СВЕТОГРДИЕ И ОТПАД – ЧОВЕК НА БЕЗЗАКОНИЕТО

Да се зборува за тоа дека средновековната црква срамно се однесувала значи да се ѕвони за тревога. Како би можеле христијаните да се однесуваат така ако претходно не отпаднале од Христа и не ја отфрлиле вистинската вера? Токму тој отпад бил претскажан во беседата на Маслинската гора. “Тогаш мнозина ќе се соблазнат“ (Матеј 24,10). Околу 25 години по беседата, апостол Павле зборува за истата трагедија, и на христијанските старешини во Ефес им кажува: “Jас знам дека по моето заминување, меѓу вас ќе навлезат свирепи волци кои нема да го штедат стадото; а и од вас самите ќе се подигнат луѓе кои ќе зборуваат изопачено за да ги одвлечкаат учениците по себе“ (Дела 20,29.30). “Никој да не ве измами на никаков начин“, им кажува апостол Павле на некои нови христијани во Солун кои копнеела по Христовото доаѓање (неговите зборови претставуваат јасен одглас на една Христова опомена запишана во Евангелието според Матеј 24 глава), и продолжува;

“зашто тоа нема да се случи додека првин не настане отпад (грчки apostasia), и не се појави човек на беззаконието, син на погибелта, кој се противи и се воздига над се што се нарекува Бог или Светиња, така што ќе седне во Божјата црква и ќе се претставува себеси дека тој е бог. Не помнете ли дека за ова ви зборував уште кога бев кај вас?“ (2 Солуњаните 2,3-5). “Тајната на беззаконието“ веќе била на дело. Павле го продолжува разговорот, опишувајќи ја состојбата кон средината на првото столетие. Потоа преминува на објаснување: “Зашто тајната на беззаконието веќе дејствува, додека не се отстрани од средината оној што сега ја задржува, и потоа ќе се јави беззаконик кого Господ ќе го убие со здивот на својата уста и ќе го уништи со појавата на своето доаѓање“ (2 Солуњаните 2,7.8). Апостол Павле докажува дека човекот на беззаконието нема да се појави се до времето кое за апостолот претставува иднина, но, кога еднаш ќе се појави, тој ќе го продолжи своето дело се до Второто Христово доаѓање. Се чини премногу сурово, дури и нехристијански, да се каже дека Римската црква го исполнила ова пророштво. Меѓутоа, Павле зборува за “отпад“, за “бунт“. И отпадот и бунтот се случуваат во редовите на организацијата, а не надвор од неа. Многу папи, заедно со своите следбеници, навистина барале божествен статус за папството, дури неодамна во деведесетите години од 19 век, и од тие барања никогаш јавно не отстапиле. Исто така видовме дека Римската црква станувала против некои одредби на Божјиот закон, и се до денес не го изменила своето гледиште. На зенитот од средниот век, образованите христијани кои предводеле, длабоко се загрижиле токму поради отпадот во црквата. Изложувајќи го на опасност својот живот, длабоко се вознемириле, убедени дека “човекот на беззаконието“, “гнасното опустување“, се појавило во нивно време. Заклучиле дека црквата – или нејзините догми или, во најмала рака, нејзиното земно водство – го претставуваат “човекот на беззаконието“ (2 Солунјаните 2 глава) и “гнасотијата“ (Матеј 24 глава).

Јан Милич (умрел 1374) бил еден од тие угледни христијани. Како секретар на императорот Карло IV и архиѓакон на катедралата во Прага, Милич го одбил унапредувањето и се откажал од својата положба за да се посвети на проповедање. За време на своето поклонение тој зборувал во Рим пред голема група клерици и теолози на тема: “Антихрист дошол!“ Веднаш го затвориле, но тој од римскиот затвор прашувал: “Кога зборува за гнасотијата во храмот (Матеј 24,15), Христос не повикува да погледнеме околу себе и да видиме како црквата опустела поради негрижата на своите пастири “.

Џон Виклиф (умрел 1384), познат католички теолог, англиски државник, оксфортски професор, го препознал “гнасното опустување“ во доктрината за трансупстанцијација, која и на народот и на бискупите им била наметната под закана на исклучување од црквата.

Сер Џон Оулдкасл (умрел 1417), познат под името Лорд Кобам, заслужува повеќе да се знае за него. По смртта на Виклифа, Сер Џон им давал стипендии на оксфордските студенти кои ја проучувале Библијата и ги плаќал “сиромашните проповедници“ или “лолардите“ да поминуваат низ целата земја и да го учат народот од Библијата. Надбискупот од Кентербериј, Арундел, го наговорил англискиот крал да го укори. Сер Џон одговорил дека е подготвен да го послуша кралот сообразно со текстот од Римјаните 13 глава, но дека не може да ја послуша наредбата на црквата да престане да ја проповеда Библијата. Потоа додал дека од Библијата му е познато оти папата е “син на погибелта“ (човекот на беззаконието од 2 Солуњаните 2,3) и “гнасното опустување… кое стои на светото место“. Сер Џон бил затворен, но успеал да побегне. По четири години повторно бил фатен и осуден – бил жив спален на тивок оган. Умрел пеејќи му химни на Бога.

Јан Хус (умрел 1415), Чех како и Милич, исто така папата го сметал за човек на гревот. Хус на чешки јазик значи гуска. Хус бил свесен дека гуската може да биде испечена. И навистина била! На 6 јули 1415 год., на црковниот концил во Констанца бискупите го осудиле Хуса – бил жив спален.

Мартин Лутер (умрел 1546) бил монах. Бил длабоко загрижен за судбината на црквата. Дошол до заклучок дека црквата во негово време била “гнасотијата…“ за која зборува Исус во Евангелието според Матеј 24,15 и човекот на беззаконието од 2 Солуњаните 2 глава кој седи “во Божјата црква (што значи сред христијанството) како бог, покажувајќи се себеси дека тој е бог“. Трагично, но вистинито, гнасното пустење, за кое зборуваат Исус и пророк Даниел, навистина е незнабожечкиот и христијанскиот Рим.