Еден човек бил префрлен в болница поради сериозните повреди што ги здобил во една сообраќајна несреќа. Болката била силна и тој знаел дека долго ќе мора да поднесува болки. Меѓутоа, успевал да го задржи доброто расположение. Некој посетител сакал да знае колку долго ранетиот ќе мора да остане во кревет.
„Секојпат само еден ден“ гласел неговиот духовит одговор. Секојпат еден ден.
Сегашните прилики и околности не ги присилуваат луѓето да преземаат очајни потфати. Современите проблеми не ја кршат нивната храброст. Многу почесто тоа го прави жалоста поради минатото или стравот од иднината. Веројатно сте ја чуле прикаската за часовникот кој одненадеж застанал. Кога го прашале зошто го сторил тоа, часовникот одговорил дека не може да ја поднесе помислата оти ќе мора да чука во следните 365 дена, вкупно 31.536.000 секунди и затоа застанал! Меѓутоа, кога го потсетиле дека секојпат тоа значи само едно отчукување во секунда, собрал храброст и повторно почнал да работи! Нам ни е оставен само по еден ден во седмицата. Сите можат да ги водат борбите одредени за тој ден. Сите можат да го носат товарот на еден ден. Сите можат да им се спротивстават на еднодневните искушенија. Сите можат да се борат со еднодневните незгоди. Но кога на денешните товари ќе им ги додадеме оние што потекнуваат од двете вечности – од вчерашната и утрешната – доживуваме слом. Никој не е во состојба да ги поднесе сите овие товари.
Никој од нас нема потреба да се грижи за два дена во седмицата. Тие се наоѓаат на страна и затоа не треба да се грижиме за нив или да се плашиме од нив.
Еден од овие два дена е вчера. Вчерашните тешкотии и грижи со болките, со грешките, со разочарувањата и со недоразбирањата поминале и не може повеќе да се вратат.
Вториот ден за кој не треба да се грижиме е утрешниот ден. Утрешнината со своите можни пречки, товари, опасности, ветувања, грешки, радости и жалости далеку е од нашиот досег како и вчерашнината.
Овие добро познати зборови на еден непознат писател го истакнуваат фактот дека грижата не ни помага. Таа не може да ги отстрани проблемите со кои ќе се соочиме утре, но може во толкава мера да не ослаби, што не ќе може да се соочиме со нив. Некој рекол дека „грижата е како столот за лулање. Таа ви дава некои можности, но не стигнувате далеку.“
Сеќавањата што најмногу не мачат се поврзани со важните одлуки. „Да изберев друга професија….. да го купев она парче имот…… да се омажев за некое друго лице…“
Ако дозволиме ваквите „требаше да сторам“ или „требаше да биде“ да загосподарат со нашиот живот, ние ќе го запреме сопствениот развиток, ќе ги ограничиме нашите способности и ќе бидеме немоќни да уживаме во она што го имаме и во она што сме.