Текстови

АРХЕОЛОШКИ ПРЕДАВАЊА ВО СКОПЈЕ

Во организација на Христијанската адвентистичка црква Влае од Скопје од 14-18 мај 2010 година во Домот на армијата во Скопје под наслов ,,Чудесни откритија во древните земји,, се одржаа Археолошки предавања. Предавач беше професорот Драго Обрадовиќ од Хрватска, стручњак за археологија, меѓународен патник и истражувач на археолошки локалитети и универзитетски професор. Обрадовиќ на многу едноставен и за сите разбирлив јазик ги водеше слушателите во автентичните локалитети на библиските земји на Блискиот исток, користејќи ја приликата кај слушателите да ја зајакне довербата во Библијата како Божја книга, бидејќи археологијата во потполност ги потврдува библиските извештаи.

Во првата вечер посетителите со помош на слики и зборови имаа можност да се запознаат со чудата на Египет. Како старите Египќани ги граделе огромните пирамиди и храмови за вечно да живеат. Втората вечер беше посветена на Петра, розов град во пустината. Едно од седумте светски чуда на денешницата. Град со векови сокриен од очите на луѓето. Третата вечер присутните имаа можност да се запознаат со Израел, некогаш и денеска. Со богатата култура на еврејскиот народ.

Последните две вечери беа посветени на сензационалното археолошко откритие во Кумран и тајните на Кумранските свитоци. Во ракописите пронајдени 1947 година на брегот на Мртвото море во местото Кумран дури две третини од пронајдениот материјал се однесуваат на книгите од Стариот завет. И како што нагласи професорот Обрадовиќ, ,,Од тогаш нема повеќе сомневање во вистинитоста на Библиските извештаи бидејќи археологијата како признаена научна дисциплина ги потврдила библиските извештаи.,,

Професорот Драго Обрадовиќ студирал во Англија, а постдипломски студии завршил на Ендруз Универзитет во Соединетите Американски држави. Веќе повеќе години одржува предавања во повеќе од 35 земји во светот на сите континенти, а имал и настап на радио и на телевизија. Повеќе од триесет години редовно учествува во познатите меѓународни археолошки студијски експедиции во Египет, Израел, Либан, Сирија, Турција и Грција.

Салата во Домот на армијата во Скопје беше полна секоја вечер и посетителите беа задоволни од изнесената тематика. Во петок навечер беше промовирана книгата ,,Археологијата ја потврдува Библијата,, од проф. Обрадовиќ. Голем број од посетителите ја купија зза свои потреби. Секоја вечер пред почеткот на предавањата Илија Ампевски со својот кларинет свиреше христијански госпел песни на радост на сите присутни.

Му благодариме на Бога за гостувањето на проф. Обрадовиќ во Скопје, за множноста што и на ваков начин можат да се допрат срцата на сите заинтересирани пријатели за Библиските вистини!

Пастор во црквата Влае – Скопје

Томе Трајков