Текстови

ИЗВЕШТАЈ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ ОДРЖАН ВО ШУТО ОРИЗАРИ

13. Ноември 2010 година ќе остане посебно запаметен за сите нас во Шуто Оризари. Имено, пред 10 години, поточно на 11. Ноември 2000 година беше посветен молитвениот дом во Шуто Оризари. По повод тој настан ние во Шуто Оризари на еден посебен начин го одбележавме овој јубилеј. Наша желба и цел беше на посебен начин да ја изразиме нашата благодарност на Бога за обилните благослови со кои не опсипуваше во претходната деценија.

Во тој правец, неколку месеци однапред ги планираме богослуженијата. Најнапред го поканивме целиот округ од Шуто Оризари да биде присутен на овој настан. Поканивме и преставници од црквите ВЛАЕ и ВЕРА, скопските цркви, од кого и произлезе црквата во Шуто Оризари како нова црква. Потоа ги поканивме и пасторите на месните цркви во Македонската мисија, кој што активно работеле на тие простори да земаат активно учество во програмата. Посебно драго ни беше што верниците од црквата во Ќустендил ја прифатија нашата покана и цел автобус ни дојдоа. Посебна благодарност изразуваме и до нашиот говорник, гостин и пастор од црквата од Сомбор Синиша Маљик. Тој беше присутен заедно со својата сопруга Наташа. Благодарност и до сите останати гости кој што ни дојдоа од Кавадарци, Прилеп, Св. Николе, Белград, Париз и др.

Нашата црква беше претесна да ги собере сите браќа и сестри и пријатели кој сакале да бидат дел од ова свеченост.

Мотото на јубилејот, кој што воедно ни беше и окружен собор гласеше НЕ ЗАБОРАВАЈ ЈА БОЖЈАТА ДОБРИНА. Сите активности се одвивале во тој правец.

Богослужението почна со сонг сервисот, со неколку духовни песни од мешовитиот состав, пропратени на музичкиот инструмент кавал од Емран Незировски. Потоа ја пеевме химната, напишана од братот Нехру Зекир со наслов НЕЗАБОРАВИ НИЕДНО ДОБРО ШТО БОГ ТИ НАПРАВИ. Проповедникот на месната црква Ајдин Демировски имаше поздравен збор а најстариот верник Даут Селимовски го кажа своето искуство на обратување. Следуваа интервју со проповедниците Стефан Митров, Винко Станков и Томе Божинов кој ги поделија своите впечатоци од нивната работа за време на нивниот престој во округот Шуто Оризари. Стефан Митров продолжи со изнесувањето на Библиската поука.

Во продолжение пасторот на месната црква Дехран Хајдар имаше две презентации. Во едната го изложи стратешкиот план на работа на округот Шуто Оризари за 2010/2011 година а во втората презентација преку слика и коментар се присетувавме на историјатот на црквата во Шуто Оризари во изминатите 10 години. После тоа беше најавен гостинот Синиша Маљик кој заедно со нас ја подели Речта Господова.

Црквата од Шуто Оризари на сите присутни организираше заеднички ручек.

Во рамките на попладневното богослужение беше одржан концертот на духовна музика кој што траеше два и пол часа. Хорот од црквата од Кустендил од Бугарија го прослави Господа со десетина песни. Во концертот учествуваа и составите Божји дар и Маран Ата од Шуто Оризари, дуетот Усеин и Марија од Кавадарци, Илија Ампевски а говорникот Синиша Маљик имаше свое обраќање од неколку минути.

Атмосферата и духот во самата црква беше на завидно ниво.

По повод јубилејот АИК Знаци на Времето издаде и една книга со наслов НЕ ЗАБОРАВАЈ ЈА БОЖЈАТА ДОБРИНА, која во себе ги содржи 20 искуства на обратување на верниците од црквата во Шуто оризари. Книгата е напишана на македонски и на српски јазик.

Најнапред му благодариме на Господа за изобилството благослови со кој не опсипуваше за време на овој јубилеј.

Им благодариме и на сите учесници кој зедоа активно учество во програмата.

Им благодариме на камерманите кој се потрудија да целиот овој настан остане запаметен, со тоа што го снимија целиот собор.

Им благодариме на сите браќа и сестри од црквата кој што зедоа активно учество во организацијата на овој собор.

 

Дехран Хајдар