ОПАСНОСТ ОД ШПЕКУЛАТИВНИ ЗНАЕЊА

Едно од најголемите зла кои ја следат потрагата по знаење и истражувањето на науката е наклонетоста да се издигнува човечкиот ум над неговата вистинска вредност и над неговата вистинска улога. Мнозина се обидуваат да судат за Создателот и неговите дела според нивното несовршено познавање на науката. Тие настојуваат да ја спознаат природата и својствата и правата на Бога и се впуштаат во сомнителни теории во однос на Вечниот. Оние кои се впуштаат во вакви проучувања стапнуваат на недозволена почва. Нивното истражување нема да донесе никакви вредни резултати и може да биде проследено само со уништување на душата.

Нашите прародители биле наведени на грев поради желбата да го дознаат она што Бог го сочувал од луѓето. Сакајќи да го здобијат тоа познавање, тие загубиле се што е вредно да се има. Ако Адам и Ева не го допреле забранетото дрво, Бог во нив ќе втиснел знаење – знаење врз кое не почива клетвата на гревот, знаење кое би им донело вечна радост. Се што добиле слушајќи го искужувачот било познавање на гревот и неговите последици. Со својата непослушност, човештвото било отуѓено од Бога и земјата разделена од небото.

Оваа поука е за нас. Полето на кое сатаната ги навел нашите прародители е истото кон коеги намамува луѓето денес. Тој го преплавува светот со привлечни измислици. Со сите сили кои му се покоруваат, тој сака да ги наведе луѓето на шпекулации во врска со Бога. На тој начин се обидува да ги спречи да го добијат она знаење за Бога кое донесува спасение.