Текстови

ПОД ПРИТИСОК

Во ова хаотично време секој човек е изложен на притисок. Тој доаѓа од страна на фамилијата, работното место, околината итн. Многумина попуштаат, немајќи сила да се спротивстават тие оболуваат телесно и духовно а некои си го одземаат и животот.

Притисокот не убива. Се зависи од твојот одговор на него.

Под одреден притисок и температура се создаваат различни работи. На пример, нафтата, која се вади од внатрешноста на Земјата. Таа е течност составена од различни елементи, одвратна сама по себе и штетна за околината. Многумина стануваат слични на неа. Меѓутоа, можат да се најдат и други структури.

Зборот “дијамант“ има корен во Грчкиот израз “адамас“ – неуништлив.

Дијамантот е алотропска модификација на јаглеродот и е најтврдиот минерал во природата. Поради својата тврдост, дијамантот се користи како алат за сечење, дупчење, брусење и полирање.

Тие се создаваат при екстремни услови каде притисокот е поголем од 70 000 килограми на квадратен сантиметар и температура поголема од 1300 степени.

Структурата на дијамантот е специфична – секој атом на јаглеродот е поврзан со четири други атоми на јаглерод во таква структура што практично е невозможно да се разбие.

Секој е подложен на притисок, во околина која можеби е жешка, полна со проблеми, невољи и искушенија. Ако одолееш, притисокот може да ги здроби сите слаби и лоши работи кај тебе за да добиеш силна структура на духовна личност. Но ако попуштиш, ќе бидеш изобличен и слаб, формирајќи нестабилни и кршливи човечки особини.

Губејќи ја можноста да го стекнеш сјајот и цврстината на Божјите особини, ти ќе бидеш духовно мртов.

Прими ја веднаш Божјата помош при различните притисоци и ќе бидеш како дијамант, сјаен и цврст кој никој и ништо не може да го разбие. Бог го врши последното полирање и чистење, приготвувајќи те да светлиш во Неговата ризница.