Текстови

Параболи за подготовка

Во беседата на Маслинската гора Исус не се трудел да ни даде подробен распоред за завршните настани од земната историја. Негова основна намера со која е проникнат најголем дел од текстот во 24. глава на Евангелието според Матеј е да не предупреди на измамите што ќе ги донесат лажните христоси, лажните пророци и лажните знаци. При крајот од 24. и во 25. глава Тој нагласува дека без оглед на времето, мораме да бидеме поготвени за неговото второ доаѓање. “ Затоа, бдејте, затоа што не знаете кога ќе дојде вашиот Господ“ (Матеј 24, 42). “Затоа и вие бидете подготвени, зашто Синот човечки ќе дојде во час кога не се надевате“ (Матеј 24, 44). За да ни помогне да бидеме подготвени, Учителот ни раскажал четири познати параболи.

Првата парабола ни зборува за двајца надзорници – за еден кој бил “верен и мудар“, и за друг кој јасно е означен како “зол“. Верниот надзорник бил чесен и се грижел работниците под негова управа редовно да добиваат плата. Неверниот надзорник заклучил дека неговиот господар, бидејќи веќе толку долго го одложувал своето враќање, веројатно уште долго нема да се врати. Затоа почнал да лумпува со своите другари и да ги угнетува другите работници. Исус рекол дека господарот, кога ќе се врати ќе го награди чесниот надзорник и ќе го унапреди, а дека лошиот ќе го казни, ставајќи го заедно со “лицемерите“ на место на кое ќе има “лелек и чкртање со заби“ (Матеј 24, 45-51). Поуката од оваа споредба ја истакнува подготвеноста за Христовото доаѓање и верноста во секојдневните должности. Врз едниот надзорник господарот можел да се потпре. Другиот го губел времето и парите, а потоа дошол во судир со луѓето со кои работел. Зошто вториот надзорник бил исклучен од божјото царство? Очигледно е дека Бог силно се интересира за нашата вечна среќа и не дозволува да ја расипуваат угнетувачки расположени денгубници! Тоа секако значи дека Бог не сака небото да го насели со родители кавгаџии или со тврдоглави брачни другари. Дел од нашата подготовка за вечноста е да научиме со Божјата милост правилно и мудро да го искористиме нашето време и да бидеме љубезни кон ближните.

Десетте заспани девојки

Втората Христова парабола за подготовка како мотив ја користи свадбената свеченост. Во првата фаза на една вообичаена свадба во библиско време младоженецот патувал, можеби со воловска запрега, до домот на својата невеста. Потоа невестата би ја повел во својот дом на свадбена гозба. Немажените девојки, претежно уште мошне млади, чекале надвор од домот на младоженецот да го поздрават и да учествуваат во радосната свеченост. Ако пречекот се вршел ноќе, девојките се спремале со маслени ламби. Такви свечености и денес се одржуваат во селските подрачја на Блискиот Исток. Ламбите што се употребуваат денес наполно се сообразени со нашето време, но јас имам маслена ламба која потекнува од библиските денови. Сум утврдила дека со едно полнење може да гори шест часа, а при одење пламенот не се гаси. Во Христовата парабола десетте млади девојки се собрале една вечер во близина на домот на невестата да го чекаат младоженецот. Очекувајќи се да се одигра според предвидениот распоред, “неразумните“ девојки не се опремиле со додатен сад со масло. Меѓутоа, петте “мудри“ девојки на време сватиле дека нивниот пријател, младоженецот, можеби нема да успее во определеното време да пристигне на најголемиот и најважен состанок во својот живот. Добро знаеле дека обичаите од нив бараат со своите светилки да помогнат да се осветли дворот и куќата во која се одржува свеченоста. Младоженецот навистина задоцнил, и додека девојките спиеле, нивните светилки веќе го потрошиле маслото со кое биле наполнети. Околу полноќ кога се тргнале од сонот во кој западнале и кога слушнале како запрегата на младоженецот свртува кон куќата, мудрите бргу ги дополниле своите светилки. На неразумните девојки не им преостанало ништо друго освен да бараат од мудрите де ги поделат со нив своите резерви на масло. Меѓутоа, дури ни мудрите не понеле повеќе одколку што требало светилките да светат во текот на парадата и гозбата. И додека неразумните истрчале да го разбудат селскиот трговец да им продаде масло, младоженецот пристигнал. “Подготвените“ влегле со него на свеченоста, и “вратата се затвтри“. “Бдејте“, заклучил Исус, “зашто не го знаете ни денот ни часот кога ќе дојде Синот човечки“ (Матеј 25,1-13). Најважна поука од оваа споредба – секој од нас поединечно мора де биде подготвен за Христовото доаѓање. Не е доволно ако само мојот маж, или мојата мајка или жена се подготвени! Не е доволно ако само и припаѓаме на црквата, иако речеси сите во неа постојано зборуваат за Христовото доаѓање! Сите девојки што заспале верувале дека младоженецот доаѓа и соодветно на тоа тие на некој начин се подготвувале.Но само оние што извршиле соодветна лична подготовка, навистина и биле подготвени. Ние можеме да претпоставиме дека малечките деца ќе влезат во небесното царство. Зборувајќи за децата на своите следбеници, Исус рекол: “Оставете ги децата и не бранете им да дојдат кај мене, затоа што на таквите им припаѓа небесното царство“ (Матеј 19, 14). Но, како нашите деца растат, ние мораме да се погрижиме тие да растат во Христа и духовно да се развиваат. Штом е тоа можно мораме да ги учиме да ја читаат Библијат, сами да се молат поединечно и на семејните богослежуженија. И така, кога ќе застанат на свои нозе ќе имаат доволно масло за своите ламби.