Скопјани и Бистрански Новаки – големи пријатели
Дваесет и пет верници и неколку деца од црквата Влае и Вера од Скопје поминаа прекрасен продолжен викенд од 4-8 септември 2009 година во местото Бистрански Новаки (Бистра), во Република Хрватска, дваесетина километри оддалечено од Загреб, кај своите браќа и сестри во Христа. При оваа посета тие запознаа нови краишта, други верници, споделија свои искуства и стекнаа нови пријатели.
Од долгогодишното дружење на двете цркви, преку спортските турнири во мал фудбал, на двете спортски друштва „Гофер“, од Скопје, и „Фердинанд Будицки“, од Бистра, произлезе и оваа посета. Минатата година, група наши драги браќа и сестри од Хрватска ја посетија скопската црква, а овој пат верниците од Скопје беа нивни добредојдени гости.
Патувањето започна во петок, од Скопје, а патувавме со минибус. Пристигнавме во Бистра доцна навечер и бевме распоредени по домовите на верниците. Новиот ден, сабота, 5 септември осамна наоблачен и дождлив. Малата црква на домаќините беше претесна за да ги прими гостите, домаќините и пријатели. Помиваме прекрасни саботни мигови, каде што ние, како гости комплетно ги водевме службите.
По богослужението времето се подобри, а домаќините приредија заеднички ручек со богата трпеза. Во сабота попладне имавме прилика да ја посетиме црквата 2, во Загреб, во Раковчева, каде имавме презентација на нашите активности во Скопје.
Недела, 6 септември беше резервиран за посета на Плитвичките езера. Целиот тој ден го поминавме во разгледување на водопадите и езерата на Плитвице. Се восхитувавме на Божјата создателска моќ (види Псалам 89,11). Во понеделник (7. септември) во девет часот, беше закажана средба кај градоначалникoт на град Орославје, г-динот Иван Туџа. Во делегацијата, во име на друштвото „Гофер“, беа Драгослав Кушевски, Ванче Трајковски и Томе Трајков, заедно со преставници од домаќините. Во опуштениот и срдечен разговор, беше поведена инцијатива за збратимување на град Орославје со некоја општина од Скопје. По приемот, патот не водеше во разгледување на Хрватско загорје. Го посетивме Кумровец (родното место на другарот Тито), потоа еден од најубавите дворци во Хрватска, Траковчан, од 13 век, на племството Драшковиќ. Во попладневните часови патот не водеше во разгледување на Марушевец, каде што имавме и заеднички ручек.
Деновите поминати со нашите пријатели, браќа и сестри во Бистра ќе останат во длабоко сеќавање на сите нас. Уште еднаш се покажа дека помеѓу Божјиот народ без разлика на народност, јазик или култура не постојат разлики ниту граници, бидејќи нас не поврзува иста надеж, иста вера и спасение во Исуса Христа. Од срце им се заблагодаруваме на нашите домаќини во Бистрански Новаки за нивното гостопримство, отворено срце и добриот дух што владееше за време на целиот наш престој. ,,Ете колку е добро и колку е мило кога браќата (и сестрите) живеат заедно“ (Псалм 133,1)
(приготвил: Томе Трајков)