ИСУС воскресение и живот!

Науката го изменила светот што не опкружува, ја испитала вселената околу нас и го открила веројатниот механизам на мисловните процеси што се одвиваат во нашиот мозок.
Во сите периоди од својот развој науката беспомошно стоела пред гробот. Наѕирала внатре и бргу се повлекувала. Иако е способна да го продолжи постоечкиот човечки живот, науката се нашла во безнаденост пред поимот на смртта и пред проблемот на задгробниот живот.

Човекот е прав – во кој се враќа при смртта. Меѓутоа, овој прав додека е во власта на животот може да создава уметнички ликовни дела на еден Микеланѓело, музика на еден Бах, интерпланетарна ракета на надарени пронајдувачи и научници. Науката, меѓутоа, ништо не знае за обликувањето и за оживувањето на тој специфичен прав, или за продолжувањето на неговиот живот зад гробот.

Љубовта, радоста, добротата, верата, копнежот за пријателство и сите други особини и појави во човечкиот живот што зависат од свеста, не се резултат на едноставните процеси или само на хемиски реакции. Додека материјалните прилики можат човечкиот живот да го сторат удобен и пријатен, изразите на човечкиот дух му давит смисла на животот. Огромниот материјален придонес на науката се завршува крај гробот; меѓутоа, општ копнеж за осмислување на животот може конечно да се оствари дури по воскресението од гробот.

Што е животот? Се чини дека никој не може да даде целосна дефиниција за овој поим. Дури и научниците – наспроти крупните, често и сензационални наслови во кои тврдат дека можат да го обликуваат животот – исто така бараат одговор.

Додека современиот човек попусто се труди да пронајде соодветна дефениција на животот и да сознае дали е можен живот зад гробот, Светото писмо истакнува дека човечкиот живот почнал тогаш:”Го
создаде Господ Бог човекот од земниот прав и му дувна во носалките животен дух. Така човекот стана душа жива.”(1.Мојсеева 2,7).

Почнувајќи го на овој начин, животот го продолжил во прекрасната Едемска градина полна со родни дрвја од кои се споменуваат само две: дрво на животот и дрво на сознанието на доброто и злото. Сакајќи го повеќе “сознанието на доброто и злото” од самиот живот, Ева скинала плод од тоа забрането дрво и на тој начин ја загубила можноста и понатаму да јаде плодови од дрвото на животот” (1.Мојсеева 2,9.17;3,1-7).

Одвоени со својот грев од светиот Бог, Адам и Ева морале да го напуштат рајот и да се одвојат од дрвото на животот. Пристапот до некогашните благодети ги чувал ангел со “пламен меч” (1.Мојсеева 3,24). Од тој миг до денеска човекот со своето знаење постојано го бара загубеното дрво на животот, но уште не успеал да го пронајде.

Всушност, животот не е само биење на срцето, работа на белите дробови или течење на крвта низ вените; тоа е жива врска меѓу човекот и Бога – а тоа всушност било прекинато во Едем. Меѓутоа, кога се навршило претскажаното време, дошол Човечкиот син кој вака зборувал за себе: “Јас сум патот, вистината и живот”(Јован 14,6). Се викал Исус Христос, вечен Божји Син, кој дошол на Земјата да ја обнови таа прекината врска, па затоа и можел да каже: “Јас дојдов да имаат живот и изобилство” (Јован 10,10).

Во најдобрите години од животот, во полна животна сила, Исус умрел распнат на крст. Ставен е во гроб, но третиот ден воскреснал, ставајќи му со тоа крај на човечкото одвојување од Бога. Затоа во врска и во заедница со него, човекот може да добие вечен живот, зашто само “во неа беше животот, и животот им беше видело на луѓето” (Јован 1,4). Светото писмо понатаму кажува вака: “Оној што го има Синот Божји, има живот; Оној што го нема Синот Божји, нема живот”(1.Јованово 5,12).
Исус Христос за себе кажува вака: “Јас сум воскресение и живот”и, “пак ќе дојдам” (Јован 11,25; 14,3). Овие стихови ја откриваат значајната животна вистина – воскресеноето од гробот е многу повеќе отколку самонеобичен настан. Воскресението е Личност, а таа личност е Христос. Понатаму, тоа значи дека животот или воскресението не можат да постојат одвоено од Христа. Смртта е поразена и исчезнува во Христово присуство. Тоа било видливо потврдено со воскресението на Лазара од мртвите (Види: Јован 11 гл.) Истата сцена – во повеличествен облик – ќе се повтори кога Исус повторно ќе дојде во својата слава. За тој најсвечен и највеличествен настан во историјата на нашиот свет, Светото писмо кажува вака: “Зашто сам Господ со заповеднички повик, со глас на арангел и со звук на Божја труба ќе слезе од небото, и напрво ќе воскреснат мртвите во Христа” (1.Солуњ.4,16).

Животот во условите на воскресението и спасението што ги дава само Христос, им е достапен на сите луѓе. Ова спасоносна наука на Светото писмо е изразена наполно јасно. Последните две глави во Светото писмо чуваат блескотно откровение за Новиот Ерусалим и возвишен опис на животот на спасените кои вечно ќе живеат во него. Блаженото ветување гласи: “Бог ќе избрише секоја солза од нивните очи. Смрт нема да има повеќе; нема да има повеќе тага, ни лелек, ни болка, зашто стариот свет помина.” (Откровение 21,4).

Таму, за првпат по настаните во Едемската градина, спасение ќе можат да располагат со плодовите на животот. Нема да има повеќе пламени меч. Вратата што води во Божјиот град ќе биде ширум отворена, а спасениот човек ќе го добие она што при создавањето му било и наменето – власт над обновената Земја и над сите нејзини непоминливи богатства.

Човекот никогаш повеќе нема да се обиде да го замени животот за: ”сознанието на доброто и злото”, зашто животот, неговите облици и меѓусебни односи ќе бидат втемелени врз држењето на Божјите заповеди: “Блазе на оние што ги држт заповедите негови, за да имаат власт над дрвото на животот и да влезат низ вратата во градот” (Откровение 22,14).

Животот овде на Земјата и животот по воскресението поправо е целосно единство со Бога – единство што го обновил и го воспоставил Спасителот на светот, Исус Христос, со својата жртва на голготскиот крст. Според тоа, вистината, вечната и спасоносна наука на Светото писмо, за сите без разлика, зрачи со единствената порака: Верувајте му на Христа, прифатете ја неговата возвишена жртва, неговиот повик и вистинскиот дар на вечниот живот!

Т.Т