Текстови

Дали Христос е Бог?

Кај современиот човек во денешно време, чувството за вечност и бесмртност често пати е парализирано. Заробен и успиен во метафизичкиот и етички релативизам, современиот човек своите размислувања за животот често пати ги завршува во безсмисленост и безнадежност. Но, кога ќе се разбуди од тој кошмарен сон и кога ќе почне да ја насетува волшебната реалност на вечноста, човекот почнува да ја бара вистината за себе и светот каде што живее. Тоа чувство за глад и жед немилосрдно го влече од пустината на животот кон оазата на радоста каде што вечните вистини, преминуваат во извори на жива вода и течат кон вечноста.

Таа духовна глад во срцето на човекот создава во него неодолива желба да го запознае Бога, изворот на вистината. Тајната на вистината не лежи во предметите, идеите или симболите, туку во личноста на Исуса Христа: „Јас сум Патот, Вистината и Животот“ (Јован 14,6). Сознанието за божеството е скоро апсолутно невозможно без сознанието на личноста на Исуса Христа. Бог преку личноста на Исуса Христа на најочигледен начин се прикажал себеси како ВЕЧЕН, во границите на овој наш свет. И затоа Светото Писма кажува: „А знаеме дека Синот Божји дојде и ни даде разум за да Го познаеме Вистинскиот. И ние сме во Вистинскиот, во Неговиот Син Исус Христос. Тој е Вистинскиот Бог и живот вечен“ (1 Јованово 5,20). Меѓутоа, на тој свој прв чекор од своето духовно будење, човекот наидува и на поединечни учења, кои во своите основни постулати на верата го негираат Христовото божество. Овие гледишта учат дека Исус не е и дека не може да биде Бог, бидејќи Бог е само еден и единствен, вечит и непроменлив. Значи основен проблем е ДАЛИ ХРИСТОС Е БОГ? Најгласни од сите учења поврзани за оваа проблематика се учењата на Јеховините сведоци и Исламот. Намерата на оваа кратка студија е да ги изнесе и критички еволуира аргументите на овие две позиции од една и да го изнесе библискиот став поврзан за божеството на Исуса од друга страна. Целта на оваа студија е на читателите, верниците и на оние кои штотуку ја запознаа вистината за Бога да ги увери во веќе откриената вистина, запишана во евангелијата, нудејќи им помош во сфаќањето и вистинското толкување на личноста на Исуса Христа.

Христовото божество кај Јеховините сведоци

Својот став поврзан за ова прашање припадниците на оваа верска заедница го изложија во својата книга „Кој е Бог“ стр.49 каде што пишува: „Божјиот Син е првото создание кое што Бог го направил со свои раце“. Во овој како и во многу други ставови со слична содржина, Јеховините сведоци во личноста на Исуса Христа гледаат само создание, инфериорно во однос на Отецот, кој има свој почеток и е зависен од Бога. За да ја докажат оваа своја изјава тие користат неколку библиски текстови, но најкарактеристични се текстовите запишани во Посланието до Колосјаните 1,15.16 и Книгата на Откровение 3,14.

Исус Христос во Колосјаните 1,15.16

„Тој е образ на невидливиот Бог, Првороден на секое создание“. Овој текст се користи од страна на Јеховините сведоци за да го докажат своето гледиште дека Исус е прво создание кое е излезено од Божјите раце, има почеток и затоа не може да биде Бог. Што кажува Библијата за овој текст? – Клучен термин за да се разбере целокупниот текст е зборот првороден или (грч.прототокос). Овој израз не е врзан за некој временски период на случување на некој настан туку со овој термин писателите на Библијата ја истакнувале важноста и улогата што ја имала одредена библиска личност во дадена ситуација (пр.Псалам 89,20-27; тука Давид е наречен првороден иако не бил). Во еврејската култура, првородените добивале поголеми семејни права и поголема привилегија, за разлика од останатите, така да Исус како првороден меѓу луѓето се здобил со сите привилегии што човекот ги изгубил. Имајќи ја оваа позадина во мисла, апостол Павле во Колосјаните 1,15.16 Исуса го нарекува првороден.

Исус Христос во Откровение 3,14

„Ова го зборува Амин, верниот и вистинскиот сведок; Почетокот на Божјото создание“. Ова е вториот карактеристичен текст што се користи од страна на Јеховините сведоци да се негира Христовото божество. Која порака сакал да ја истакне апостол Јован? – Клучен термин да се разбере целокупниот библиски текст е зборот „почеток“. Грчкиот збор употребен на ова место е зборот архе. Во превод овој збор значи принцип на животот, прва причина или зачетник. Значи пораката на овој текст не е да ни го прикаже Исуса како првосоздадено суштество од Бога, туку да ја разбереме улогата на Христа како Главна причина во процесот на новораѓањето на Лаодикеја. Значи, Исус во овој текст е претставен како Создател, а оваа особина ја поседува само Бог.

Христовото божество во Исламот

Во Исламот Исус (или Иса) завзема навистина видно и значајно место. Во 93 стиха (ајети), распоредени во 15 глави (сури) од Коранот се спомнува Исусовото име а 3 од овие 15 глави се насловени со Исусовото име. Освен како Иса, во Коранот Исуса го среќаваме како Божји дух и Божја реч. За Муслиманите Исус е пророк и пратеник, благословен и праведен, ценет и на земјата и на небото. Коранот кажува дека Исус ги лечел слепите, глувите и дека ги воскреснувал мртвите. Собрал околу себе ученици кои верувале дека Тој е Божји пратеник. Меѓутоа, според Исламот, Исус како и другите пророци е само создание и не поголем од слуга. Никој не смее да го нарече Бог, Божји син или Господ затоа што не може да постои никаков друг Бог освен единствениот Бог (“Муслиманите моите ближни стр.43“). Ценејќи го учењето на Исламот поврзан за Исуса Христа, сепак Светото писмо ни кажува дека Исус бил многу повеќе отколку само пророк: – Исус за разлика од другите пророци бил претскажан уште пред да се роди (Книгата на пророк Михеј 5,2; Исаија 7,14).- Исус се родил на многу чуден начин за разлика од сите други пророци (Лука 1,35; Матеј 1,18-25). – Христовиот живот се разликувал од животот на сите други пророци (1 Петрово послание 2,22.23). – Христовата смрт се разликувала од смртта на било кој друг пророк (Послание до Римјаните 5,8-10).- За разлика од другите пророци Исус е денеска жив и се наоѓа на небото (Марко 16,19).- За разлика од другите пророци Исус ветил дека повторно ќе дојде да ги спаси верните (Јован 14,1-3; Послание до Солуњаните 4,15-17). Сите овие аргументи ни сведочат дека Исус бил многу повеќе отколку човек или пророк. Исус е Бог.

Библиски поглед на Христовото Божество

  • Христос има Божји особини

-Тој е семоќен (Филипјаните 3,24). – Тој е сезнаен (Колосјаните 2,3;Јован 16,30). – Тој е сеприсутен (Матеј 18,20;28,20). – Тој е самобитен (Јован 5,26;и 11,25). -Тој е непроменлив (Послание до Евреите 13,8). – Тој е вечен (Колосјаните 1,17; Михеј 5,2).

  • Христовата моќ

-Тој е создател (Јован 1,1-3). – Тој е одржавател (Колосјаните 1,17). – Тој простува гревови (Матеј 9,6; Марко 2,5-7). – Тој подигнува мртви (Јован 5,28.29). – Тој ќе му суди на светот (2 Послание до Коринтјаните 5,10).

  • Сведоштвото на Библиските личности

-Пророк Исаија (Книга на пророк Исаија 9,6). – Апостол Тома (Јован 20,26-28). – Апостол Павле (1 Тимотеја 3,16; Римјаните 9,5). – Апостол Јован (1 Јованово 5,20).

  • Исус го обожаваат како Бог

-Народите (Матеј 28,17). – Ангелите (Послание до Евреите 1,6). – Секое колено и племе (Послание до Филипјаните 2,10.11).

  • Исус сведочи сам за себе дека е Бог (Јован 10,30; 13,13; 14,7-9).

На крајот на оваа наша кратка студија несомнено доаѓаме до еден единствен заклучок, а тоа е дека Исус Христос е многу повеќе отколку човек или пророк, Исус е вистински Бог и живот вечен (1 Јованово Послание 5,20) и затоа потребно е да го почитуваме како БОГ.