Текстови

Земјотрес во Хаити

Катастрофален земјотрес од 7 степени според Рихтер го погоди јужен Хаити. Според владата на Хаити ова е најјакиот земјотрес кој некогаш ја погодил оваа карибска земја. Раководството на Христијанската Адвентистичка Црква изрази загриженост за милионите Хаиќани кои се погодени од овој земјотрес.

“Знаеме дека ќе има големи потреби во наредните денови“ – изјави Израел Леито, претседател на Адвентистичката црква во Интер-Америка. АДРА (меѓународна), АДРА Канада и Адвентистичката црква во Интер-Америка досега имаат собрано 85 000 долари со цел за една седмица да соберат 500 000 долари. Парите директно ќе одат кон помагање на Хаиќаните за закрепнување од овој земјотрес со катастрофални размери.

Повеќето од поголемите институции на Адвентистичката Црква, како што се болницата и универзитетот се наоѓаат во Карефур, град јужно од Порт-о-Принс. Иако Карефур не е блиску до Делмас, црквените лидери чекаат да добијат повеќе информации за тоа дали овие институции имаат претрпено некакви штети. Досега, според информациите од локалните официјални лица на црквата, седиштето на Адвентистичката Црква во Хаити нема претрпено структурални оштетувања.

Во Хаити има повеќе од 335 000 адвентисти и 470 цркви. Адвентистичката црква тука, освен болницата и универзитетот располага и со повеќе училишта.

ХАИТИ

Хаити се карибска земја и заедно со Доминиканската република го населуваат островот Хиспаниола. Главен град е Порт-о-Принс. Има околу 10 милиони жители. Официјални јазици се хаиќанскиот креоле и францускиот. Тие се првата независна нација во Латинска Америка и заедно со Канада се единствените земји во Америка(северна, централна, јужна) кои го имаат францускиот јазик како официјален.

Хаити се сметаат за најсиромашната земја на западната хемисфера. Земјата сеуште се опоравува од ураганот од Октомври 2008 кој остави илјадници без домови.