Текстови

НОВАТА ЗЕМЈА

„А ние, според неговото ветување, очекуваме нови небеса и нова земја, во кои пребива правдата” (2. Петрово 3,13)

Светата книга, Библијата, преполна е со ветувања за новата Земја која Бог ќе им ја даде во наследство на спасените. Господ преку пророците објавува: „Зашто, еве јас создавам нова небеса и нова земја. Поранешните веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе ви доаѓаат на ум. Веселете се и воскликнувајте довека заради она што јас создавам…” (Исаија 65,17.18). Исус ветил: „Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!” (Матеј 5,5).

Преку пророкот Даниел Бог прорекол дека „царството ќе го преземат светите на Севишниот, и тие ќе го владеат во векови на вековите” (Даниел 7,18).

Пророкот Исаија со поетски јазик ја опишува новата Земја каква што ја посматрал во видение: „Нека се зарадува пустината, исушената земја, нека воскликнува степата, нека расцвета лилјанот… Зашто во пустина ќе бликнат води, а во степата потоци, изгорената земја ќе стане езеро, а жедната почва – извори… Ниту ѕвер ќе поминува таму, туку ќе одат само искупените, ќе се враќаат искупениците Господови. Ќе дојдат во Сион воскликнувајќи од радост, со вечна веселба на челата; радоста и веселбата ќе ги придружуваат, ќе ги победат тагата и воздишките” (Исаија 35,1.6.7.8-10)

На новата Земја нема да има болници зашто никој нема да има потреба од нив. Болест нема да има: „И ниеден жител нема да рече: ‘Болен сум!’ На народот што ќе живее таму, ќе му се прости беззаконието” (Исаија 33,24). На новата Земја нема да има ниту гробови, зашто нема да има смрт: „И ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ни тага, ни плач, ниту болка, зашто првото помина” (Откровение 21,4).

Најубаво од се ќе биде тоа што сам Исус ќе биде со својот народ: „Еве го Божјиот Шатор меѓу луѓето, и Тој ќе живее со нив, и тие ќе бидат негов народ, и самиот Бог ќе биде со нив” (Откровение 21,3).

Ова ќе биде обновениот рај! Се што изгубил човекот поради гревот, ќе му биде вратено. Човекот го изгубил животот зашто поради неговиот грев му било ускратено да јаде плод од дрвото на животот (1. Мојсеева 3,23,24). Сега повторно ќе има право да ужива во плодовите од дрвото на животот (Откровение 2,7). Ја изгубил честа и праведниот карактер зашто ја престапил Божјата заповед (1. Мојсеева 2,17) Преку Христа верните добиваат проштавање на гревовите и нова природа, нов карактер (2.Коринќаните5,17). Поради гревот човекот го изгубил својот прекрасен дом; сега ќе му биде вратен тој дом, обновениот рај. Ја изгубил првобитната власт; сега таа ќе му биде вратена (Михеј 4,8; Откровение 3,21). Секое проклетство на гревот засекогаш ќе биде отстрането: „И нема веќе да има никакво проклетство” (Откровение 22,3).

Еден вдахновен писател запишал: „Во Библијата наслеството на спасените се нарекува татковина (Евреите 11,14-16). Таму небесниот Пастир го води своето стадо на извори на жива вода. Дрвото на животот дава род секој месеци лисјето на дрвото служат за здравје на народите. Таму потоците кои вечно жуборат, бистри како кристал, на чии брегови лелујаво виорат цвеќињата. Дрвја ги фрлаат своите сенки на патеките кои Господ ги подготвил за откупените. Ливади продолжуваат во прекрасни долини. А Божјите гори се издигаат со своите врвови. На овие тивки ледини, покрај оние живи потоци, Божјиот народ кој толку долго бил патник и поклоник ќе ја најде својата татковина.”

Бог во Библијата објавил многу детали за условите за живот на новата Земја: „Волкот ќе живее со јагнето, рисот ќе лежи со јарето, телето и лавчето ќе пасат заедно, а мало детенце ќе ги води… Не ќе се прави повеќе зло, не ќе се опустува на сета моја света гора…” „Мојот народ ќе живее во мирни населби, во безгрижни одморалишта.” „Веќе не ќе се слуша за насилство во твојата земја, ни за запустување и разурнување на твое подрачје…” „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод…” (Исаија (11,6.9; 32,18; 60,18; 65,21).

Чувствата на љубов што ги всадил Бог во човечката душа таму ќе најдат најдобра примена. Чиста заедница со сите суштества, хармоничен општествен живот со возвишените ангели и со верните од сите времиња кои ги „испраа облеките свои и ги избелија во крвта на Јагнето” (Откровение 7,14), света врска која меѓусебно ги соединува сите созданија на небото и на Земјата – сето ова ќе придонесе за среќата на откупените.

Таму бесмртните умови со неуморно одушевување ќе ги проучуваат чудесата на творечката моќ и тајните на љубовта која спасува. Таму нема да биде свирепиот и лукав непријател да заведе некого да го заборави Бога. Секоја ќе се развива, секоја способност ќе се зголемува. Учењето нема да го заморува умот ниту да ја исцрпува животната сила. Таму можат да се извршат најголемите потфати, да се остварат највозвишените стремежи, да се исполнат највисоките желби, и се уште ќе постојат нови цели да се постигнат, нови чуда кои ќе бидат предмет на восхитување, нови вистини да се сфатат, нови предмети да ги поттикнат силите на разумот, на душата и телото да се развиваат.

На откупените ќе им стојат на располагање сите богатства за истражување. Ослободени од смртноста, ќе се вивнат со неуморен лет во далечните светови – светови кои, гледајќи ги човечките јадови, биле обземени со болка, а пееле од радост при радосната вест за некоја спасена душа. Со неискажлива милина земните деца ќе се запознаат со радостите и со знаењето на оние суштества кои никогаш не паднале… Слободно ќе ја посматраат славата на создавњето – сонцата, ѕвездите и нивните системи, како сите по одреден ред кружат околу Божјиот престол. На сите дела, од најмалечкото до најголемото, е напишано името на Творецот и кај сите се гледа богатството на неговата сила… Од Оној кој создал се тече живот, светлина и радост низ сите светови во бесконечното пространство… И живата и неживата природа, во својата непоматена убавина и совршена радост зборуваат дека Бог е љубов.”

Сакате ли и вие да бидете меѓу оние кои за време на Христовото второ доаѓање ќе примат бесмртност и вечно наследство на обновената Земја? Господ ве повикува во овој момент да му се предадете и да му служите. Тој ќе го обнови вашиот живот и ќе го всади во вашето срце својот свет Закон. Само дозволете му тоа да го стори.

Прекрасна иднина ја чека нашата Земја и сите оние кои го љубат Господа и неговата Реч, и кои со Божествена милост, вера и послушност кон Бога се подготвуваат да го наследат. Одлуката е твоја!

Томе Трајков