Текстови

ИСТОРИЈАТА ЗА НЕДЕЛАТА КАКО ПРАЗНИК

Во својата немоќ библиски да ја оправдаат небиблиската установа, неделата, христијанските теолози посегаат по безброј историски докази, повикувајќи се на изјави и записи на најстарите црковни и историски авторитети.

– Прв таков наводен доказ на кој се повикуваат теолозите им дава црковниот отец Игнатиј Антиохиски кој, проникнат со антиеврејскиот семитизам на своето време, им упатува послание на Магнезијанците околу 110 год. во кое ги повикува своите верници “во сабота да не јудаизираат (саботата да не ја поеврејчуваат), туку да живеат според Господовиот“ живот, според животот и примерот на Исуса Христа. Теолозите се обидуваат и настојуваат во ова послание да го најдат изразот “Господов ден“ (неделата како “Господов ден“), “да живеат според Господовиот ден“, но зборот “ден“ овде воопшто не постои.

Паганските и христијанските писатели постојано го осудуваат пасивното безделничење и гозбите кои го обележувале еврејскиот начин на празнување на сабота. Според учењето на рабините, Евреите во сабота уживале и несекојдневна, претерано богата и раскошна храна, што се заедно претставувало јудаизирање, поеврејчување, на саботата. А Игнатиј Антиохиски ги повикува верниците саботата да ја празнуваат не како Евреите (според еврејските обичаи) со богата и раскошна храна и во пасивно безделничење, туку на активен духовен начин, размислувајќи за Бога и за неговото дело, да ја празнуваат како што ја празнувал нашиот Спасител, и им заповеда на христијаните да “живеат сообразно со животот на нивниот Господ“.

– Друг црковен отец на кој се повикуваат денешните теолози е Јустин Маченикот (околу 150 год.), кој е прв изричен застапник на неделата или на сончевиот ден. Тој пишува: “Во денот, наречен “сончев ден“, сите кои живеат во град или на село, се собираат на едно место каде што се читаат спомените на апостолите или списите на пророците“. Од тоа време наоѓаме се почести изјави кои покажуваат дека христијаните почнале да го празнуваат воскресението во првиот ден во седмицата, во недела, која се нарекла “сончев ден“. Околу 200-тата год. “сончевиот ден“ почнува да се нарекува “Господов ден“. Од тоа време тој израз го сретнуваме во списите на Клемент Александриски, Тертулијан и други, како синоним за неделата или за денот на воскресението. Но интересно е да се напомене дека Јустин, иако зборува за неделата како за прв ден во седмицата, сепак еднаш, кога зборува за првиот ден, односно за неделата, го употребува многубожечкиот израз “heliou hemera”, што на грчки значи “сончев ден“, ден посветен на сонцето, а не на Христовото воскресение. При крајот на вториот и почетокот на третиот век се појавува Клемент Александриски, прв човек кој недвосмислено го употребил изразот “Господов ден“ за првиот ден на седмицата.

– Во третиот век, адвокатот од Картага, Тертулијан, прв бара во “Господовиот ден“ (во неделата) да се престане со сите световни работи. Во својата “Апологетика“ тој го споменува “денот на сонцето“ како ден на радост за христијаните. Тертулијан води полемика со Евреите и во својата книга “За народите“, меѓу другото тој пишува: “Некои од нас (многубошците, паганите) не обвинуваат дека сонцето е наш бог затоа што знаат дека ние, кога се молиме, се вртиме кон исток, или затоа што “денот на сонцето“ за нас е ден на радост и празник. Евреите празнуваат празници: саботи, празник на пресни лебови, постови без квасец, палење на светилки и принесување на жртвени молитви. И сега, откако сме го напуштиле ова, со кое право вие ни префрлате за обожавање на сонцето и за изборот на денот што му е посветен? Вие сте ни слични во овој поглед. Признајте дека ние не сме толку далеку од вашите сатурналии (празнични свечености) и саботи“. Тертулијан навлегува во срцевината на проблемот на неделата. Навистина, тој, поимот “ден Господов“ го применува на “првиот ден“ во седмицата, на неделата, но, од друга страна, неделата не ја поврзува со Христовото воскресение, туку со сонцето, и вели: “Сонцето е наш бог затоа што… ние, кога се молиме, се вртиме кон исток, и… “денот на сонцето“ за нас е ден на радост и празник… и со кое право вие ни префрлате за обожавање на сонцето и за изборот на денот што му е посветен нему“?

Многу јасно,зар не! Тертулијан ги открива корените на неделата како христијански празник, поврзувајќи ги нив со многубожечкото божество на сонцето и ги дава вистинските причини за празнување на првиот ден на седмицата, кои се наполно различни од оние што им се прикажуваат на христијаните денес. За него првиот ден не е ден на воскресението, туку ден посветен на сонцето.

– Кон средината на третиот век доминантна теолошка фигура во црковните кругови е црковниот отец Ориген.Тој ги мрази Евреите и, гонет од таа омраза, силно се противи на празнувањето на саботата и на еврејските обичаи, издигнувајќи го на нивна сметка “денот Господов“. Покрај другото, тој вели: “Јас имам да кажам дека за совршениот христијанин, кој непрекратно со своите мисли, со своите зборови и дела му служи на Господа, сите негови денови се Господови, и тој постојано го празнува Господовиот ден“ (Protiv celza, knjiga 8, glava 22; u ANF,vol. 4, p. 647). Но теолошките аргументи не успеале да ја заменат саботата со недела, па затоа на помош се повикани и црковните собори. Така на соборот во Елвира, одржан во Шпанија во 305 год., во 21. канон било решено: “Ако некој во град не сака да дојде во црква во текот на три недели или во текот на три сончеви денови, нека биде исклучен за извесно време за да се поправи“. Значи, дури во почетокот на четвртиот век, почнувајќи од овој собор, празнувањето на неделата станало строг пропис кој потоа христијанските цареви го претвориле во државен закон. На подоцнежните црковни собори прифатен е римскиот обичај Велигден да се доведе во врска со неделата.