Текстови

Дали во Посланието до Римјаните 14-та глава се укинува Законот за јадење на нечисти меса?

Многумина веруваат дека врз основа на изјавата во Посланието до Римјаните 14-та глава, Христијаните се ослободени од сите видови ограничувања во однос на јадењето на месо.

Како доказ на ова го цитираат стихот Римјани 14:14- во кој Павле напишал:

“Знам, и уверен сум во Господа Исуса, дека ништо не е нечисто само по себе, туку само за оној, кој смета дека нешто е нечисто – нему му е нечисто.”

Но ваквиот пристап кон она што Павле го кажал тука е неоснован, бидејќи не се разгледува во контекстот на целиот текст и во однос на зборовите употребени изворно на Грчки јазик на кој Павле пишувал.

Повеќе Библиски извори тврдат дека Павле го напишал Посланието до Коринтјаните околу 55 год.н.е., а неговото Послание до Римјаните го пишувал од Коринт во 56 или 57 год. н.е.

Расправијата која се случила во Коринт (Прва Коринтјани 8 – 10 глава) се однесувала на оние меса кои биле жртвувани на идолите.

Бидејќи Павле им пишувал на Римјаните од градот Коринт каде оваа тема била во центарот на вниманието, Павле инспириран од моменталната состојба во Коринт и поткрепен со Библиските текстови на истата тема, ги напишал своите коментари до Римјаните во 14 глава.

Која била намерата на Павле?

Не постои Библиска основа дека 14-тата глава од Посланието до Римјаните го негира Божјиот Закон во однос на делот за поделбата на чиста и нечиста храна. Самиот текст во 14-та глава ЈАСНО зборува дека се работи за месо кое било жртвувано на идолите, и воопшто не бил предмет на дискусија Божјиот Закон.

Римјани 14:2 дава впечаток дека постои контрадикторност помеѓу “оние кои јадат само зеленчук” од “оние кои веруваат дека им е дозволено да јадат се”(и месо и зеленчук).

Во Римјаните 14:6 се зборува за јадење versus нејадење, и најчесто овој стих е толкуван како да се однесува на пост (воздржување од јадење и пиење), на вегетеријанство (јадење само растителна храна) или јадење или нејадење на меса кои биле жртвувани на идолите.

Во Римј.14:21 станува јасно дека главната тема во целата глава се однесува на месото кое било жртвувано на идолите:

“Добро е да не се јаде месо, ниту да се пие вино, ни да се прави нешто, поради што твојот брат се сопнува или соблазнува, или слабее.”

Римјаните во своите пагански храмови жртвувале на своите идоли месо и вино кое во дел било спалувано на жртвениците, а останатиот дел бил продаван на пазарите. Поради тоа, постоела опасност Христијаните во незнаење да купат такво месо од пазарите или да јадат такво месо во домот на некој пријател.

Се поставува прашањето: Дали е потребно христијаните да го испитуваат потеклото на месото?

Во однос на ова прашање некои луѓе имаат став дека воопшто не е важно дали месото било жртвувано на идоли, бидејќи за нив идолите се безначајни (Прва Коринтајни 8:4). Од друга страна, постои друга група на луѓе, кои внимателно го испитуваат потеклото на месото со цел да ја избегнат грижата на својата совест, а и на останатите христијани. (Прва Коринтајни 8:10).  .

Која е поентата на Павле во Посланието до Римјаните во 14-та глава???

Во зависност од состојбата на совеста, раните христијани имале неколку избори.

Во моменти кога се соочувале со можноста месото кое требало да го јадат да биде со сомнително потекло, некои кои сакале да бидат сигурни дека нема да се осквернат со јадење на жртвувано месо, одлучувале да јадат само зеленчук или пак се одлучувале за пост (воздржување од храна) –а воедно и да не ги навредат оние кои им го нуделе таквото месо.

Во овој контекст Павле им напишал “секој да биде наполно уверен во своето мнение, (Римј.14:5), бидејќи се што не е од вера, грев е” (Римј.14:23)

Грчкиот превод ги разјаснува Павловите зборови

Пишувачите на Новиот Завет, го користат зборот “нечист” во два различни концепти за нечистота. Нечистотата можела да се однесува на животните кои Бог ги забранил да се користат како храна (Левити 11 и Второзаконие 14), и можела да се однесува на церемонијалната нечистота.

Во Римјаните 14 глава, Павле го користи зборот koinos, што значи обичен, јавен прост, заеднички, општ (W.E. Vine, Vine’s Complete Expository Dictionary of Old and New Testament Words, 1985, “Unclean,” p. 649).

Значењето на зборот “општо” (види Дела 2:44; 4:32; Евреите 10:29), истотака се однесува и за оние работи кои биле сметани за загадени или нечисти. Заедно со глаголот koinoo, употребен во Марко 7:2, 15-23, се однесува на церемонијалната нечистота.

Koinos и koinoo се појавуваат во Новиот завет кога упатуваат на церемонијалната нечистота.

Сосема друг збор, akathartos е употребен во Новиот Завет за оние животни кои Библиски биле сврстени во групата на нечисти животни. И двата збора koinos и akathartos се употребени во Делата на апостолите во 10-та глава, каде Павле прави разлика помеѓу двата вида на нечистота со тоа што ги користи овие два збора во Римјаните 14-та глава.

Кога во Римјаните 14:14 Павле вели:

“Знам, и уверен сум во Господа Исуса, дека ништо не е нечисто [koinos, или ‘општо’] само по себе….” значи тука тој ја прави истата поента која предходно ја нагласил и во Посланието до Коринтјаните, дека јадењето на месо кое било во групата на чисти меса според Божјиот Закон, доколку било предходно жртвувано на идоли, само по себе не било штетно за јадење. Значи, како што се гледа од контекстот на напишаното, Павле всушност воопшто не зборувал за Божјиот закон во однос на поделбата на чисти и нечисти меса.

Понатаму, Павле во Римјаните 14:20 продолжува со изјавата, каде вели: “се е чисто”. Зборот што е преведен како “чист” е “katharos што значи “ослободен од грешни/помешани состојки, без мана, чист. (Vine, “Clean, Cleanness, Cleanse, Cleansing,” p. 103).

Зборот Чисто месо како термин воопшто не се среќава во Новиот завет, од причина што не постои прецизен збор во Грчкиот јазик што би можел да го опише овој збор. Зборот кatharos се користи за да се опише секој вид на чистота во Новиот Завет, вклучувајќи – чисти садови (Матеј 23:26), чист народ (Јован 13:10), чиста облека (Откровение 15:6; 19:8, 14), чисто злато и стакло (Откровение 21:18).

Значи, можеме да заклучиме дека дискусијата која се развила во Посланието до Римјаните во 14-та глава, не дава никаква основа за да се игнорира Божјиот Закон во однос на поделбата на местата на чисти и нечисти според поделбата направена во Левити 11 и Второзаконие 14.

Божји благослов!