Текстови

ПАГАНИЗМОТ ВО ХРИСТИЈАНСТВОТО

Бидејќи празнувањето на неделата нема Библиски темел, затоа било потребно таа човечка установа да се потпира врз човечка рака и мишка. Иако биле потребни државни и црковни закони за да се обезбеди празнување на неделата во текот на вековите, сепак сите христијани не ја прифатиле таа установа. Мнозина по цена на прогонство и маченичка смрт и понатаму останале верни на Божјиот закон и на саботата како печат на тој закон, кој е вечен и непроменлив. Заклучоците на Никејскиот собор биле подржани и со граѓанскиот закон на цар Константин. За тоа црковниот историчар Шаф (Schaff) кажува: – “Ова е прв пример на граѓанско казнување на ереста. Тоа е почеток на долгата низа цивилни прогони вперени против оние што отстапуваат од католичката вера. Пред соединувањето на црквата и државата, исклучувањето од црквата било највисока казна. Сега било додадено прогонства, а подоцна и смрт, зашто навредата нанесена на црквата едновремено се сметала за злосторства против државата и граѓанското општество“ (Schaff,History,vol.3,630). – “Државната сила се употребувала за црковна пропаганда, а од друга страна, црквата се ставила во служба на државата.

Дури во тоа време црковните собори можеле да донесат одлуки и црковни казни и за престапи од граѓанска природа, а едновремено на бискупите им е дадено право да вршат световна судска власт“ (Unlhorn,The Conflict of Christianity With Heathenism, vol.3,p.449). Со овие постапки и методи бројот на христијаните почнал нагло да се зголемува, но начелата исто така бргу почнале да се снижуваат. Споменатиот историчар, Шаф, кажува: – “Издигнувањето на христијанството како државна религија дава спротивна слика. Тоа предизвикало големо изопачување на христијанството… Маса христијани биле крстени во вода, но не и со духот и огнот на евангелието, па во црквата почнале да се вовлекуваат многубожечките обичаи под нови имиња“ (Schaff, History,vol.3,p.93). Познат е случајот како се покрстила римската војска и го прифатила христијанството. Константин им наредил на своите војници, безброј илјадници: – “Поминете низ реката Ибар, и кога ќе излезете на другиот брег, вие сте веќе крстени христијани!“

Христијанството се полнело со такви христијани кои немале поим што е тоа вистинско христијанство. И Константин, кој се слави како светец во црквата, е повеќекратен убиец – убил двајца свои блиски роднини ,својот роден син Крисп, а можеби и својата втора сопруга, Фауста. Така непреобратени, многубошците со себе го понеле и го внеле во христијанството и своето поранешно многубоштво и паганство. Го внеле и “денот на сонцето“ со кој го замениле саботниот ден; ги внеле и своите божества кои ги христијанизирале, прекрстувајќи ги со христијански имиња и заменувајќи ги со христијански светци. Така христијанството, сега како државна религија, е контаминирано со многубожечки контаминенти. Кардиналот Нојман (Newman) истакнува дека Константин во црквата внел обичаи од многубожечко потекло: “Евсевие ни кажува дека Константин, за да им ја препорача на многубошците новата религија, во неа ги внел надворешните украси на кои тие навикнале во нивната религија… Службата во храмовите, посветувањето на тие храмови на одделни светци, светилките, свеќите; заветните дарови за исцелување од болести, светата вода; празниците и празнувањата; процесиите, благословувањето на полињата; свештеничките одежди, тонзурата, женидбениот прстен; свртувањето при молитвата кон исток; подоцна обожавањето на слики и кипови – сите тие обичаи имаат многубожечко потекло, посветени така што црквата ги прифатила “(J.H.Newman, An Essay on the Development of Christian Doctrine, pp.359.360).

Еден друг историчар кажува дека христијанската вера со ова мешање со многубоштвото толку многу се расипала, што се до реформацијата, значи повеќе од 1000 год., не можело да се препознае вистинското од лажното. Опишувајќи ги приликите во црквата во тоа време, големиот црковен историчар Мошајм (Moscheim) кажува:- “Голем број разни празноверија постепено ја истиснале вистинската религија и вистинската побожност. За таа срамна револуција постојат разни причини: смешно јурење по нови теории, луди желби за имитирање на паганските обреди и поврзување на тие обреди со христијанскиот култ“ (Ecclesiastical History,vol.I,p.355). – Моќта која некогаш им е припишувана на многубожечките храмови, на сликите и киповите, сега почнала да им се припишува на христијанските цркви, на посветената водичка и на сликите на светците. Наметнат со христијанска наметка, лично сатаната се вовлекол во црквата за да ја расипе библиската вера и да ги оддели луѓето од Божјата реч. Римскиот паганизам не исчезнал. Тој го асимилирал изворното библиско христијанство, станувајќи негов скелет и срцевина. -­ “Многубожечкиот политеизам нашол нов здив во почитувањето на светците. Чуварот и заштитникот на морнарите и бродарите Посејдон – Нептун, ги заменил Свети Никола како нивни светец – заштитник. Култот на божицата Артемида (Дијана) од Ефес во најголема мера дејствува како прототип на девицата Марија, којашто најпрво во тој град почнале да ја почитуваат како “мајка Божја“. Мислата за безгрешна бого-мајка не му била ниту малку туѓа на римскиот свет… На тој начин биле асимилирани и по изглед похристијанизирани месните, народните или обласните обичаи на претхристијанските народи“(T.Ling:op.cit.,pp.224,225).