Извештај – ПОДАЈ РАКА

Општо за проектот “ПОДАЈ РАКА!“

Во периодот од 18 до 26 Август во Кавадарци се одржа еден од најголемите христијански хуманитарни проекти во рамките на Христијанската Адвентистичка црква. Настанот под мотото “ПОДАЈ РАКА!“ беше насочен кон борбата против пороците и тоа во прв ред дрогата, алкохолот и пушењето. Целта на целокупниот настан беше да им се помогне на младите па и постарите кои имаат проблеми со некои пороци, а исто така и преку пример да се покаже дека секој еден може да биде од голема корист на пошироката општествена заедница.

Учесници

На овој настан активно учество земаа околу 30-тина млади волонтери од цела Македонија, плус 15-тина волонтери од Кавадарци со што бројката на учесници се качува на 45.

Активности

Во рамките на настанот “ПОДАЈ РАКА!“ беа опфатени бројни активности кои беа секојдневно извршувани од волонтерите во периодот од 09.30-12.30 наутро и од 19.30-22.00 навечер, а тие активности беа следниве:

  • Штанд во центарот на градот – на овој штанд беа поставени волонтери кои делеа здравствена литература и пропаганден материјал, а исто така доколку некој имаше прашање и желба да поразговара, беше одвоено посебно време. Во рамките на овој штанд имаше и многу тестови кои можеа да се земат со цел да се утврди до кој степен се зависни луѓето од пороците.

  • Анкетирање – беа извршувани анкети со граѓаните на Кавадарци со цел да се утврди нивниот став во врска со пороците. Исто така ова беше една добра можност да се даде здравствена литература онаму каде што е најпотребно.

  • Штанд со овошје – на овој штанд посетителите можеа бесплатно да земат овошје а доколку сакаа можеа и да уништат кутија цигари како знак на нивното откажување. На овој штанд исто така беше делен пропаганден материјал и здравствена литература.

  • Штанд со Библии – на овој штанд беа поставени Библии од најразлични преводи па посетителите имаа можност да ги разгледаат и да поразговараат со теолог за прашања што не им се јасни.
  • Промотери (колпортери) на здравствена литература – неколку екипи беа задолжени да одат по градот и да делат пропаганден материјал и здравствена литература, се со цел веста за одржувањето на овој настан да стигне до сите луѓе.

  • Извршување на Општествено Корисна Работа – во соработка со “Јавна хигиена“ од Кавадарци, дел од волонтерите учествуваа во извршување на ОКР и тоа чистење на зелените површини во градскиот парк во Кавадарци. Целта на оваа активност беше да се покаже дека секогаш можеме да го искористиме времето корисно и да помогнеме на пошироката заедница.

  • Интерни активности – беа извршени и бројни интерни активности меѓу кои преведување на песни, преведување на текстови, спремање на драмски сцени од Библијата…

Литература и пропаганден материјал

За потребите на настанот “ПОДАЈ РАКА!“ беа испечатени 3000 Петтодневни планови со совети како да се одвикнеме од пушењето; 3000 флаери со содржина за штетноста на дрогата, цигарите и алкохолот; и 5000 покани за предавањата кои се одржуваа во Домот на културата од 24 до 26 Август. Целокупниот овој материјал беше поделен освен мали количини кои ги задржавме за понатамошна употреба, а покрај ова беа поделени и голем број на Нови Завети, а беа направени и неколку порачки за Библии и Илустрирани Библии.

Предавања

Во рамките на настанот “ПОДАЈ РАКА!“ од 24 до 26 август беа одржани три предавања со почеток во 18.30 и 20.00 часот во домот на културата во Кавадарци. Првите две вечери говорник беше Славко Хилверт, кој со присутните го подели својот животен пат и животот под влијание на дрога, но сите ги охрабри со зборовите дека Исус може да ја очисти секоја нечистотија од нас, па така може да не слободи и од замките на дрогата, каков што бил и случајот со него. Третата вечер говореше Илија Ампевски, кој го кажа своето искуство и како Бог му помогнал да се одврати од лошиот пат, кога се повеќе се заплеткувал во мрежите на измамата. На крајот од третата вечер пасторот Михајло Гурев, ги заокружи предавањата со мини порака дека Бог може да не избави од сите наши проблеми. Исто така треба да се напомене дека последните две вечери беа разубавени и со прекрасни изведби на христијански песни.

Семинар “ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ!“

Во рамките на “ПОДАЈ РАКА!“ беше одржан и семинар за учесниците под мотото “ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ!“. Овој семинар го одржа пасторот Михајло Гурев и на него учесниците имаа можност да научат како да бидат вистински пријатели, вистински да сакаат и како заедно, здружени подобро да му служат на Бог.

Медиумски настапи

За сите да имаат можност да дознаат за случувањата на овој настан, се приготви реклама која беше емитувана на телевизија ТВТ (локална кавадаречка телевизија). Исто така претставник од организациониот одбор беше на локалните вести на телевизиите ТВТ и КТВ со цел да им објасни на граѓаните што се ќе се случува на овој настан. На вестите во телевизија ТВТ имаше настап и Славко Хилверт кои во неколку куси црти го изнесе своето искуство.

Завршни зборови

За да се опише во целост овој настан треба да се напишат многу повеќе од овие скромни податоци што беа изнесени, ама и во тој случај оној кој не бил неможе да ја разбере атмосферата која владееше овде тие девет дена. Се направија и многу други нешта од кои ќе објавуваме едно по едно во догледно време. Сепак мораме да признаеме дека оваа година беше прва и можеби се не беше организирано на највисоко ниво. Но, сето тоа што се случи претставуваше едно драгоцено искуство и се надеваме дека во иднина со Божја помош ќе организираме се подобри и подобри проекти. СЛАВА НА БОГА!