Живееме во посебно време од светската историја во кое печатените страници заземаат истакнато и значајно место. Книги, разни списанија и многу други изданија, се издаваат во големи тиражи. Секој ден на јавноста и се нудат стотина нови наслови. Од тие нови книги многу се добри и корисни, но во историјата на човештвото ниту една книга немала такво значење, ниту во толкава мера влијаела врз неговиот развој – одредувајќи и обликувајќи ги неговите токови – како Книгата над книгите, Библијата. Таа до денеска е преведена на над две илјади јазици и секоја година се распростанува во милиони примероци, а сосема е сигурно дека уште ни оддалеку не го завршила својот величествен поход.
Тоа е книгата што влијае силно – врз општеството и врз поединците. Во текот на историјата едни ја прифаќале, ја сметале за извор на вистината, за правило на верата и на животот и ги усвојувале нејзините барања и совети, а други стравувале од неа и од нејзините барања и ја прогласувале за непотребна и невистинита, ја спалувале и се бореле против сите оние што ги прифаќале нејзините совети. Не е мудро да се отфрли нешто, а пред тоа да не сме наполно сигурни дека треба да се отфрли. Токму тоа го прават мнозина. Ја отфрлаат ова Книга иако не ја познаваат и не ја испитале вредноста на нејзината содржина и на нејзината порака.
Абрахам Линколн
Денеска постојат многу книги што го прошируваат човековото знаење, но ниту една од нив не може да ги задоволува внатрешните човечки потреби, да донесе душевен мир, трајна радост и задоволство, како што може Библијата. Сигурно тоа била причината што Јохан Волфганг Гете, еден од најголемите германски поети на сите времиња, изјавил вака: “Кога би бил фрлен во затвор и кога би можел да земам само една книга со себе, би ја избрал Библијата.’’ Абрахам Линколн, легендарен претседател на Соединетите Американски Држави, за Библијата ги кажал овие вдахновени зборови: “За таа голема Книга можам да кажам само едно: таа е најубавиот дар што му го дал Бог на човекот; сето добро на Спасителот на светот ни е откриено во неа!” Библијата ја овозможува општествената и духовната егзистенција; таа е светлина среде мракот, светлина што му ја осветлува патеката на уморниот патник. Светлината мора да свети постојано, а Библијата го задоволува тоа високо барање.
Имануел Кант
Вредноста на Библијата се состои и во тоа што таа ни помага да изградиме свое лично мислење и уверување за вистината. А “неисцрпен извор на секоја вистина, што не може да се пронајде никаде на друго место, е Евангелието”, му напишал прочуениот филозоф Имануел Кант на својот добар пријател, писателот Штилинг. Прва и најголема должност на секое разумно суштество е од Библијата да дознае што е вистина, да живее според неа, потоа другите да ги охрабри и тие да појдат по трагите на светлината откриена во ова света Книга. Затоа би требало од ден на ден сите трудољубиво да ја проучуваме Библијата, да се задлабочуваме во секоја нејзина мисла, зашто само на тој начин ќе ги откриеме нејзините вистински и сеопфатни вредности.
Библијата е мерило на карактерот, како за оние што живеат според нејзините начела, така и за оние што не ја прифаќаат како извор на вечните вистини. Поради тоа треба се повеќе да ја проучуваме за да сфатиме каков карактер очекува Бог да изградиме за да можеме да доживееме еден подобар свет најпрво во самите себеси. Ниту една друга книга не е во состојба на човекот да му ги издигне мислите и да му го закрепне духот како што може да го стори тоа Библијата. Кога би ја проучувале Библијата со желба да оствариме подобар свет, би постигнале широчина на духот, благороден карактер и би оствариле постојаност на своите цели, што денеска луѓето толку ретко успеваат. Големиот американски државник и книжевник Бенџамин Френклин на еден свој пријател му напишал вака: ”Момче, запознај се со Светото писмо и цврсто верувај во него, зашто тоа ќе ти биде на благослов!”
Бенџамин Френклин
Најголемата вредност на Библијата се состои во тоа што таа не доведува во врска со најблагородното Суштество што постои, со нашиот Бог и Творец. Еден духовен писател тоа го опишува вака: “Со Божјата реч во рака секое суштество може да има жива врска со Бога и во него да најде Пријател каков што му е потребен. Од страниците на Библијата можеме да разговараме со Најблагородниот и да го чуеме гласот на Вечниот кој им зборува на луѓето. Така можеме да живееме во атмосфера на самото Небо…приближувајќи се се повеќе кон влезот на вечниот свет, додека не ни се отвори бисерната врата, низ која можеме да влеземе во небото. Тогаш ќе видиме дека не сме биле странци во тој свет. Гласовите што ќе не поздрават таму сме ги познавале како гласови на невидливите придружници и сме знаеле да ги разликуваме од другите гласови. Оној што низ Божјата реч знаел да живее во заедница со Небото, ќе се најде во небесниот дом, чиишто жители знаел да ги сака уште на оваа земја.”
Тоа е само мал дел на вредноста на Библијата што од срце им ја препорачуваме на сите добронамерни луѓе. Нашиот живот секој ден ќе станува поубав и посреќен ако покажеме поголем интерес за нејзините вечни вистини и за нејзината неуништива вредност!
Т.Т