Текстови

Кога ти би бил господар

На ѕидот во приемното одделение на една голема фабрика бил поставен интересен натпис што гласел вака: „Кога ти би бил сопственик и кога би дошол овде да работиш дали би се вработил самиот себеси?“

Идејата за тоа да бидеш самиот себеси господар не е толку непозната и нова како што се чини. Отприлика пред 3000 години царот Соломон, прочуен по својата мудрост, го напишал истиот заклучок и така го сочувал од заборав „долготрпеливиот е подобар од храбриот, и кој владее со себеси, подобар е од оној што ќе заземе град“ (Соломонови изреки 16,32)

Патниците што патуваат по светот можат да забележат многубројни споменици подигнати во чест на луѓето што нивните сонародници ги сметале за големи. Меѓу тие луѓе се наоѓаат познати војсководители – силни генерали и адмирали. Меѓутоа, во својата огромна мудрост Соломон истакнува дека самосовладувањето е подостојно за почит и претставува вистинска големина во однос на секоја друга победа. Мерено со големината на човечкото искуство, заземањето на еден град е знаменита победа. Според божествените мерила, да се има контрола над самиот себе – да се биде господар над себеси – е многу поголемо достигање. Овие достигања не се наменети само за одбрани луѓе. Тие му стојат при рака на секого од нас. Секој самиот себеси си е најдобар пријател – или непријател!

Една стара нордиска легенда раскажува за некој човек кој верувал дека го гони некое зло суштество кое се обидува да му го загорчи животот. Тоа страшно суштество му го разурнало покривот на куќата, му ја уништило градината и му ја расипало летнината. Овој човек не можел повеќе да издржи па решил да се бори со чудовиштето. Почнала голема битка. Паднале на земја и се тркалале наоколу. Резултатот долго бил неизвесен. Најпосле, собирајќи ја сета сила, човекот го притиснал чудовиштето и цврсто го држел. Го извадил ножот да го убие непријателот, но во тој миг ветерот ги разделил облаците и сјаен зрак на Месечевата светлина го осветлил лицето на чудовиштето. На човекот му застанал здивот. Лицето било негово!