Текстови

Каде е Бог кога ќе се појави зло?

Додека се обидувал да замисли како Бог теши, писателот М.Е. Парс својата мисла ја изразил со следните прекрасни зборови:

„Дете на мојата љубов ,потпри се цврсто! И дозволи ми да ја почуствувам тежината на твојата грижа. Го знам твојот товар, зошто јас сум го вообличил. Јас го ставив во своја рака и сторив од него тежината да биде најлесна за тебе. Кога го ставив врз твојата повиена силуета, реков: Ќе бидам близу и додека се потпираш врз мене, тој товар ќе биде мој, а не твој.“

Додека ги пишувал овие зборови писателот можеби ги имал на ум зборовите што ги изговорил апостол Петар: „Сите ваши грижи оставете ги на Него зошто Он се грижи за вас.“(1 Петрово 5,7)

Христијанинот верник не е оставен во мрак на безнадежност кога животните искушенија му се закануваат да го уништат. Тој има извор на утеха и на совет – некого во кого може да се надева. Тој има прибежиште.

Сепак тоа не значи во условите на човечките можности сите страдања можат да се објаснат и наполно да се сфатат. Веројатно никој наполно не го разбира проблемот на болката и болестите или зошто Бог дозволува свирепост во односите со луѓето. Овој дел на човечкото искуство покренува многу прашања на кои напразно бараме одговори.

Секој од нас ќе искуси болка. Кога во безизлезот и во збунетоста вие и јас ќе поставиме прашање: „Зошто требаше да ми се случи тоа мене?“ или “Зошто оној што ми е толку мил мораше да помине низ сето тоа?“, на тоа не постојат лесни одговори. Постојат тајни во кои човечката моќ на сфаќање не може да проникне.

Не е тешко да се пронајде причината за многу несреќи. На пример, ако некое лице пие, а вози, лесно можеме да разбереме зошто настанала несреќа. Ако некој пуши и добие рак на белите дробови, научниците не се многу изненадени со појавата на трагичните последици. Дејството на законот за “сеидбата и жетвата“ често се покажува мошне остро.

Но што да се каже за невиното дете што го убил пијан возач? Или за младичот што живеел живеел здрав и чист живот, а сепак доживеал смртен удар на страшна и неизлечлива болест? Апостол Петар ја допира оваа тајна со следниве зборови: “Возљубени, не чудете се на огненото искушение, што ви се праќа поради испитувањето, како нешто ново да ви станува “(1 Петрово 4,12)

Кога ќе се соочиме со неочекувани проблеми, со непријатни искушенија, со тешки недоразбирања и со лични трагедии, забораваме дека тоа што не снашло не е ниту нова ниту непозната појава. Според текстот на апостол Петар, верниците на црквата пред две илјади години воделе борба со истите искушенија. Таа борба е постара и од искуството на апостолската црква. Во книгата за Јов, што се смета за најстара книга на Библијата, суштината на живеењето на Земјата е изразена вака: “Роден од жена, човекот е кратковечен и презаситен од неволји“ (За Јов 14,1) Се чини дека оваа слика во својата долга историја ниту малку не се изменила. Овој свет е преполн со неволји, со болки, со страдања и со смрт. Мнозина беспомошно застануваат пред фактот што катастрофите и несреќите подеднакво ги погаѓаат и побожните и грешниците. Понекогаш се чини дека побожните поднесуваат поголем дел од општите човечки страдања. Тоа го забележал пистаелот на химни, Асаф, и тоа свое сознание го преточил во стиховите на 73 Псалм. Сјајното напредување на грешните и искушенијата на светите и за него биле загатка се додека Бог не му помогнал да го сфати конечниот исход. Библијата нагласува дека страдањето дошло на овој свет како последица на гревот. Кога на гревот не би му било дозволено да влезе на оваа планета, не би имало ниту страдања. Кога Бог ќе го отстрани гревот и ќе ја обнови земјата, нема повеќе да има солзи ниту жалост, ниту болка, ниту тага. “Бог ќе избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има повеќе, ниту плачење, ниту викање, ниту болест нема да има повеќе, зошто првото помина.“ ( Откровение 21,4)

Меѓутоа, фактот што гревот предизвикува страдања не значи дека секој поединец ќе страда само поради гревот што го сторил во својот живот. Вистина е дека многу неволји поднесуваме затоа што други ги предизвикале во нашиот живот.

Понекогаш, како во случајот на Јов, ѓаволот предизвикува неволји. Постојат и болни искуства што Бог дозволува да дојдат на нас затоа што сака да оствари посебна цел што не можеме да ја согледаме. Сега “знаеме нешто“ и “сега гледаме нејасно како во огледало, а тогаш – лице во лице, сега знам нешто, а тогаш ќе знам како што сум познат“ (1 Коринќаните 13,9 -12)