БОГ НЕ ДИСЦИПЛИНИРА ПРЕКУ ПРОБИ

Таквиот живот и таквите влијанија имаат своја цена во постојани напори, самопожртвуваност и дисциплинираност на секој чекор. Мнозина толку лесно се обесхрабруваат од христијанскиот живот затоа што не го разбираат тоа. Мнозина кои искрено ги посветиле своите животи на служаба за Бога се изненадени и разочарани кога ќе откријат дека, како никогаш порано, се опколени со пречки и нападнати од искушенија и потешкотии. Тие се молат за карактер како Христовиот, за подобност за работа за Господа, а се наоѓаат во околности кои, се чини, ги извлекуваат на површина сите зла на нивната природа. Откриваат мани за кои не се ни сомневале дека ги имаат. И како стариот Израел прашуваат: „Ако Бог не води, тогаш зошто не напаѓаат сите овие зла?

Затоа што Бог ги води, тие нешта ним им се случуваат. Искушенијата и пречките се дисциплински мерки избрани од Бога и од Него назначени услови за успех. Оној кој ги чита срцата на луѓето ги познава нивните карактери подобро од нив. Тој гледа дека некои имаат сили и предуслови кои, правилно насочени, можат да бидат употребени за напредок на Неговото дело. Во Своето провидение, Тој ги доведува овие лица во различни ситуации и околности за да можат да ги откријат во својот карактер оние неправилности кои биле скриени од нивното знаење. Им дава можност да ги поправат тие неправилностии да се оспособат за Неговата служба. Често, Тој дозволува да бидат нападнати од огнот на тагата за да можат да бидат очистени.

Фактот дека сме повикани да издржиме вакви проби покажува дека Господ Исус во нас гледа нешто скапоцено што сака да го развие. Кога во нас не би видел ништо што би можело да го прослави Неговото име, Тој не би трошел време да не облагороди. Во Неговата печка не се топат безвредни камења. Тоа се благородни камења или камења што Тој ги облагородува. Ковачот става железо или челик во оган за да го открие неговиот квалитет. Господ дозволува Неговите избрани да бидат ставвени во печка на страдања за да го открие нивниот темперамент и дали тие можат да се прилагодат за Неговата служба.

Грнчарот ја зема глината и ја обликува според својата волја. Тој ја меси и обработува. Ја развлекува и повторно ја собира. Ја навлажнува, а потоа ја суши. Ја остава да отстои извесно време. А кога ќе стане совршено еластична, Тој почнува од неа да прави сад. Ја става на грнчарското тркало и ја обработува, а потоа ја измазнува. Ја суши на сонце и ја пече во печка. Така, таа станува сад што може да се употребува. И Големиот Занаетчија сака да не обликува нас на истиот начин. Она што е глината во рацете на грнчарот, тоа треба да бидеме ние во Неговите раце. Ние не треба да се обидуваме да ја извршуваме работата на грнчарот. Наша работа е да му се препуштиме на Најголемиот Занаетчија Тој нас да не обликува.

Возљубени, не чудете се на огненото искушение, што ви се праќа поради испитувањето, како нешто ново да ви станува; но, во колку учествувате во страдањата Христови, радувајте се, та кога ќе се јави Неговата слава да се возрадувате и развеселите (1. Петрово 4,12.13).

На потполна дневна светлина, додека ги слуша другите птици, птицата во кафезот нема да научи да ја пее песната што нејзиниот стопан сака да ја научи. Таа ќе научи малкуод тука, или дел од таму, но никогаш целата мелодија. Но стопанот го прекрива кафезот и го поставува на место каде птицата ќе може да ја слуша единствено песната на која тој сака да ја научи. Во темнина, таа повторно и повторно се обидува да ја пее истата песна се додека не ја научи и не ја отпее со совршена мелодичност. Тогаш птицата се изнесува од темнината и секогаш потоа ќе може да ја отпее песната на светло место. Бог постапува со своите деца на ист начин. Тој има песна што сака да ја научиме, и ако ја научиме среде сенките на страдањата – ќе можеме да ја пееме секогаш.

Мнозина не се задоволни од она што го постигнале во животот. Можеби не се прифатени од околината; времето им поминува во обични, секојдневни работи, додека тие сметаат дека се способни за поголеми одговорности; често им се чини дека нивните напори не се ценети и дека не донесуваат плод; иднината им е неизвесна.

Да не заборавиме дека иако можеби никогаш не би ја одбрале работата што мораме да ја работиме, треба да ја прифатиме како Божји избор за нас. Пријатна, или не, ние мораме да ја извршиме должноста која ние најблиска. Се што може да врши раката твоја, според силите свои, врши; зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост (Проп. 9,10).

Ако Бог сака да однесиме порака во Ниневија, нема да биде задоволен ако појдеме во Јопа или Капернаум. Тој има причини зошто не испраќа онаму каде што ги насочил нашите стапки. Токму на тоа место можеби има некој кому му е потребна нашата помош. Оној кој го испратил Филип кај етиопскиот советник, Петар кај римскиот стотник и малата израелска слугинка да му помогне на Неман, сирискиот капетан, ги испраќа денешните мажи, жени и младинци како свои претставници кај оние на кои им се потребни Божја помош и водство.