Бога.
(Извор: TRUE REVIVAL, The Church’s Greatest Need, Ellen G. White)