Некои етнолози обичаите со маски ги поврзуваат со култот на предците, култот на умрените, односно овие обичаи и верувања ги поврзуваат со инкарнацијата на душите на мртвите предци кои, според народното верување, еднаш годишно ги посетуваат живите потомци.
Други, пак, во денешните обичаи со маски гледаат континуитет на античките баханалии и дионизии, а подоцна и на византиските анастенарии и брумалии.
Трети се на мислење дека обичаите со маски имаат тракиски и антички корени.
Еден од најпознатите настани во Вевчани е Вевчанскиот карневал. Се смета дека таа манифестација е стара повеќе од 1400 години и претставува спој на паганското и современото. Учесниците се маскираат поединечно или во групи од сите возрасти. Се скока, игра, кажуваат срамни шеги, се прават маски изобличени или со застрашувачки израз. Од 1993 година карневалот е член на Здружението на европски карневалски градови.
Би го наброиле и струмичкиот карневал. Него го спомнува и патеписецот Евлија Челебија уште во 1670 година. Кога минувал низ Струмица запишал:
„Дојдов во еден град, расположен во полите на еден висок баир и видов како таа ноќ маскирани луѓе преттрчуваат од куќа во куќа, низ смеа, писок и песна…
Како показатели за древноста и старината на овој карневал се многуте белези на маските, носиите (облеки од кожа, рогови од разни животни), обреди на истерување на злите духови, за здравје, желба за плодност итн, што го покажуваат својот пагански извор.
Карневалите не се поврзани со христијанството, иако постојат обиди така да се прикажат, тие постоеле уште во Стариот Рим. Денешните маскирани учесници во карневалите се само ехо на паганската култура.
— Зачудува фактот дека овие карневали се практикуваат во средина каде што луѓето се изјаснуваат како христијани.
Со изговор дека се работи за „културно наследство” се продолжува со овие безбожни работи. Се истакнуваат и прават обиди да се сочуваат овие обичаи како да се нешто со што треба да се гордееме. Многу градови се насочени кон тоа да ги обноват овие пагански обичаи. Така луѓето се обидуваат да го слават ѓаволот и Бога.
Никој не може да им служи на двајца господари...(Мат.6.24)
Време е да расчистиме со секое мрачно наследство кое сме го наследиле како последица на животот без Бог и да зачекориме во нов живот.
Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господа, живеете како деца на светлината! (Ефес. 5.8)