СМИСЛАTA НА ЖИВОТОТ БЕЗ БОГ !?

– “Колку повеќе овој свет ни изгледа посфатлив, – кажува познатиот физичар Стив Вајнберк, – се повеќе ни се чини дека е бесмислен“ (1).

Најужасниот страв на човештвото е откритието дека не сме го сватиле погрешно значењето зошто постоиме, туку дека тоа го нема (не постои). “Постоење“ само по себе го содржи концептот “значење“, зашто “да постоиш“ е исто што и “да значиш“, па дури иако е тоа значење непознато и недостапно. Да значиш НИШТО, сеуште, останува дека значиш. И, ако е тоа така, тогаш каде да ги најдеме одговорите- “зошто јас постојам“? и –“зошто јас нешто значам овде на земјата“?

Најголемите филозофи и атеисти го отфрлија постоењето на Господ Бог, и своите одговори на овие прашања почнаа да ги бараат од земјата на која што живеат. Ниче кажува: “Овде, долу на земјата, е местото на кое што припаѓаме, затоа што било кое друго место за нас не постои, а особено не над ѕвездите“. -“Останете и верни на земјата, браќа мои“ – објавувал неговиот Заратустра – “и не верувајте им на оние кои што ви зборуваат за надеж во други светови“(2). Иако во минатото најголем грев било да грешиш против Бог – “Бог е мртов“ – и по зборовите на Заратустра – “сега најужасен грев е да грешиш против земјата, и да размислуваш за нешто повозвишено и понедостапно отколку што е значењето на Земјата“(3). За Ниче ситуацијата била едноставна : “Во христијанскиот Бог не е можно повеќе да се верува“(4). Иако бил атеист и имал омраза кон христијанството (еднаш дури и самиот себеси се нарекол Антихрист), Ниче, без обзир на сето тоа, предвидел длабоки и страшни последици од овој губиток на вера. Наместо вера, Ниче увидел дека сето она што се потпирало на овој Бог, сето она што израснало од овој Бог и Неговите морални заповеди (10-те Божји заповеди) и сето она што се хранело од овој Бог и од неговите ветувања – сето тоа ќе се сруши и ќе остави мноштво избеглици и сирачиња погребани под телото на Божеството кое се распаѓа [ “Боговите исто така “ – пишува Ниче – “се распаѓаат“(5)]. И какво ли едно ладно чудовиште, каков ли еден пеколен ѕвер би се подигнал од тој остаток? Бог за Ниче не бил само мртов Бог; за него и сите метафизики се мртви, сето верување во било која трансцендентна врска која се овде може да поврзе и да испорача една целина во уреден, математички прецизен пакет, верување во било која концепција на Божествен поредок на светот. Сето тоа го снемало и е убиено. Ѕвездите се недостапни, но дури и да можеме да допреме толку далеку, таму сега нема за нас повеќе ништо. Смислата, намерата, вистината, ако треба да се пронајдат мора да се ископаат од земјата или да се договориме меѓу нас самите како еден лажиран натпревар, затоа што Бог е мртов – “а ние го убивме“ – обвинува Ниче(6).

Во глобала, човештвото пред еден и пол век за себе сметало дека е створено од Бог. Сега почнало себеси да се набљудува како производ на постепено извлекување од канџите на животинската кожа и мачното ослободување од коските на приматите кои се неупатувани во живот. Така да кога ќе се погледнеме во огледалото и наместо во својот лик да го видиме Господ Бог, Створителот на небото и земјата – ќе го видиме ликот на последната мутација од природната селекција. Се додека во огледалото го гледаме овој лик, ќе дојде до промени на човечкото его и чувството за самовредност со што (Ниче тоа јасно го видел) ке резултира со колосални последици. Но не е тој единствениот што ги видел резултатите од овој нов развој. Жан Пол Сартр, највлијателниот атеист на 20-от век, кажал: “Многу вознемирува тоа што Бог не постои, затоа што сите можности за пронаоѓање на вредности од небесното исчезнуваат заедно со Него; повеќе не може да има апсолутно ДОБРО, затоа што не постои повеќе бесконечна и совршена совест за да го смисли“(7). Филозофот Бертранд Расел, запишал дека – “многу традиционални морални концепти се тешки за објаснување, а многу традиционални морални концепти се тешки и за да се оправдаат, освен под претпоставка дека постои Бог или Светски Дух или па макар иманентна космичка Цел“(8). “Од каде во овој безбожен свемир би дошол моралот“?- прашувал Фјодор Достоевски. Бидејќи Бог е мртов, повеќе не може да постои морално сознавање туку само морално верување. И така сега моралот е субјективен и личен како отпечатокот од прстот, можеби едноставна збирка на културолошки и лични предрасуди повеќе зависни од односот во детството отколку од трансцендентни правила. Вредностите сега се просудуваат спрема нивната корист и употребливост; – “добро“ прави да возовите сообраќаат на време, “зло“ е причина за нивното каснење. Или поедноставно кажано – “добро“ е она што нам ни се допаѓа, а “зло“ е она што нам не ни се допаѓа. Човечките чуства (а не Божјите заповеди), човечкиот апетит (а не светите текстови од Библијата), како и човечките желби (а не религиозните налози), тоа е суштината, срцевината, од кои е настанат моралот – добро и зло, исправно и погрешно – затоа што не постои ништо друго.

Вистината е хоризонтална а не вертикална и затоа треба да се бара тука на земјата а не од Отецот, Синот и Светиот Дух. Вредностите мора да бидат создадени од нас самите, од човечките страсти, телесности и желби. Како играчи во играта, сами ги поставуваме правилата додека понатаму напредуваме; и мораме така зашто нашите претци, приматите, не ни оставиле никакви детални упатства. И затоа моралноста, моралниот систем на вредности, ќе биде стабилен колку и неговата основа. Ако моралните вредности се изведени од животот на човештвото; од човечките потреби, од човечките чуства, од човечките желби, и затоа што тие потреби, чуства и желби се променливи и поминливи – така сите морални вредности засновани на нив се баш такви, променливи и поминливи.

Можеби е тоа добро; можеби моралните вредности и треба да се менуваат заедно со желбите и потребите; можеби моралните вредности и треба да вибрираат со текот на времето; можеби не треба да постојат морални аксиоми, туку само морални хипотези; никакви морални наредби, туку само морални тежнеења. Можеби вистината е повеќе поетска отколку геометриска, повеќе хормонална отколку метафизичка, повеќе наликува на ветер отколку на карпа. Ако е тоа така, секој ќе мора да признае дека во специфични околности, мачењето на мали деца би можело да биде морално исправно. Кој би можел со конечна сигурност да каже дека тоа е погрешно кога донесуваме заклучок само на темелот на условното и релативното, па така и ние не можеме да кажеме ништо друго освен условно и релативно! Достоевски се борел со оваа проблематика во неговиот роман Злосторство и Казна. Софија Семјоновна Мармеладов станува проститутка за да ги прехрани својот брат и сестра кои умираат од глад. Родион Рамоновиќ Раскољников убива една гадна, злобна, стара лихварка и и ги краде нејзините пари за да би им помогнал на својата мајка и сестра, за да си го унапреди своето студирање и да стане некој голем и познат човек кој ќе се посвети во – “служењето на човештвото и неговото добро“(9). Дали овие дела, сторени во интензивни околности кои што ги опкружуваат, се погрешни? Дали Родион Рамоновиќ бил во право кога кажал – “едно злосторство е дозволено, ако е главната цел исправна, едно зло и срамно дело наспроти стотоина добри дела “(10)! Ако не постои Бог кој што на цел универзум а и нам ни дал еден совршен и непроменлив морален закон, врз основа на што ние ќе можеме да го осудиме убиството и проституцијата? Кој авторитет би можел да ги наметне овие морални огради кај сите независни човечки души. ДРЖАВАТА? Па сепак, од тоа што ќе го наметне, државата може и да ослободи. И бидејќи моралните вредности што ќе ги створи државата се производ од човечката природа и од политичката цел – па така и тие вредности подлежат на променливост. За ова сме и ние сведоци денеска што се случува во светот, како се менуваат законите.

Ако државата одлучи дека убиството на стари лихварки за да се помогне на мајките и сестрите, или да се проституираш за да ги нахраниш своите гладни деца, е сосема законско и исправно, па дури и сосема морално – кој би можел да каже и да го оправда дека е тоа погрешно? Ако моралните вредности не се издигнуваат над човечкото, па дури и над човечкото изразено во државата, тогаш убиството на милиони Евреи од страна на Хитлер под нацистичката окупација би се сметало за морално затоа што било легално. Но со тоа што се тврди дека тоа било спротивно на интернационалниот закон не се докажува ништо. И интернационалниот закон е исто така човечки и субјективен. Да претпоставиме дека нацистите го освоиле целиот свет и им наметнале закони на луѓето во сите земји, закони кои што го прават геноцидот легален! Интернационалните закони тогаш не би биле прекршени затоа што убивањето на Евреите повеќе никаде не би било противзаконско. Кога законот не е прекршен, тогаш никаков злочин не е направен. И, ако, како што рекол Сартр дека – “не постои повеќе бесконечна и совршена совест за да го смисли“ – тогаш нема ни трансцендентни, транснационални и вечни морални вредности. Затоа можеме да заклучиме дека моралните вредности овде на земјата ќе произлегуваат од природата на луѓето кои се финансиски и политички моќни, а кога ќе се тргнат од сцената ќе дојдат други луѓе со други морални вредности и така се натаму. Па затоа луѓето секогаш ќе живеат во еден свет каде што ќе владее хаос, несигурност и страв од она што ќе донесе утрешнината. И нема да може да се промени ништо на оваа земја на подобро, се додека не заживеат во нас некои морални норми, морален закон кој што го надминува човечкото, нешто што е над културата и тестостероните, некој морален систем на вредности кој што е независен од она – “што секој човек и жена го чуствува во себеси што е добро, а што зло“. Некој морален систем на вредности кој е непроменлив, вечен, совршен.

Затоа единствената смисла на животот треба да ја бараме само кај Бог. И треба да се вратиме повторно кај Него, кој што е Творец на сето она што го гледаме овде на земјата па и на нас самите. Тој е наш Татко. И за наше добро Тој ни дал еден морален систем на вредности,еден морален закон (2 Книга Мојсеева 20.1-17) за да не лутаме, и секогаш кога ќе сакаме нешто да направиме да можеме да видиме дали е тоа добро или зло. А Библијата ни кажува дека Бог е совршен, вечен и непроменлив, па и самиот морален закон, самиот тој морален систем на вредности кој што потекнува од Бог е совршен, вечен, непроменлив. И само со целосно прифаќање и почитување на овој Божествен закон, ние ќе можеме да имаме во животот мир, сигурност, и ќе живееме живот без страв од исчекувањето на утрешнината.

 

Драгослав Методиев

 

Цитати:

  1. 1. Steven Weinberg, Dreams of A Final Theory, Vintage Books, New York, 1992. str. 275
  2. 2. Fridrih Nice, Tako je govorio Zaratustra, BIGZ, Beograd 1992, str. 120. drugi deo citata iz: Friedrich Nietzsche, Thus spake Zarathustra, in the Portable Nietzsche, Edited by Walter Kaufmann, Viking press, New York 1986, str. 125
  3. 3. Nietzsche, Thus spake Zarathustra, str. 125
  4. 4. Nietzsche, The Gay Science, str. 447
  5. 5. Isto, str. 125
  6. 6. Isto, str. 125
  7. 7. Jean Paul Sartre, Existentialism and Human Emotions, Philosophical Library, New York 1957, str. 22
  8. 8. Bertran Russell, Human Ethics and Human Society, Mentor Books, New York, 1962. str. 21
  9. 9. Fjodor M. Dostojevski, Zlocin I kazna, Svjetlost, Sarajevo, 1991. str. 71
  10. 10. Isto, str. 494