Среде верскиот хаос што постои денес во светот, многубројните верски заедници, чијшто број постепено се зголемува, човек со право може да се запраша која од нив е вистинска Божја црква на која треба да и припаѓа како верник.Постои ли некаква можност, нешто или некој кој ќе ни помогне позитивно да ја разрешиме таа дилема за да не направиме погрешен избор и да застанеме на погрешна страна, да одиме по погрешен пат, и наместо во Божјето царство, да се најдеме во провалија?
Христос е “ПАТ, ВИСТИНА И ЖИВОТ“ (Јован 14,6) и Тој ќе не научи како да веруваме: “Кој верува во мене како што кажува Писмото, од неговата внатрешност ќе потечат реки на жива вода“ (Јован 7,38). Како што кажува Писмото! Бог ќе ни ги открие во својата Реч белезите на вистинската црква, која е негово Божје семејство, и ќе ни помогне да станеме припадник на неговиот народ. Вистинската Божја црква е лесно препознатлива меѓу силната плејада цркви. Божјите деца имаат видливи белези според кои се препознаваат како Божји деца. Прв голем и јасно видлив белег на верниците на Божјата црква кои му припаѓаат на Бога: “Во тоа е трпението на светите, кои ги пазат Божјите заповеди и верата во Исуса“ (Откровение14,12). – Значи, Бог своите деца ги нарекува “свети“ и ги препознава по тоа што тие “ги држат Божјите заповеди и имаат вера во Исуса“. – Друг важен белег, според кој Бог ја препознава својата црква, односно својот народ, а и Божјиот народ Бога, е четвртата Божја заповед. Божјите деца празнуваат сабота како седми ден. Саботата е најдоминантен белег според кој секој човек што ја проучува Библијата лесно може да ја препознае вистинската Божја црква, да и се придружи и како нејзин верник да ги ужива сите оние богати саботни благослови. Саботата како Божји знак или белег во Библијата кој ја открива вистинската Божја црква:
-“Израелците нека ја пазат саботата – празнувајќи ја од поколение до поколение – како вечен сојуз (завет). Таа нека е знак, засекогаш, меѓу мене и Израелците“ (2 Мојсеева 31,16.17).
-“Им ги дадов своите саботи како знак меѓу себе и нив, нека знаат дека Јас сум Господ кој ги посветува… Празнувајте ги моите саботи! Тие нека бидат знак меѓу мене и вас за да се знае дека Јас сум Господ, ваш Бог“ (Езекил 20,12.20).
Саботата, вели Бог, е видлив знак или белег со кој е обележана мојата вистинска црква. Мојот народ, моите верници, моето семејство, празнува сабота, празнува во мојот свет ден.Затоа, почитувани, Господ и вас ве повикува: Придружете му се на мојот народ, на мојата црква и празнувајте во сабота! Уште нешто за знакот или белегот во Библијата! Во старо време Бог барал од својот народ да ги обрежуваат сите машки деца. Обрезанието исто така било знак или белег на Божјата припадност. “Секое машко меѓу вас нека биде обрежано. Обрежувајте се, и тоа нека е знак на заветот меѓу мене и вас“ (1 Мојсеева 17,10.11). Според тоа и Аврам бил обрежан: “И го прими (Аврам) знакот на обрежувањето како печат на праведноста што ја доби преку верата што ја имаше како необрежан, за да биде татко на сите кои веруваат“ (Римјаните 4,11). Се гледа дека во новозаветниот период изразот “печат“ се користел како синоним за зборот “знак“. За старозаветниот “знак на обрезание“ Павле зборува како за “печат на праведноста“. Затоа тој овде, заедно со зборот “знак“, го воведува во употреба и зборот “печат“, како синоним со исто значење. Според тоа, саботата како видлив знак, според кој Бог ја препознава својата црква, својот народ, а и неговиот народ го препознава него како свој Бог и Господ, претставува “Божји печат“ со кој Бог ги запечатува своите верни и предани деца за своето царство.