Како го започнувате денот?

Како го започнува современиот христијанин денот? Дали вие сте во онаа група која денот го започнува со утринско кафе и весник во рака, или пак можеби трчате да не закаснете за на работа или школо. Дали ваша прва работа е благодарност изразена во молитва за тоа што сте се пробудиле здрави и живи, свесни за фактот дека многу луѓе никогаш и не се пробудуваат.

Можеби се брзате пак најпрвин да ги завршите вашите секојдневни обврски па ако се најде време тогаш можеби ќе заблагодарите или ќе ја отворите Библијата. Денес луѓето доста често кажуваат НЕМАМ ВРЕМЕ. Се прашувам сам себеси за што навистина современиот човек НЕМА ВРЕМЕ. Се случува кога навечер после една бурна, динамична ден да си го поставам прашањето дали го искористив правилно времето денес. Во тоа правилно вклучува и корисно, но корисно не мора да значи и правилно во Божјите очи.

За разлика од нас Исус се однесувал поинаку. Ако го посматраме Исусовиот живот ќе видеме дека секое утро црпел мудрост и одговор од Неговиот Отец, за да му открие која е Божјата волја за Него во тој ден.

Секое утро кога ќе се пробудиме пред нас е нов ден и ново време од 24 часа. Сите ние сме добиле како дар време и ние тоа време можеме да го користиме за многу работи кои ќе ни донесат корист нам и на другите околу нас. Меѓутоа прашањето кое треба да си го поставиме пред нешто да направиме е дали Бог одобрува? Или сме склони да бараме совет и одобрување од луѓето, можеби нашите интереси се во прашање или пак желбата и потребата.

Кога ќе започне нов ден многу ни е полесно да почнеме нешто да работиме спремаме, учиме, помагаме, да правиме нешто корисно за нас отколку да застаниме и размислиме за Божјот план за тој ден. Денот може да ни помине во исполнување на корисни активности за кои не сме повикани од Бог за тоа.

Да го следиме примерот на Исус. Наутро кога ќе се разбудиме и ги отвориме нашите очи да му се заблагодариме на Бог што сме живи и што ни подарил уште еден ден. Да клекнеме на молитва и да го прашаме Нашиот Татко кој е Неговиот план за нас во тој ден. Ако го послушаме, денот ќе ни биде благословен и во мир ќе можеме да ги извршуваме нашите обврски.