Христовата Невеста е сочинета од луѓето кои се наново родени, христијани кои ја темелат својата вера на Библијата и кои Го прифатиле Исус Христос за свој Личен Бог и Спасител.
Овој текст го посветувам на сите членови на Христовото Тело кои се спасени и кои ќе бидат на небото.
Од проучувањето на Библијата можеме да разбереме дека сите кои веруваат во Исус како Месија НЕМА да бидат дел од Христовата Невеста. Но, во секој случај, сите оние кои веруваат во Исус како нивни Месија, ЌЕ БИДАТ на небото.
Божјата совршена волја за секој верник е да биде спасен преку прифаќање на Исус за свој личен Господ и Спасител и преку растење од фазата на духовни бебиња во фаза на духовно созреани верници. (1 Петрово 2:2; Исаија 28:9-10)
Оние индивидуи кои се спасени и кои духовно растат и созреваат во Божјата мудрост, ќе бидат дел од Христовата Невеста.
Оние верници кои ги практикуваат и следат патиштата на светот и кои не растат и не се усовршуваат во Божјата мудрост, ќе бидат како петте немудри девици кои не биле подготвени за Младоженецот кога дошол да ја земе Својата Невеста (Матеј 25:1-13).
(Јудејската култура параболата со 10-те девици ја објаснува дека 5-те мудри ја држеле Тората и биле помaзани со Светиот Дух (имале масло во своите лампи), другите 5 не ја држеле Тората и не биле помазани со Светиот Дух (немале масло во своите лапми)….истото значење е опишано и во книгата Христовите параболи од Е.Вајт од 347 до 351 страна. )
Ниту еден верник нема да биде спасен преку неговите добри дела, а Бог од сите верници бара да живеат посветен и свет живот, одвоен од световните навики и практики, посветен и сконцентриран кон Бога и Неговото царство. Правејќи го тоа, тие верници ќе бидат водени од Светиот Дух, ќе растат во духовна зрелост и ќе бидат означени како верни слуги на Бога и Неговото Царство.
Невестата Христова ќе биде посветена, света и без дамка – народ Божји. (Ефешјани 5:26-27).
Таа ќе биде прославена Невеста и Нејзината слава ќе биде дадена за сведоштво на народите на целата земја. Таа ќе биде слава и чест на Нејзиниот Бог, служејќи Му како верен слуга. Таа ќе го љуби Бога со сето срце, ум и сила (Матеј 22:36-38).
Таа ќе Го бара Бога, неговите патишта и начините како да ја исполнува Неговата волја во секое време. Таа нема да бара задоволство за Себе или својата волја, туку целосно ќе се предаде во исполнувањето на Божјата совршена волја за Нејзиниот живот. Таа ќе ги надмине страстите на светот и духовните пречки кои стојат на нејзиниот пат, за да биде совршено прифатлива за нејзиниот небесен Младоженец.
Невестата Христова ќе биде царско свештенство (1 Петрово 2:9). И како што во Стариот Завет постоела обврската на свештениците да го учат Божјиот народ на Неговата Тора, истотака, Нејзина обврска ќе биде да го учи Божјиот народ на Неговата Тора/Неговото Слово и Неговите бескрајни патишта во вечноста.
Во Матеј 5:19, вели:
И така, кој ќе наруши една од овие најмали заповеди (Torah) и така ги научи луѓето, ќе биде наречен најмал во царството небесно, а кој ги држи и поучува ќе биде наречен голем во царството небесно.
Невестата Христова ќе ги држи Божјите заповеди (Torah) и ќе има право на Дрвото на Животот кое е всушност Тората. (Откровение 22:14)
Невестата Христова ја претставуваат луѓето кои ќе ја исполнуваат Божјата волја –исто како и Давид, бидејќи тој го љубел Божјото Слово/Тората и ги држел заповедите. Таа ќе ги учи народите на Божјото Слово/Тората за време на Новиот Милениум (Исаија 2:2-3).
За време на вечноста, Таа ќе ги учи оние верници на небото кои нема да бидат дел од Невестата Христова за богатството на Божјото Слово/Тората.
Невестата Христова има длабока лична врска со Бога и длабока духовна интимност со Него.Таа ќе има чисти раце и прочистено срце за Бога. На небото Таа ќе живее и престојува во Божјото присуство и Неговата Слава. Таа ќе престојува со Бога во Градот на Невестата, небесниот Ерусалим, засекогаш во вечноста. Таа е поскапоцена од скапоцени камења и најскапи бисери. Тоа е дел од Библиски карактеристики на Невестата Христова.
Но, која е Христовата Невеста?
Немам намера никому од Божјото семејство да судам дали ќе припаѓа или нема да припаѓа на Невестата Христова.
Моја желба и молитва е да секој човек биде дел од Неа.
Единствено само Бог е Судија, и само Тој може да одлучи кој ќе биде дел, и кој нема да биде дел од Невестата.
Секој верник во себе ја носи одговорноста да го љуби Бога со сето срце, ум, душа и сила (Матеј 22:36-38), а Божјиот Дух ќе не воведе во сета Вистина за да донесуваме многу плодови за Слава на Бога.
Уште од создавањето на Адам во Едемската градина, Бог имал желба да живее со човекот и да престојува меѓу Својата Невеста во вечноста.
Но поради сторениот грев и непослушност на човекот, Бог морал да го одложи Својот план се до времето во кое Го испратил Исус Христос-Месијата. Нашиот небесен Младоженец требало да ја откупи Невестата преку пролевањето на Неговата крв на крстот.
Во времето во кое Исус бил распнат и вознесен на небесниот Божји престол, Бог подготвувал небесен дом за Невестата. Долгото страдање и трпение на Бога за да живее и престојува со Својата невеста, полека се ближи кон негово исполнување. Многу наскоро небесната труба (shofar) ќе затруби и ќе се слушне силен крик на небото и ќе слушнеме: Еве Го Младоженецот, излезете Му во пресрет! (Матеј 25:6)
Последните Исусови зборови упатени до Црквата се запишани во Откровение 22:16, каде е напишано:
“Јас, Исус, го испратив Својот ангел, да ви го посведочува ова на црквите. Јас сум корен и род Давидов; сјајната ѕвезда Деница! . “
И нека сите оние кои Го очекуваат Негопвото доаѓање, нека Му ги упатат следните зборови запишани во Откровение 22:17, каде вели:
” Духот и Невестата велат ДОЈДИ! И кој слуша нека рече ДОЈДИ! И кој е жеден, нека додје, и кој сака, нека земе дарум од водата на животот!. “
ДОЈДИ ГОСПОДЕ ИСУСЕ !!!
Молете се за мир во Ерусалим
Во духовна смисла, Христовата Невеста го претставува духовниот Ерусалим. Кога Бог ќе создаде ново небо и нова земја (Откровение 21:1-3), Невестата Христова ќе живее и ќе престојува во небесниот Ерусалим во Божјото присуство засекогаш во вечноста (Откровение 21).
Истотака, Бог го љуби и физичкиот и природен град Ерусалим.
Во Лука 19:41,пишува дека Исус плачел над градот Ерусалим.
“А кога се приближи и го виде градот (Ерусалим), заплака над него.“
Во Исаија 62:7, е напишано:
” И не му давајте мир додека не го обнови Ерусалим, додека пак не го направи славен на земјата. “
Во Псалм 121:4, е напишано:
” Не, не дреме и не спие Тој, Израелевиот чувар. “
Во Псалм 122:6, е напишано:
“Молете мир за Ерусалим! Блазе им на оние, кои те љубат. “
МОЛЕТЕ СЕ ЗА МИР ВО ЕРУСАЛИМ!!!
ИМАЈТЕ МИР ВО МЕСИЈАТА!
Анета Станковска
Користен е превод на Библија, Д-р Душан Константинов