Текстови

И ЌЕ ИМА ЗНАЦИ…

И ќе има знаци….“И ќе има знаци на сонцето, на месечината и на ѕвездите; а на земјата народите ќе бидат опфатени од страв и збунетост од бучењето и од морските бранови; луѓето ќе умираат од страв, од исчекувањето на она што ќе го снајде светот, зашто небесните сили ќе се затресат. И тогаш ќе го видат Човечкиот Син како доаѓа на облак со голема сила и слава“ (Лука 21,25-27) Кога ќе го воспостави Исус своето царство на славата? Кога ќе дојде крајот на светот? Кога ќе помине кошмарот на гревот и кога ќе настапи поредокот на вечниот мир?

Овие прашања ги вознемирувале учениците и со нив се занимавале христијаните во текот на историјата. Лука ги забележал за нас Исусовите зборови, опишувајќи шест знаци кои посебно ќе ја означат близината на Христовото доаѓање. Три од овие знаци се занимаваат со астрономски појави: затемнување на сонцето, на месечината и паѓањето на свездите (Матеј 24,29.30) Другите три се осврнуваат на психолошките појави кај луѓето: патење, збунетост и страв.

Адвентистичката есхатологија забележала исполнување на првите три знаци во историјата. Овде ние ќе зборуваме за трите знаци кои ќе го одбележат последното време. Наведените знаци го опфаќаат во глобална рамка начинот на животот и однесувањето на луѓето во последното време. Исус употребува три изрази за да опише различни, но сродни знаци на психолошката арена на која ќе се најдат луѓето на крајот од времето. Библијата овие знаци ги опишува како„неволји меѓу народите“, за страдањето…. а на земјата народите ќе бидат опфатени од страв. Старогрчкиот збор сунохе, преведен како “опфатени од страв“, всушност опишува опфатеност на луѓето со големи тешкотии, болки, страдања, стравотии, тага, беда.

Многу филозофи го третирале проблемот на човекот врзан за страдањата и болката во животот на човекот. Разгледувајќи ги делата на Ниче (1844-1901), Хајдегер (1888-1976), Сартр (1905-1980), Ками (1913-1960) и други егзестенцијални филозофи ќе наидеме на мислата дека само патењето, болката и агонијата која произлегува од ништожноста, празнотијата и безвредноста, означена со неизбежноста на смртта, може да ја пробуди свеста за вистинската реалност на човековата егзистенција. Психолозите исто така се занимаваат со проблемот на патењето, болките и агониите во животот на човекот. За нив тие можат да претставуваат емоционални болести, емотивни нерамнотежи, психози, нервози… Меѓутоа ниту филозофите ниту психолозите во агониите, маките и болките што ги доживува човекот, не гледаат ЗНАЦИ. За нас кои ги проучуваме пророштвата ваквата состојба меѓу луѓето во светот Е ЗНАК на последното време. За збунетоста… “опфатени од страв и збунетост“, грчкиот збор преведен со збунетост е апориа. Литературното значење на овој збор е „без пори“ или “без излез“. Овој збор со себе го носи и значењето „потешкотии“, „несигурност“, „сомневање“ или “скептоцизам“. Во склад на она што го кажува Исус, на крајот од времето збунетост ќе владее поради “бучењето и од морските бранови“. Во апокалиптичниот симболизам морињата и водите означуваат“луѓе, нации, војска и јазици“(Откровение 17,15). Смислата е едноставна: Како есхатолошки знак, збунетоста ќе се огледува во контрадикторните и антагонистички гласови и мислења кои ќе владеат во светот. Луѓето ќе се прашуваат: КОЈ ЈА ИМА ВИСТИНАТА? Кому да му веруваме? Дали воопшто постои вистина на овој свет? Како да дефинираме што е добро а што е лошо? Дали воопшто да ги поставуваме овие прашања? Што да правиме? Каде да го бараме излезот?

Библиските пророштва за крајот на светот укажуваат на тоа дека безизлезот, скептицизмот и сомневањето ќе ги разјадуваат контурите на животот, вклучувајќи ги религијата, политиката, воспитувањето и семејните вредности. Луѓето ќе живеат збунето удирани од брановите на разни човечки теории. Ние живееме во еден таков свет, меѓутоа како христијани живееме со надеж, ВО ИСЧЕКУВАЊЕ НА НАШЕТО ИЗБАВУВАЊЕ, гледајќи напред кон крајот на светот. За студенилото и портретот на нашето време кажува зборот “apoyuhontwn“, преведен како “примираат од страв“, во грчкиот јазик укажува на нешто што доаѓа од студено или произведува студенило.Психолозите зборуваат за студенилото употребувајќи го најчесто терминот бесчуствителност. Според нив студенилото е карактеристика на ментална болест кај личноста чии емоции се неповрзани со претставите или идеите. Личноста се однесува индифирентно, отуѓено, со чувство дека ќе биде нападната од нешто…. Во пророштвото пак, студенилото исто така може да означи состојба на вознемирени мисли и погрешни ставови. На пример во Матеј 24,12 се спомнува изразот “љубовта кај мнозина ќе олади“, а тоа укажува на пореметена состојба во меѓучовечките односи. Денес можете да наидете на многу луѓе кои искусиле “студенило“ од други луѓе. Мнозина од нив живеат во страв, отуѓено, одвоено од другите, сакајќи да се заштитат себеси да не бидат повредувани од таквиот однос на луѓето. Меѓутоа, на кој вид “студенило“ или страв укажува Исус како знак на последното време? Поради што настанува тоа студенило? Тоа доаѓа поради “фобоу“ или од стравот, од „исчекувањето на она што ќе го снајде светот“. Некој можеби би рекол дека луѓето ќе бидат „следени од страв“. Во книгата Големата борба (стр.547) Елена Вајт забележала: “Често е случај очекуваната неволја да ја сметаме за поголема отколку што е во стварноста, но тоа не е случај со неволјата што е пред нас. Најживата фантазија не може да замисли колку тешко ќе биде искушението“.

Навистина живееме во свет во кој владеат немири, страдања, збунетост, кога значењето на семејните вредности се повеќе се губи, кога пријателствата се рушат, стравот од неволји кога навјасува, кога се губи економската перспектива, кога постои страв од иднината… Како треба да се однесуваат христијаните знаејќи однапред дека неволјите што доаѓаат на овој свет ќе ги збунат и исплашат народите на оваа напатена земја? Христијанинот укажува целосна доверба во Божјите ветувања! Тој се потпира врз Исусовите зборови кои го храбрат на овие случувања да гледа со подигната глава бидејќи “избавувањето наближува“(Лука 21,28).Да ја негуваме оваа надеж во нашите срца.Тоа ќе ни донесе мир, спокојство, радост, наспроти бурните психолошки притисоци што ќе го карактеризираат начинот на живот и однесување на човекот во деновите што се пред нас. “Но внимавајте на себеси, вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, со животни грижи и да не ве затече ненадејно оној ден, зашто како замка ќе дојде за сите кои живеат по целата земја“ (Лука 21,34.35). Многумина од нас ќе потклекнуваат под притисокот на бремето, на студенилото, на збунетоста, на страдањата, на болките, на грижите и стравовите, на бедата што ќе ги опкружува луѓето, но ние ја знаеме вистината и тука сме да им зборуваме за надежта во Исуса Христа и во неговата Реч. Целото небо чека на луѓе преку кои ќе заблеска вистината за Бога, за Неговите благослови и радоста на спасението во срцата на оние кои сега се можеби без надеж, кои се прашуваат на што да се надеваат, кому да му веруваат. Ние како христијани треба да бидеме опкружени со духовна атмосфера во која ќе најдат воздишка многу напатени, тажни, уплашени, осамени луѓе. Затоа, знаците што ги препознаваме, знаците кои ќе го означат последното време, нека бидат поттик храбро да се соочиме со она што доаѓа на земјата, знаејќи Кому му веруваме, чиј Пат следиме, која Вистина ја проповедаме, чиј Живот живееме!