Библијата за матните води на спиритизмот

Верувањето во задгробен живот, во бесмртна душа или во бесмртен дух, создало извонредно плодна почва на која никнала и се развила една недосеглива појава која е целосно надвор од нашиот рацио и која станува се поинтересна и попривлечна за денешниот човек.

Станува збор за спиритизмот (spirit – дух) кој произлегува од кошот на окултните појави (occultum – скриен).

Според Библиското пророштво, спиритизмот ќе стане најраширена и најдоминантна духовна појава, вистинско ремек-дело на сатанската измама, сатанска сила во последните денови, пред второто Христово доаѓање, која ќе се инфилтрира и ќе ги проникне сите сфери од општествениот живот и пред која ќе се поклонат луѓе од сите слоеви, од најсиромашните што живеат во бедни колиби, до најбогатите што имаат луксузни палати, од наједноставните луѓе, до најголемите интелектуалци, пред чиишто моќни и чудесни манифестации човечкиот “рацио“ ќе остане не само нем, туку и зашеметен, вџашен и стаписан. Не можејќи да ги сфати и одгатне правилно случувањата, овие мегавеличествени манифестации човештвото ќе му ги препише на Бога и на Неговиот Свети Дух, наполно погрешно мислејќи дека тоа е „голема Божја сила“ (Дела 8:10), зошто нивен проектант и директен изведувач е сатаната кој стои длабоко во нивната заднина и оттаму ги влече конците на настаните што се одигруваат на светската сцена.

Значи, ќе бидеме соочени со феномени од областа на надрационалното и ако не бидеме библиски и единствено библиски подготвени да поделиме мегдан со нив, ќе не голтне нивното мракобесие.

Зошто се инсистира на библиска подготовка? Од проста причина. Науката е немоќна да ни помогне. Само во Библијата јасно е обелоденет сатанскиот план за спиритизмот и се она што тој планира да го направи преку спиритизмот, односно да го прелаже светот со најголемата лага во историјата на вселената и целиот свет да го стави под свое знаме во последната битка против Христос и Неговиот верен народ кој ги држи Неговите заповеди и ја празнува саботата.

Во големата битка што претстои Сатаната ќе прелаже многумина, кои заведени мислејќи дека Бог ги води ќе застанат наспроти Бог и Божјиот народ во таа борба. Поради тоа потребно е целосно посветување и проучување на Библијата со цел да не бидеме заведени туку до крај да останеме верни на Бог и на Неговите заповеди.