Текстови

Лоши зборови – клин во срце!

“Никој од луѓето не може да го скроти јазикот, немирно зло, полн со смртоносен отров. Со него Го благословуваме нашиот Господ и Татко, и со него ги проколнуваме луѓето, кои се создадени според Божјо подобие.“ (Јаков 3:9,10)

Дали некогаш сте се запрашале дали постои извор од кој тече слатка и горчлива вода? Вообичаено во природата не се сретнуваат такви извори, меѓутоа во Библијата е запишано дека постои таков извор со напомена дека треба да се исчисти од секаква горчина и да стане само сладок извор. Ајде да погледнеме еден пример.

Си било еднаш едно дете со многу лош темперамент. Еден ден, неговиот татко му дал кеса со клинци и му рекол да закова по еден клинец во оградата секогаш кога ќе се налути и ќе изгуби контрола над себеси. Првиот ден детето заковало 37 клинци во оградата. Ковањето на клинци му било навистина тешко и решил, да се потруди да се контролира секогаш кога ќе сака да каже нешто лошо. Колку што поминувало времето разбрало дека полесно му е да се контролира, отколку да кова клинци во оградата.

Следните неколку месеци детето научило да го контролира својот бес и бројот на закованите клинци од ден на ден се повеќе се намалувал. Дошол денот кога не бил закован ниту еден клинец во оградата. Кога детето му го кажало тоа на својот татко, тој му рекол:

Сине сега секој ден кога ќе успееш да го контролираш својот бес извади по еден клинец од оградата.

Деновите поминувале и еден ден детето му кажало на својот татко дека ги извадило сите клинци од оградата. Тогаш таткото му рекол:

Добро што го направи тоа сине, но погледај ја сега оградата колку дупки има на неа. Оградата нема повеќе да биде иста. Кога ќе кажеш некои работи во лутина, истите оставаат лузна во нечие срце, исто како што се овие дупки во оградата. Можеш да избодиш човек со нож, да го извадиш ножот и после тоа не е важно колку пати ќе се извиниш, раната останува.

Треба да знаеме дека вербалната рана е исто толку голема и исто толку болна колку и физичката. Кога во лутина некого ќе навредиме со некој наш кажан збор и ако после тоа му се извиниме, сепак останува раната, односно дупката што сме ја направиле во неговото срце. Затоа Бог да ни помогне да можеме повеќе да ги контролираме нашите зборови и постапки кон оние што не опкружуваат, за да не направиме дупки во нивните огради.

И ТАКА, СЕ ШТО САКАТЕ ДА ВИ ПРАВАТ ЛУЃЕТО, ПРАВЕТЕ ИМ И ВИЕ ТАКА. (Матеј 7,12)