Верниците од Скопје во сабота на 28 март 2009 година собрани од целиот округ имаа можност да го обноват својот завет со Господа и да заеднички учествуваат на обредот Вечера Господова. За време на вториот дел родителите Ристе и Весна Велкови од Скопје го донесоа својот новороден син Ренато (што во превод значи повторно роден, или препороден) на посветување пред Господа.
Во својата порака до родителите и присутните месниот проповедник Томе Трајков истакна дека секое новородено човечко суштество е дар од Бога. Бог на родителите им дава предност но и предизвик, радост но и нова можност. Нова инвестиција на љубов но и одговорност. Родителите имаат голема одговорност да ја изградат вистинската слика за Бога. “Воспитувањето започнува додека детето е сеуште во мајчините прегратки…Воспитниот дел и воведот во животот треба да започне уште во најраното детство бидејќи тогаш умот најдобро прифаќа и ги памети зборовите.“ (ЕГВ)
Уште една радост верниците во Скопје имаа на 15 април 2009 година кога во редовите на нашата црква ни се приклучи нашата нова сестра Биљана Ампевска-Христовска од Скопје која по пат на библиско крштевање стори завет со Господа. Го молиме Господа за уште многу такви и слични радости да ни подари во наредниот период, а на семејството Велкови и на нашата нова сетсра Биљана и на нејзиното семејство им посакуваме многу Божји благослови и радост во нивниот понатамошен живот!
Пастор
Томе Трајков – Скопје