Текстови

СВЕТОГРДИЕТО И ХРИСТИЈАНСКАТА ЦРКВА

Текстот во Евангелието според Матеј 24,15 некои преведувачи го преведуваат како “светогрдие кое предизвикува пустење“, или како “пустошна стравотија“, или како “пустошно светогрдие“, додека нашиот најраспространет превод го употребува поимот “мерзоста на запустението“. Свативме дека Исус овде симболички зборува за римската војска која 66-та и 70-та година од новата ера ќе го опколи Ерусалим (спореди со текстот во Евангелието според Лука 21,20). Меѓутоа, неговите зборови заслужуваат многу повеќе внимание! Имено, со поимот “мерзоста на запустувањето“ (“гнасното опустошување“) е опфатено многу повеќе отколку активностите на римската војска. Исус кажал дека пророкот Даниел претскажал гнасно запустување. Тоа е точно, зашто Даниел, служејќи се со други зборови, но имајќи ја предвид целосно истата мисла, зборува (Даниел 11,31) за “гнасно опустошување“.

На друго место (Даниел 8,13) тој истата појава ја нарекува “престап кој предизвикува пустење“ или “пустошен отпад“. Даниел претскажува дека тој “отпад“ ќе придонесе да се “гази светилиштето и војската“. Зборувајќи за истата тема на уште еден начин (Даниел 9,24-27), пророкот зборува за “бесрамен и лукав цар“ кој ќе се појави на крилјата на беззаконието да го разурне градот Ерусалим и неговиот храм. Според тоа, пророкот Даниел, користејќи и други изрази, навистина зборува за гнасно опустошување. Во некои преводи на Стариот завет истиот овој поим понекогаш се употребува како ознака за идолопоклоничко богослужение (види ги текстовите во 2.Царевите 23,13 и Исаија 44,19).

Поимот “престап“ означува нешто грешно. Со поимот “светогрдие“ (Матеј 24,15) е опишано однесувањето со кое му се нанесува срам на Бога. Според тоа, сите овие поими – и “гнасното опустошување“ и “пустошниот отпад“ и “светогрдието кое пусти (пустоши) “, како што зборуваат за нив Даниел и Исус, секогаш означуваат едно исто. Станува збор за грешниот систем на богослужение кој ќе произведе светогрдие – газење и пустење на Божјиот град, на неговото Светилиште и на неговиот народ. Римската војска која го опустела Ерусалим, била такво идолопоклоничко, пустошно светогрдие. Наместо знаме, римските војници носеле стегови. Стегови се долги копја на чиишто врв се наоѓале прекрстени раце од кои висело посебно обележје на секоја легија. (“Десетта Фретенсиска“ и “Дванаесеттата Фулминатска“ легија се бореле во палестинската војна кај Ерусалим). Додека современите војници своите знамиња ги поздравуваат, Римјаните своите стегови ги обожавале. Древниот писател Тертулијан дури тврди дека “целокупната војничка религија на Римјаните се извршува преку обожавање на стеговите“. По разурнувањето на Ерусалимскиот храм, додека урнатините сеуште чуреле и додека поразените Евреи уште крвавеле, проколнувале и умирале на сите страни, Римјаните, кажува Јосиф Флавие, “ги внеле своите стегови во тремовите на храмот, ги поставиле спроти источната врата и им принеле жртви“. Римската војска, која стоела на тоа свето место и која го разурнала и опустела Ерусалим, била длабоко идолопоклоничка. Навистина била “гнасота“, “светогрдие“ кое донело “пустење“. “Гнасноста“ го означувала “Рим“. Изразот “пустошен отпад“, кој го наоѓаме во книгата на пророк Даниел 8,13 се однесува на симболичниот “малечок рог“ од истата глава. Некои коментатори на Библијата сметаат дека тој малечок рог го претставува Антиоха Епифана. Кога станува збор за овој безначаен и настран сиријски владетел (175-164 г. пред Христа), од истиот извор дознаваме дека го укинал обредот “пренесување на жртви“ во храмот во периодот меѓу 168 и 165 година пред Христа.

Исто така дознаваме дека тој во многу подробности не се вклопува во описот на малечкиот рог. Меѓутоа, веќе и самиот факт дека Исус во Евангелието според Матеј 24,15 и во Евангелието според Лука 21,20 гнасното опустување го поврзал со доаѓањето на римската војска, значи со настан во иднина, јасно потврдува дека не е во прашање Антих Епифан. Исто така утврдивме дека “малечкиот рог“, за кој зборува Даниел во 8 глава од својата книга, го претставува “Рим“. И незнабожечкиот и христијанскиот Рим ! И Римското царство и средновековната Римска црква ! Пророштвата запишани во книгата на пророк Даниел во 2-та, 7-та и 8-та глава течат паралелно. Секое пророштво почнува во времето на Даниел и продолжува се до крајот на светот. Различните симболи со кои во секоја глава е претставено Вавилонското, Персиското и Грчкото царство, исто така во секоја глава ги следи и симболот на Рим: железото (Даниел 2 глава), необичниот ѕвер (Даниел 7 глава) и малечкиот рог (Даниел 8 глава). Во сите тие пророштва Бог намерно ги изостава големите позитивни достигања и на Римската империја и на Римската црква. Во секој поглед Тој намерно ги истакнува негативните, одбивните карактеристики на Рим за да ни даде важна поука. Секако, сега сме подготвени да прашаме: дали малечкиот рог (Даниел 8) – односно “пустошниот отпад“ (Даниел 8,13) – навистина го “гази“ Божјето “Светилиште“ и неговата “војска“, односно неговиот народ? Одговорот гласи: ДА! За време на паганската империја, Рим го разурнал ерусалимскиот храм во кој повеќе од илјада години се наоѓал центарот на јавното богослужение посветено на вистинскиот Бог. На сите им е познато дека Римската империја ги прогонувала луѓето кои верувале во вистинскиот Бог. Рим во својата христијанско-црковна фаза исто така ги прогонувал Христовите следбеници.

Потоа, средновековните христијански учења и однесување сериозно ја загрозила “секојдневната“ (еврејски: тамид) Христова посредничка служба во небесното Светилиште. Меѓу Христа и неговиот народ, средновековниот Рим поставил лажно свештенство, лажна жртва, лажен врховен поглавар на црквата и лажен пат на спасение. Дека средновековната црква срамно се однесувала, искрено признаваат и истакнатите језуитски автори по Вториот ватикански концил. Посматрано од таа гледна точка, “гнасното пустење“ мора да се сфати како лажен систем на богослужение, како “Рим“ и во својот пагански и во својот христијански облик. Паганскиот Рим го напаѓал видливото Божје Светилиште, ерусалимскиот храм, и ги прогонувал припадниците на вистинското христијанство. И христијанскиот Рим ги прогонувал христијаните и станувал против невидливото Светилиште на небото, во кое Исус ја врши својата посредничка служба за нас.