Текстови

НАУЧИ ДА ШТЕДИШ

Штедливост значи одрекување од себеси…

Штедливост значи правилна употреба на парите, а не скржавост. Таа се разликува од скржавоста од една и од растурливоста од друга страна. Христијанската дефиниција за штедливост се наоѓа во Христовите зборови: „Соберете ги парчињата кои останаа за ништо да не пропадне“ (Јован 6,12).

Мнозина мразат штедење, сметајќи дека тоа е скржавост и тесноградост, но штедењето оди во чекор со најголемата дарежливост.

Всушност, без штедење нема ни вистинска дарежливост. Христијанската штедливост значи одрекување од себе си за да се даде на другите, а не одрекување од неколку мали задоволства за да се има едно големо.

Никој не може да биде добротвор и дарежлив без штедливост и самооткажување. Христијанската штедливост значи празнење на срцето од земните амбиции и вообразби. Таа значи целосна преданост на срцето на Бога за да знаеме како да се однесуваме во сите околности на животот. Тоа значи да се научи да се работи, зашто оние кои не научиле да работата, не знаат ниту да штедат, ниту да се одречат од себе.

ШТЕДЛИВОСТА Е ХРИСТИЈАНСКИ ПРИНЦИП. ХРИСТИЈАНИНОТ СЕ ЧУВСТВУВА ДОЛЖЕН ДА ШТЕДИ ЗА ДА ИМА ШТО ДА ДАДЕ за ублажување на маките на болните и страдањата на сиромашните. Штедливоста значи и внимателно гледање на влезот и излезот на парите. Парите потрошени за непотребни работи се фрлени пари. Штедливоста значи чување на секој денар, на секоја пара. Една паричка изгледа ситница или несериозна пара, како отпадок од голема сума, но не е така! Сто парички се еден денар, а вистински употребениот денар може некому да му го спаси здравјето и душата од пропаст. Затоа треба да се штеди денар по денар. Старозаветна објава за штедење може да се најде во зборовите на пророк Исаија преку кого Бог рекол: „Да го прекршуваш лебот со гладните и сиромасите и прогонетите да ги воведеш во својот дом. Кога ќе видиш гол да го облечеш и да не се криеш од своето тело“ (Исаија 58,7).

Штедливоста најдобро се учи од најраното детство. Секое дете треба да научи како се води книга на приходи и издатоци. Тоа е поважно за неговиот карактер од задачите како да ги решава замислените математички проблеми. Правилната употреба на парите, која ја нарекуваме штедливост, треба да се учи, да се учи како правилно да се користат, а не само да се ставаат во касичка за штедење. Било да ги добиле парите од родителите, или сами ги заработиле, младите треба да се научат како да бираат и купуваат своја облека, книгите и другите домашни и школски предмети. Запишувајчи го дневниот трошок, тие ќе ја научат вредноста на парите и како правилно се користат. Оваа вежба ќе ги научи да разликуваат штедење од скржавост. Единствено ако во животот усвоиле принципи на едноставност, самооткажување и строго штедење, многу млади и стари со право ќе можат да го носат името Христови следбеници и да го извршат делото: „Одете и научете ги така сите народи, учејќи ги да држат се што сум ви заповедал“ (Матеј 28,19-20).

Секој што смета дека е Христов следбеник, вредноста на штедливоста треба да ја сфати како принцип на христијанскиот карактер. Секој треба да научи да управува со парите. Во секој дом треба да има кутија за сиромашни и настрадани и да биде секогаш при рака. Некому му е потребен нашиот дар. Во светот има милиони гладни. Некој ќе каже дека неможам сите да ги нахрани. Но ако почне да ја негува христијанската доблест штедливост, во своето срце тој може да нахрани барем еден. „Соберете ги парчињата што ви останаа за да не пропадне ништо“, рекол Оној кој имал моќ да ги задоволи потребите на гладните на целиот свет. Иако располагал со силата и моќта а неизмерното богатство на вселената, сепак, Тој прогласил потреба од штедење, учејќи не на живот на самооткажување и жртва за другите.

Овие значајни Христови зборови не учат дека во секоја наша работа треба да го примениме принципот на штедливост и несебичност. На ѕидовите на нашите домови, наместо скапоцени слики, треба да стои: „Прекрши го својот леб со гладниот!“ На нашите витрини и гардероби треба да стои натпис: „Кога ќе видиш гол треба да го облечеш!“ Можеби такви и слични натписи треба да стојат покрај обилната храна на нашите трпези. Колку само средства се фрлаат за работи кои не се ништо друго освен идоли, луксуз и себични задоволства!

Не е потребно да навлегуваме во подробности како треба да се штеди и каде треба да се покаже христијанската штедливост. Сите што сакаат навистина да се однесуваат на христијански начин, ќе научат од Христа да работат и да штедат за вечноста. Штедливоста подразбира внимателност и точност во се што работиме. Овој принцип треба да го внесиме во сите подробности на секојдневниот живот и да размислуваме како да штедиме кога садиме и градиме, кога ѕидаме и кога вршиме каква било друга работа.

Учениците и сдудентите, наместо да зависат од самооткажувањето на своите родители, треба да се потпрат на себе како млади мажи и жени. Така и тие ќе научат како да ги ценат парите, вредноста на времето, на силата и приликите. Тоа ќе им помогне да не паднат во искушение да бидат мрзливи и расипници. За борба во животот на младите им е потребно да ја научат лекцијата за штедливоста, за вредноста на самооткажувањето, и за практичните работи во животот. Од Голема важност е принципот на штедење да се вгради во зградата на христијанскиот карактер и секој христијанин да сфати дека за парите е потребна каса, а не само сметки за исплата!

Многу убави работи во излозите ја поттикнуваат фантазијата не само кај децата туку и кај возрасните, но штедливоста не учи да пазиме да не им угодуваме на нашите желби. Покрај излозите штедливост значи отфрлање на сите идоли кои обично ги нарекуваме „Мали желби“ и задоволства. Не и угодувајте на својата фантазија. Да ги научиме и децата дека родителската љубов кон нив не мора да се изрази само со задоволување на нивните желби за играчки и расфрлање со скапи работи. Се што може да се искористи во домашинството треба да се искористи, а не да се фрли. Секако, за тоа е потребна мудрост, постојано внимание и размислување. Неспособноста да се штеди во малите работи е една од причините што многу семејства живеат во сиромаштво и немаштија. Расипници деца ќе бидат и расипници возрасни. Колку е драгоцен советот на Божјата реч за потребата од штедење во 1.Тимотеј 6,8: „А кога имаме за храна и за облека, со тоа да бидеме задоволни“.

Апостол Павле со својот живот докажал дека штедливоста била сјајна црта на неговиот карактер. Постојано пред себе го следел Христа и ги следел неговите траги на самооткажување и штедење, на грижливост и трудољубивост. На христијанските Цркви им напишал: „ Зашто позната ви е благодатта на нашиот Господ Исус Христос, како заради нас, од богат стана сиромашен за вие да се збогатите преку неговата сиромаштија… во сегашно време вашиот одвишок да ја покрие нивната скудност, и нивниот одвишок да послужи за вашата скудност, за да биде рамноправност“ (Кор. 8,9-14).

Штедливоста е прв чекор до вистинската христијанска еднаквост во добро и зло, во изобилие и скудност, прв чекор на патот на самооткажувањето по примерот на божествениот учител Исус Христос. Неговите зборови ,, полни со милост и сожалување за сите кои се гладни, нека ги вдахнат нашите срца да бидат штедливи за да можеме да бидеме дарежливи: „Соберете ги парчињата што останаа за ништо да не пропадне!“