Текстови

Крштевање на Бабуна

„Вистина, вистина, ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, тој не може да влезе во Божјето Царство.“ (Јован 3.5) Ова се зборовите кои Исус непосредно му ги кажал на Никодим, кога еврејскиот поглавар една вечер дошол тајно кај Големиот Учител, да се распраша за патот на животот. Оттогаш овие зборови оѕвонуваат до секој еден кој ги бара темелните начела на вистината. Она што ни е потребно не е теоретско знаење, туку духовна обнова.

Промена која прима нов живот одозгора, која го преродува срцето. Пророкот Исаија напишал:„Така сите станавме нечисти, а сета наша правда како извалкани облеки.“ (Исаија 64.6) Тогаш како ќе се спасиме? „Како што Мојсеј ја издигна змијата во пустината“, така е издигнат Човечкиот Син, за секој што е извалкан или каснат од змијата да може да погледне и да живее. (Јован 3.14,15) „Еве го Божјето Јагне, Кое ги зема гревовите на светот!“ (Јован 1.29) Светлината што свети од крстот ја открива Божјата љубов, а Неговата љубов нè привлекува кон Него.

На ден 10 јули 2010 год.одговорот на таа љубов ја искажаа тројцата млади момчиња од Велес, Славче, Игор и Оливер, со нивниот свечен завет даден на Бог преку библиско крштевање. Како стар обичај за црквата Велес, овој радосен миг за целото Небо, а потоа и за сите оние кои беа присутни, се одржа на реката Бабуна близу селото Оморани, додека пак самиот обред беше извршен од проповедникот Михајло Гурев. После поделената радост со новокрстените, верниците останаа во убавините на природата на заеднички ручек и дружење. Топло добредојде во семејството на Христијанската Адвентистичка Црква им посака проповедникот Томе Насков со стихови од Библијата и подарок книга во знак на сеќавање на овој нов и значаен ден од нивниот живот.
Благодарноста нека Му припадне на Господа, за Неговата љубов, трпение и водство на секое Божјо дете.