ПАРАБОЛИ ЗА ПОДГОТОВКА – 2

Парабола за талантите

Оваа парабола во нашиот јазик внела уште еден нов поим. Денеска изразот “талант“ значи дека имаме некоја посебна способност. Во библиските времиња талантот првобитно значел тежина од околу 34 килограми. Подоцна вредноста на таа тежина се изразувала во злато, сребро или бакар. Во Христово време талантот претставувал голема сума пари, плата на обичен работник за околу петнаесет години работа. Во оваа парабола за подготовка, господарот, “тргнувајќи“ на некое патување, на еден од своите слуги му доверил пет таланти, на друг два и на третиот еден. Потоа заминал. Додека господарот бил далеку, во туѓа земја, слугата со пет таланти се послужил со ова огромно богатство и истото двојно го зголемил. Слугата со два таланти постапил на ист начин. Меѓутоа, слугата со еден талант почнале да го прогонуваат горчливи мисли за неправилност на господарот кој  му укажал толку малку доверба, многу помалку отколку на другите. Заклучил дека тој господар, без оглед на големиот труд што ќе го вложи, воопшто не ќе знае да ги цени неговите напори ниту неговиот успех, па при налетот на таквото расположение и самосожалување ископал дупка и го закопал талантот.

“По долго време“, кога господарот се вратил, првите двајца со радост му поднеле извештај и тие биле топло пофалени. Секому од нив господарот му рекол : “Арно сторено, добар и верен слуго! Над малку беше верен, ќе те поставам над многу; влези во радоста на својот господар“! Меѓутоа, третиот слуга му го вратил својот единствен талант на господарот со многу лошо расположение – и за возврат чул како господарот го опишува како “зол и мрзлив слуга“. Како и неверниот надзорник во првата парабола, и тој бил фрлен на исто место каде што “ќе има лелек и чкртање со заби“ (Матеј 25,14-30). Поуката од оваа споредба е иста како и поуката од првата: додека чекаш Господ да се врати од небото, биди верен на земјата! Не размислувај за кули во воздухот, туку прифати ја работата што ти е при рака! Но, третата парабола има и своја посебна важност.Господарот на секој слуга му доверил некоја одговорност. Овде се наоѓа и едно неизговорено ветување дека секој од нас може двојно да го зголеми првобитното богатство што го добил од Бога. Освен тоа, талантите сами по себе не се толку важни, туку она што го правиме со нив. Верниот поседник на два таланта добил иста награда како и верниот со пет таланти! Божјето царство не ќе биде наполнето со мрзливи незадоволници кои никогаш не вложуваат ниту најмалечок напор повеќе од она за што се платени. Апостол Павле не повикува да работиме: “Не навидум како оние кои само им угодуваат на луѓето, туку со искрено срце, боејќи се од Господа! Што и да правите, правете го од сесрце, како за Господа, а не за луѓе, знаејќи дека од Господа како награда ќе примите наследство, зашто вие му служите на Господа Христа“! (Колошаните 3,22-24). Наша секојдневна работа може да биде правење на автомобили, куќи, книги, или готвење на храна, но начинот на кој се однесуваме спрема работата не обликува самите нас. Зад тулите на добро изградената куќа се гледа карактер! Во квалитетниот, пријатно миризлив леб што сме го испекле за да го унапредиме здравјето на нашето семејство многу повеќе има христијанство отколку брашно! Ако сакаме нашите деца да се приготват за доаѓањето на нашиот Господ, тогаш кај нив треба да развиваме навика да бидат вредни. Сообразно со нивната возраст, треба да ги учиме да ги средуваат своите играчки, да ја наместат својата постела, да помогнат при миењето на садевите, да ја искосат тревата, да ја варосаат куќата. Од почеток тие веројатно ќе бидат бавни и мошне невешти, но мора да научат да работат “од срце, како за Господа“. Додека ќе ги местат креветите секое утро, ќе местат нешто многу поважно од постелата! Кога ќе ги приготвуваат оброците на време, ќе приготват и нешто многу поважно од храната! Ако бројот на талантите немал пресудна важност, тогаш можеме да претпоставиме дека и слугата со еден талант би добил иста награда како и слугите со два и пет таланти кога, како и тие, двојно би го зголемил своето богатство. Нема никакво сомневање дека би било така, а секој од нас има најмалку по еден талант! Човек во инвалидска количка мисли дека оние што можат да одат добиле вреден талант! Оној што не гледа мисли дека луѓето со здрави очи добиле значаен талант! И имаат право. Здравјето, времето, влијанието, способноста за зборување, се се тоа во извесна смисла таланти. Бог сака верно да ги употребиме за него, во служба на ближните. Еднаш читав за еден наполно парализиран христијанин кој утврдил дека молитвата е единствен негов талант. Почнал да се моли за мисионерите кои работат во далечни земји. Кога се прочуло за него, многу пари во негово име заминале во далечните земји за проповедање на евангелието. Што и да имаме, се можеме верно да го употребиме за Христа и за добро на ближните. И додека се служиме со нашите таланти, ние всушност со милоста негова се приготвуваме за неговото доаѓање.

Изделување на овците од јарците

Можеби четвртата Христова парабола за подготовка е најпозната од сите Исусови параболи. Во неа Синот човечки се појавува со сета своја слава, придружен со сите свои ангели. Седејќи на својот престол, Тој ги собира околу себе сите луѓе и ги разделува, на ист начин како селаните на Блискиот Исток што и денес ги разделуваат, овците од јарците. Во параболата овците се одредени да застанат десно, а јарците лево од него. “Тогаш царот ќе им рече на оние од десната страна: Дојдете, благословени од мојот Отец, наследете го царството кое ви е подготвено уште од создавањето на светот! Зашто огладнев и ми дадовте да јадам; ожеднев и ме напоивте; бев туѓинец и ме примивте; бев гол и ме облековте; бев болен и ме посетивте; бев во зандана и дојдовте кај мене“! Праведниците се вчудовидени од неговата пофалба и прашуваат кога ги сториле сите тие, за нив, непознати добри дела. Царот одговара: “Навистина ви велам, кога му направивте така на еден од овие мои најмалечки браќа, мене ми направивте“! И тогаш, како што веќе знаеме, царот се свртува кон “јарците“ и им наредува да си заминат од него, зашто не му помогнале кога го виделе гладен, жеден и во затвор (Матеј 25, 31-46). Поуката на оваа завршна парабола е очигледна – нашето влегување во царството небесно ќе зависи и од тоа какви соседи сме им на оние што живеат околу нас. “Ако некој рече: ’Го љубам Бога’, а го мрази својот брат, лажливец е“ (1 Јованово 4,20). Ние не можеме да покажеме љубов кон Бога доколку не покажеме љубов кон ближните. Дури ни дарот што го ставаме во кошничката во црквата не заминува со некоја ракета до Божјиот престол; туку се троши да ги задоволи потребите на човечките суштества овде на земјава. Ние покажуваме љубов кон Бога постапувајќи чесно, пристојно и љубезно спрема неговите деца, без оглед на нивната национална и расна припадност, на нивната економска положба и на состојбата на нивното здравје, без оглед на тоа дали се добри или лоши. Ако сакаме да се приготвиме за небото, четирите Христови параболи бараат од нас да бидаме верни овде на земјава. Мораме да ги користиме нашите таланти, без оглед дали имаме многу или малку, и да ги вложиме сите наши најдобри сили за добро на ближните. Спрема сите луѓе треба да постапуваме така како да е во прашање Христос. Поединечно треба да одржуваме духовна врска со Бога. Посебен благослов ќе уживаат семејствата кои на ваков начин заедно се приготвуваат.