Брзите промени во наше време и збрката што произлегува од тоа, го доведува човекот во недоумица кога треба да ја одреди и да се определи за вистинската вредност. Очигледно е дека ни е потребно нешто на што ќе се потпреме ,нешто што ќе ни помогне да останеме простум во искушенијата што ги донесува нашето време, нешто што е достојно за нашата вера и доверба. Тоа значи дека е потребно да пронајдеме сила која не надминува и која се наоѓа над нас.
Еден богат лондонски деловен човек еднаш дал оглас преку весниците и ветил 4 илјади фунти за оној што ќе наведе 4 вредности кои не можат да се купат со пари. Читателот што ги добил овие пари ја создал оваа листа: 1.насмевката на бебето, 2.младоста, 3.љубовта на доброто лице, 4.отвореното небо кога животот ќе престане.
Најдобрите радости и радостите што најдолго траат не се условени со цврста финансиска основа. Човекот може да купи прекрасна куќа, но не и среќен дом. Со голема сума пари може да изгради големо црковно здание, но не и верници исполнети со љубов. Можете да купите книги за убаво однесување, но не и култура на личноста. Богатството не е гаранција за благородноста, за спокојството и за беспрекорниот живот. Вредностите што имаат општо човечко значење не се ограничени со времето. Во човековиот живот овие вредности се развиваат со внимателно користење на волјата, а кај христијанинот со потпирање врз Силата што е посилна од него.
Вистинските вредности не можат да се проценат и да се споредат со големините на материјалното богатство. На пример, колку би барале вие за вашите две очи, за вашите раце или нозе? Дали милиони фунти би биле доволни?
Ние имаме други драгоцености како што се нашите мили, потоа нашата надеж, нашата вера, нашиот живот…