Она што го мисли постарата генерација за помладата не се изменило многу во текот на изминатите векови. Се чини дека така би можело да се просуди според забелешката што е запишана во една од најстарите книги на светот, во книгата „учењето на Птахотеп“.- „Во овие страшни времиња, младите заборавиле на своето достоинство и на чесното однесување што го спроведувале во дело нивните предци.
Младите луѓе лекомислено ги тераат своите коли низ улиците не обѕирајќи се на животот на децата. Нашите тешти, младите жени го шминкаат лицето, ги црнат веѓите и ги бојадисуваат ноктите. Сите тие заборавиле на почитувањето што им го должат на годините и на мудроста и на почитувањето што треба да им го покажат кон луѓето со седа коса“.
Она што го мисли помладата генерација за постарата во голема мера зависи од возраста и од личноста. Некој тоа го изразил на овој начин:
„Осумгодишникот мисли: Мојот татко е мошне мудар. Тој знае се.
14-годишникот: Мојот татко не е толку паметен колку што сум мислел. Тој не знае се.
18-годишникот: Мојот татко не знае многу. Јас знам повеќе од него!
25-годишникот: Мојот татко е старомоден. Не ме разбира ниту мене, ниту времето во кое живееме.
40-годишникот: Сега го разбирам мојот татко. Тој обично беше во право и сите негови начела беа добри.“
Во Библијата постојат многу записи за недоразбирања меѓу младите и старите. Во една од најстарите книги на Библијата, Книгата за Јов, младиот Елијуј му кажува на Јов кој страда притиснат со својата несреќа и болест: „Јас сум млад по години, а вие сте старци, затоа јас се плашев и не се осмелував да ви го кажам моето мислење. Јас си велев: Нека говорат дните и многулетието нека поучува на мудрост. Но, има дух во човекот, и Духот на Седржителот го вразумува. Не само многулетните се мудри, ниту само старците знаат што е право. Затоа велам: ислушајте ме, ќе ви го кажам и јас моето мислење.“(Книгата за Јов,32,6-10)
Во плачот на Еремија стојат неколку стихови во кои се истакнува дека на постарите не им се укажува никаква почит или љубезност (Плач 4,16.5,12) Исаија се жали дека младите се бунат против авторитетот на своите старци (Исаија 3,5)
Од наведените текстови можеме лесно да заклучиме дека јазот меѓу генерациите не е ништо ново, дека секогаш донесувал неприлики и дека луѓето морале да вложуваат напори за до надминат неговото негативно дејствување.