Во извесна мера напнатоста што постои меѓу младите и постарите е природна појава. Меѓутоа, во животот постојат многу недоразбирања и гордост од едната и многу тврдоглавост и одбивност кон новото од другата страна.
Филипс Брукс тоа го изразил вака: “ Многу млади луѓе немаат никаков обзир кон другите затоа што веруваат дека можат да станат она што сакаат. Многу старци се без никаква надеж затоа што мислат дека е неможно да бидат поинакви од она што се.“
Младите не можат секогаш да станат токму она што сакаат да бидат. Меѓутоа, ако ги слушаат оние што оделе пред нив, тоа ќе им биде од голема помош.
Млад човек вработен во една фарма добил задача секој ден да храни 20 свињи. Понекогаш би им донел жешка храна што сé уште вриела. Кога храната би ја истурил во коритото, свињите бргу би дотрчале, туркајќи се една со друга со желба што побргу да се пробијат напред. Првата што би стигнала никогаш не би ги чекала другите, туку веднаш својата чурилка би ја турнала во коритото и би се изгорела. Можеби ќе помислите дека другите ќе научат нешто од искуството на првата, но не е така. Секоја одделна свиња својата чурилка би ја турнала во кашата и жестоко би се испекла.
“Така се однесуваат свињите“, ќе кажете. Но ако навистина е така, зошто сепак ги следиме? Зошто не учиме од оние што поминале пред нас?
Секој возач знае дека безбедно ќе вози само тогаш ако често гледа во ретровизорот. Само така може да ги следи другите автомобили што се движат зад него. Постарите луѓе се како ретровизорите. Иако некои појави се нови и различни, многу животни начела не се менувале со векови. Постарите станале значајна сила во современото општество. Тие имаат време да читаат весници и списанија, да ги следат политичките и општествените збиднувања така што мнозина се добро известени. Некои имаат на располагање многу пари и прилики добро и корисно да го употребат својот имот. Затоа постарите често се р’бет на општествениот, религиозниот, културниот и моралниот живот.
Вредноста на искуството и ширината на погледот, што настануваат во текот на долгиот живот, тешко можат во доволна мера да се оценат. Мудроста и зрелоста, што ги стекнале многу постари, често и низ скапи промашувања и горчливи искуства, можат да бидат вистинско богатство за оние што доаѓаат зад нив и што сакаат да учат во школата на животот.